Погрешен напад
26 ноември 2011Меѓу жртвите се наоѓаат и двајца офицери, а 15 лица се повредени во нападот. Инцидентот се случил во два часот наутро по локално време врз пакистански воен контролен пункт во „племенска зона“ во реонот Мохманд. Познато е дека во оваа област пакистанската армија води борба со талибанците и борците на Ал Каеда, кои продираат во Авганистан и извршуваат напади врз меѓународните сили, предводени од НАТО.
Медиумите објавија дека вршителот на должност амбасадор на Пакистан во Вашингтон Ифат Имран Гардези изразил остар протест до Стејт департментот поради нападот.
Претставник на пакистанските сили за безбедност во реонот на Кибер изјави дека досега 50 камиони со пратки за НАТО биле запрени пред да ја поминат границата со Авганистан. Педесет проценти од пратките, како што се гориво, храна и оружје, за силите на НАТО во Авганистан минуваат преку реонот на Кибер, кој е главен пат меѓу Пакистан и Авганистан.
Овој напад веројатно дополнително ќе ги влоши односите меѓу Вашингтон и Исламабад, сојузници во борбата против тероризмот, кои се посебно нарушени откако во мај во тајна операција на американските специјалци на пакистанска територија беше убиен лидерот на Ал Каеда Осама бин Ладен.
Автор: ЖА/СН/миа/дв
Редактор: Симе Недевски