Неизвесно по тесните избори
9 ноември 2015
Иако патриотската коалиција на ХДЗ, според првичните резултати освои 59 мандати, а коалицијата на СДП- 56, ниеден од двата блока ги нема потребните 76 гласови за составување влада. Идниот мандатар зависи од успешноста во преговорите со коалицијата на независните листи Мост која освои 19 места во Саборот.
Кампањата која ја водеа Социјалдемократите (СДП) и Хрватската демократска заедница (ХДЗ), резултираше со длабоки и видливи поделби во хрватското општество. Додека коалицијата на, сѐ уште, актуелниот премиер Зоран Милановиќ порачуваше дека Хрватска во изборот меѓу него и шефот на опозицијата Томислав Карамарко бира меѓу политика од која е искоренета корупцијата или враќање на старо, Карамарко сите карти ги стави на будење на националниот занес и приватизирање на Татковинската војна и патриотизмот. Нервозната кампања беше водена на доминанто идеолошко ниво, при што обете коалиции свесно ги занемарија своите економски програми.
„Суперхеројот“ Петров?
Токму оние гласачи кои не ја поддржаа политика на поделби, својот глас од протест му го дадоа на Мост, платформа без цврст идеолошки или политички сврзник, составена од локални политичари со различни гледишта и по некој научник. Лидерот на Мост, градоначалникот на Метковиќ Божо Петров така преку ноќ стана национален херој и многумина го гледаат и како иден премиер. „Ќе се занимаваме со јавното, а ќе заборавиме на приватното и не смееме да ги предадеме или изневериме нашите гласачи“, рече Петров.
Коалицијата веќе во текот на ноќта доби јасни понуди од двете страни.
Нема мир ни за претседателката Колинда Грабар Китаровиќ која во преткампањата и даде силен импулс на ХДЗ судирајќи се со владата по прашањето на бегалците, за подоцна целосно да се повлече од јавноста, како што и вети. Доколку, согласно уставните овластувања, мандатот мора да му го предаде на Зоран Милановиќ, пред неа се години на непријатна соработка и натамошна маргинализација на претседателската функција. „Поделбите треба да ги оставиме зад себе. Потребно е да се фокусираме на интересите на државата и граѓаните. Сите заедно мораме да ја одведеме Хрватска од кризата“, порача претседателката во честитката до Патриотската коалиција.
Поради бегалската рута која минува низ Хрватска и соседите со интерес ја очекуваат новата влада која би можела да ја продолжи политиката на диксретен и ефикасен трансфер на бегалците кон Германија и земјите од богатиот север, но и не мора, имајќи предвид дека десницата заговараше затворање на границите. Сепак, изгледите за „орбанизација“ на Хрватска се мали, бидејќи се работи за држава која сѐ уште го бара своето место во ЕУ и во која Германија се доживува како некој вид политички патрон. Доколку Карамарко ја освои власта, задача ќе му биде и смирување на националистичките страсти кои ги разбуди во кампањата и во која делуваше како да му е поблизок Виктор Орбан отколку политички „сродната“ Ангела Меркел чија поддршка ја бараше.
Бројни губитници
Губитници на изборите има многу. Граѓаните не го наградија кокетирањето со фашизмот и основањето на партиската војска на Бранимир Главаш кој освои само два мандати, иако најавуваше седум. Ни поранешниот претседател на државата Иво Јосиповиќ со својата партија Напред Хрватска не успеа да влезе во Саборот, за разлика од неговиот коалициски партнер и шеф на Народната партија на реформистите Радимир Чачиќ.